Присовјани (се среќава и како Присојани) — село во областа Малесија, во Општина Струга, сместено високо на падините на планината Караорман.

Потекло и значење на името

Присовјани го добило името по својата местоположба, односно изложеноста на сонцето или „присој“. Селото по прв пат во пишаните извори се јавува во век, но е доста постаро.

Географија и местоположба

мини|лево|300п|Поглед кон селото

Селото се наоѓа во областа Малесија, во источниот дел на Струшкото Поле. Сместено е во северниот дел на територијата на Општина Струга и на западните падини на планината Караорман, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца. Селото е планинско, на надморска височина од 1.040 метри. Од градот Струга, селото е оддалечено 24 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 2243.

Присовјани е село во јужниот дел на областа Малесија, а околни села се Црвена Вода на исток, Поум и Мислодежда на југ, Глобочица на запад и Збажди на север.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Распаќе, Гола Краста, Фурка, Рамни Камен, Голема Река, Гулеј Кошари, Самарница, Коча Река, Шумје, Горни Ливаѓе, Рамна Ливада, Мала и Голема Металица, Гавранов Камен, Кукуда, Градишта, Поле, Куќишта, Ружина Куќа, На Црков, Црвени Камења, Станишеец, Жални Присој, Мечкини Дупки, Гркиќо Гумно, Малиќа, Лепеинца, Солишта, Шабано Бачило, Присој, Студена Вода, Врглишта, Над Поле, Перулика, Попо Гумно, Куштица, Маркина Нива, Урвишта, Мартиница, Лаз, Кутел, Гребен, Лозја, Долна Ограда и Млака.

Присовјани е сместено на стрмен и нерамен терен. За време на поголеми дождови, малиот поток низ селото предизвикувал поплави. Во селото има две јаки чешми: Горна и Долна Чешма. Покрај чешмите, селото има и многу извори, потоци и реки.

Селските куќи се малку оддалечени едни од други. Поделено е на две маала: Горно и Долно, кои во минатото се нарекувале и по родовите Гргичевци и Шуминовци.

Историја

За време на Илинденското востание, целото село било запалено.

Во селото постои црквата „Св. Никола“ со гробишта, која била подигната во 1852 година, а нејзиниот живопис го изработил Аврам Дичов од Тресонче во 1874 година.

Во склоп на црковниот гробишта постои споменик за паднатите илинденци и партизани, а на патот до селото бил подигнат и споменик за првата слободна територија во Македонија во време на Втората светска војна.

Стопанство

мини|300п|десно|Земјоделска фарма во близина на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ кај селото Присовјани

Атарот зафаќа простор од 20,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.368 хектари, потоа следат пасиштата на површина од 430 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 195 хектари.

Селото има мешовита земјоделска функција. Во минатото, во селото постоела задружна продавница.

На скоро целиот атар на селото има големи површини на дабови и букови шуми и само на мали површини има плодни обработливи површини. Така, мештаните најмногу се занимавале со сточарство, а помалку со земјоделство. Со опаѓањето на сточарството започнало одењето на печалба.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Присовјани живееле 800 жители, сите Македонци.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Присовјани е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 60 куќи.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Присовјани имало 480 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.

Селото е мало, населено со македонско население и е доведено во фаза на наполно раселување. Така, во 1961 година селото имало 288 жители, а во 1994 година бројот се намалил на само 13 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Присовјани имало 11 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите 3 лица без податоци.

Родови

Присовјани е македонско село.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во периодот од 1948 до 1950 година, родови во селото биле: Доселеници: Грковци (39 к.), се делат на Треновци (7 к.), Трајковци со Спасевци (6 к.), Марковци (5 к.), Мојсовци (4 к.), Неловци со Кузмановци (4 к.), Вељановци (3 к.), Таневци (3 к.), Ристовци (1 к.), Петковци (1 к.) и Симоновци (1 к.). Потекнуваат од предокот Никола кој се доселил од некое место во Тракија. Во старото место бил заробен од турски бег и донесен овде. Овде се оженил со некоја девојка од Дримкол, или од селото Елевци и така го основал родот. Времето кога е доселен основачот на родот е во XVIII век; Шуминовци (22 к.), се делат на Петковци (5 к.), Котевци (4 к.), Лечовци (4 к.), Ќитовци (3 к.), Иловци (2 к.), Трпчевци (1 к.) и Милошовци (1 к.). Потекнуваат од предокот Митре кој бил исто така заробен од турски бег и донесен во селото. Тој бил однекаде од Шумадија во Србија. Овде се оженил со девојка од селото Тучепи во Голо Брдо и така го основал родот; Петревци (2 к.), Чукевци или Стрезовци (1 к.) и Митревци (1 к.), за овие три рода присовјанци велат дека се посебни родови. Митревци се доселени од сега раселеното село Славила кај Селци. А другите два рода се со непознато потекло.

Иселеништво

Од родовите се знае за следните иселеници до 1950-тите: од Грковци се иселени во: Софија (четири семејства од 1895 година), Австрија (четири семејства од 1906 година), Унгарија (две семејства од 1908 година), Чешка (две семејства од 1908 година), Грко Поле (од 1918 година, таму познати како Малесорци или Ристовци), Охрид (осум семејства од периодот помеѓу 1920 и 1923 година), Белград (две семејства од 1921 година), Скопје (две семејства од 1923 година), Пожаревац (едно семејство од 1933 година), Збажди (на имот на роднина од 1946 година) и во Битола (едно семејство од 1946 година); од Савевци (биле посебен род) се иселиле во: Јабука (едно семејство од 1946 година, двајца браќа); од Петревци се иселени во: Струга (едно семејство од 1946 година); од Чукевци се иселени во: Нови Сад (две семејства од 1936 година); и од Шуминовци се иселени во: Белград (две семејства од 1880 година), Нови Сад (едно семејство од 1890 година), Германија (три семејства од пред 1903 година, во Лајпциг и Ерфурт), Софија (три семејства од после 1903 година), и во Мороишта (од 1925 и 1948 година, познати како Трпчевци).

Родот Вељановци се иселил во Безово во Дебарски Дримкол. Во Присовјани припаѓале на родот Грковци.

Денес, селото е пред целосно изумирање. Иселувањата продолжиле и после 1950-та година, претежно во блиските градови Охрид и Струга.

Општествени установи

Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Присовјани било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Луково.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Луково.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото Присовјани, се наоѓале и селата Богојци, Брчево, Глобочица, Збажди, Локов, Мислодежда, Поум и ’Ржаново. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната општина Присовјани, во која влегувале селата Глобочица, Збажди и Присовјани.

Избирачко место

Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 1892 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште, а во кое влегуваат населените места Буринец, Локов, Присовјани, ’Ржаново, Селци и Збажди.

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи. На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Никола“

Археолошки наоѓалишта Кула или Градиште — утврдена населба од доцноантичкото време; Металица — средновековна населба; Селишта — средновековна црква; и На Црков — некропола од доцниот среден век.

Цркви Црква „Св. Никола“ — главна селска црква со гробишта; Црква „Св. Атанасиј“ — помала селска црква пред селото; Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — помала селска црква над селото; и Црква „Св. Богородица Ширшаја“ — најнова селска црква во селото.

Параклиси на наоѓалиштето Селишта Параклис „Св. Петар“; и Параклис „Св. Богородица“.

Споменици Споменик на НОБ на патот до селото; и Споменик на селските гробишта за паднатите борци за Македонија.

Реки Присовјанска Река — мала река пред селото, се влева во Збошка Река.

Редовни настани

Слави Атанасовден (зимен и летен) — селска слава

Личности

Родени во или по потекло од Присовјани Тасе Христов — македонски револуционер; Цветко Христов — македонски револуционер; Дојчин Христов — македонски револуционер; Таса Карамачоска (1923-) — учесник во НОВ на Македонија Петкана Јакимова Костоска (1901) — учесник во НОВ на Македонија Софка Георги Котевска (1919- ) — учесник во НОВ на Македонија Јован Котески (1932 - 2001) — македонски писател.

Галерија

Наводи

Поврзано Малесија Општина Струга Струга

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга