Луис Карл Дејвидсон Хамилтон (; 7 јануари 1985) е британски возач во „Формула 1“ шампион од 2008, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019 и 2020 година.
Хамилтон е роден во Стевенејџ, Хартфордшир, Велика Британија. Во Декември 1995 година, за време на церемонија при доделување на награди од автоспортот, на десетгодишна возраст Хамилтон му пришол на тимскиот шеф на Мекларен Рон Денис велејќи: „Еден ден сакам да се натпреварувам за Вас, ...сакам да возам за Мекларен“. За помалку од три години, Мекларен и Мерцедес–Бенц потпишаа договор со Хамилтон од Програмата за поддршка на млади возачи, додека по освојувањето на Британското првенство во формула 1, првенствата на Формула 3 и ГП2 тој веќе беше на пат да ја оствари својата желба. Луис Хамилтон во 2007 година го имаше неговото деби во Формула 1 за Мекларен, 12 години по првиот разговор со Рон Денис. Договорот од Програмата за развој на возачи на Мекларен му овозможи на Хамилтон да обезбеди професионален договор со што подоцна постана најмладиот возач во историјата на Формула 1. Потекнувајќи од мешовито семејство, татко црнец и мајка белка, често се споменува дека Хамилтон е првиот црномурест возач во Формула 1, иако Вили Т. Рибс бил тест возач на Ф-1 од 1986 исто така со црно потекло. Тој бил првиот возач од вакво потекло кој победил на трка на патеката во Индијанаполис. Во неговата прва сезона Луис Хамилтон постави бројни рекорди и водеше битка со Кими Раиконен до последната трка, во која го загуби првенството за само еден бод. Следната сезона тој за првпат стана светски шампион во Формула 1 натпреварувањето.
Животопис Луис Хамилтон е роден на 7 јануари 1985 година, во Стевенејџ, Хертфордшир, Англија, а неговото име го добил по американскиот спринтер Карл Луис. Детето од мешана раса имало само две години кога неговата мајка Кармен Ларбалестир (Британка од бела раса) и таткото Ентони Хамилтон (Британец од црна раса чии родители во педесеттите години емигрирале од Гренада во Британија)се разделиле. Луис оттогаш па сè до неговата дванаесетта година живеел со неговата мајка и двете полусестри, па потоа продолжил да живее со неговиот татко, маќеата Линда и полубратот Николас (кој боледува од церебрална парализа). Неодамна, на почетокот на 2011 година, Николас потпиша договор со Тотал Контрол Рејсинг (англиски: Total Control Racing) за започнување на тркачка кариера во рамките на Рено Клио купот. Луис Хамилтон од страна на неговиот татко бил одгледан како римокатолик. На петгодишна возраст тој за првпат го почувствувал управувањето „автомобил“ кога за поклон од татка си добил автомобил на далечинско управување. Една година потоа Хамилтон завршил на второто место во британското првенство за управување возила со далечински управувач (англиски: British Radio Car Association или BRCA). Тој подоцна изјавуваше: „Ги возев тие колички со далечински управувач и освојував клупски првенства против постари од мене“. За возврат Ентони на својот шестгодишен син за Божиќ му подарил картинг автомобил. Тој го убедувал Хамилтон дека ќе продолжи да ја поддржува неговата тркачка кариера сè додека биде одличен ученик. Сепак поддржувањето на својот син станало потешка задача, па бил приморан да се откаже од својата тогашна работна позиција како ИТ менаџер и да работи како договорен изведувач. Тој понекогаш бил ангажиран и на три работни места истовремено, но и покрај тоа Ентони успевал да одвои доволно време за да присуствува на трките на кои неговиот син се натпреварувал. Подоцна Ентони Хамилтон основал своја фирма за компјутери и истовремено работел како управител на Луис Хамилтон. Денешен управител на Хамилтон е Сајмон Фулер. Луис Хамилтон се образувал во средното државно училиште Џон Хенри Њуман во Стевенејџ, Хертфордшир. Покрај интересот за брзинските спортови, Хамилтон играл фудбал за фудбалскиот сојуз на неговото училиште заедно со денешниот репрезентативец на Англија, Ешли Јанг. Хамилтон тврди дека доколку не успеал во Формула 1, би бил фудбалер или играч на крикет, бидејќи претходно настапувал за младинците на своето училиште. Тој е меѓудругото голем навивач на фудбалскиот клуб Арсенал. Подоцна Хамилтон посетувал напредната настава на високоценетиот приватен колеџ на науките и уметностите во Кембриџ (англиски: Cambridge Arts and Sciences, CATS). Кога имал пет години тој вежбал карате за да се одбрани при честите школски тепачки. Во Октомври 2007 година, Хамилтон ја откри својата намера во јавноста за преселба во Швајцарија, велејќи дека тоа била одлука за одбегнување на честиот медиумски надзор во Британија. На британското ТВ шоу Паркинсон, тој бил запрашан дали високите даноци во земјата биле клучната причина за таквата одлука, но тој одговорил дека едноставно сакал поголема приватност. Хамилтон добил јавни критики дури од британски пратеници, вклучувајќи го и пратеникот на Либералната демократска партија Боб Расел, чие мислење било избегнување на британските даноци. Тој се преселил во малото место Луинс, во кантонот Вауд, крај езерето Женева, каде покрај него во Швајцарија живеат и други Формула 1 возачи како Михаел Шумахер, Кими Раиконен и Фернандо Алонсо. Луис Хамилтон беше еден од неколкуте супер богати личности кој во 2008 година беше искритикуван поради даночни обврски во извештај на хуманитарната организација „Кристијан Ејд“ (англиски: Christian Aid). На 18 декември 2007 година, Хамилтон беше казнет со едномесечна забрана за возење во Франција и одземање на неговиот Мерцедес Бенз ЦЛК, откако тој на некој од француските автопати возел 196 км/. Во Ноември истата година Хамилтон почна да излегува со водечката пејачка на амеркинаскиот поп бенд, Никол Шерцингер. Во јануари 2010 година, беше објавено дека тие повеќе не се заедно, наводно поради посветување на нивните кариери, меѓутоа тие биле повторно забележани на Турското гран при и Гран прито на Монтреал, Канада, на 13 јуни 2010. На новогодишните награди во 2009 година, Хамилтон беше награден со МБЕ орден на Британската Империја од Кралицата Елизабета II. На 18 март 2009 година, во музејот Мадам Тисо во Лондон беше претставена восочната фигура на Луис Хамилтон во неговиот препознатлив тркачки костум. Целата восочна копија чини околу 150.000 £ и за истата да се изработи биле потребни шест месеци. Два дена пред Австралиското гран при во 2010 година, викторијанската полиција сведочеше за неконтролираното возење на Хамилтон низ улиците во Австралија кога и неговиот Мерцедес Ц63 АМГ му беше 48 часа одземен. Тој веднаш објави извештај со извинување поради неговото темпераметно возење, но откако беше обвинет за намерно губење на контрола на возило, на крајот беше казнет со 500 австралиски $. Во јуни 2011 година, таткото на Никол Шерцингер откри дека Хамилтон и неговата ќерка се верени, меѓутоа веста веднаш потоа беше демантирана на „Твитер“ од стрна на Шерцингер. Во октомври 2011 беше соопштено разделувањето на Хамилтон и Шерцингер. На почетокот на 2012 година, тој го промени неговото живеалиште од Швајцарија во Монако. Истата година тој настапува во новиот анимиран филм „Tooned“ заедно со Џенсон Батон и комичарот Александер Армстронг.
Почетокот на кариерата Картинг Луис Хамилтон ја започнал картинг кариерата на осумгодишна возраст на патеката Рај Хаус Карт (англиски: Rye House Kart Circuit) и набргу потоа започна да победува и освојува првенства во класа на кадети. Кога имал десет години тој му пришол на шефот на тимот на Мекларен Рон Денис барајќи автограм, при што рекол: „Здраво, јас сум Луис Хамилтон. Победив на британското првенство и еден ден сакам да се натпреварувам со вашите автомобили“. Рон Денис покрај автограмот напишал: „Побарај ме за девет години, тогаш ќе се обидеме да направиме нешто повеќе“. Хамилтон најпрво настапуваше за Зип Јанг Ганс картинг тимот на повеќекратниот шампион Мартин Хајнс (англиски: Zip Young Guns Каrt Теam). Потоа во 1997 година, тој напредуваше од редовите на кадети до тимот на Јуниор Јамаха и откако повторно победи во првенството Супер Оне и го освои второто првенство, Рон Денис го исполни своето ветување и го ангажираше Луис Хамилтон во програмата за развој на возачи на Мекларен. Во договорот била вклучена можност за идно возачко место во Ф-1, со што подоцна Хамилтон би станал најмладиот професионален возач во историјата на Формула 1.
Хамилтон продолжи да напредува и тоа во повеќе картинг серии: Интерконтинентална А (1999), Формула А (2000) и Формула Супер А (2001). Во 2000 година тој беше Европски шампион со максимум освоени бодови. Негов тимски колега од ТимМБМ.ком (англиски: TeamMBM.com) во Формула А и Формула Супер А беше Нико Розберг, подоцна возач за Формула 1 тимовите на Вилијамс и Мерцедес ГП. По неговите успеси во картинг сериите, во 2000 година, Клубот на британските автомобилисти го назначи Хамилтон како член на „идна ѕвезда“. Во 2001 година, Михаел Шумахер се одлучи за еднократно враќање во картинг сериите и се натпреваруваше токму против Хамилтон како и другите идни Формула 1 возачи Витантонио Лиуци и Нико Розберг. На крајот на трката Хамилтон заврши седми, односно четири места зад Шумахер. Иако двајцата немаа некој позначаен двобој во текот на трката, сепак Шумахер го пофали младиот Британец. „Тој е квалитетен возач, доста силен, а има само 16 години. Доколку продожи вака, сигурен сум дека ќе ја достигне Формула 1. Посебно драго е да се види дете на ваква возраст на патеката. Повеќе од очигледно е дека тој има тркачки менталитет“. -Изјави Михаел Шумахер за Хамилтон во 2001 година.
Формула Рено и Формула 3 Хамилтон ја започна неговата автомобилистичка тркачка кариера во 2001 година, во Британскато формула рено зимско првенство (англиски: British Formula Renault Winter Series). Покрај неговиот судар во третиот круг при едно тест возење, тој ја заврши сезоната на петтото место во ова првенство. Тоа му овозможи во 2002 година уште една натпреварувачка кампања и настап за тимот на Манор Мотоспорт. На крајот на сезоната тој заврши на третото место со три победи и три пол позиции. Хамилтон остана во тимот на Манор уште една година во која го освои првенството со десет победи, 419 бода за разлика од неговиот најблизок соперник Алекс Лојд, кој издвојува само две победи и 377 бода. Откако го освоил првенството, Хамилтон ги пропушти последните две трки за да може да дебитира на сезонското финале во Британското формула 3 првенство. Овде тој беше не толку успешен откако на првата трка тој се повлече поради откажување на пневматик, додека на следната Хамилтон беше одведен во болница поради колизија со тимскиот колега Тор Грејвс. Тој покажа колку е навистина брз на Гран прито на Макао и Големата награда на Кореја, каде што ја освои пол позицијата во неговата прва посета на оваа патека и вкупно трета трка во Ф-3. Запрашан во 2002 година околу шансите за да стане еден од најмладите Формула еден возачи, Хамилтон одговори дека негова цел е: „не само најмлад во Ф-1... [но] да стекнам искуство и потоа да покажам што можам да направам во Ф-1“. Кон крајот на 2004 година, Вилијамс објавува вест дека биле блиску до потпишување на Луис Хамилтон, меѓутоа оваа можност била отфрлена од снабдувачот на мотори на Вилијамс од тоа време, БМВ, одбивајќи да инвестираат за Хамилтон. Тој на крајот одново потпиша со Мекларен и во 2004 година дебитираше со Манор во првенството на Еуро Формула 3. Тимот на Манор на чело со Хамилтон забележа една победа и го завршија првенството на петтото место. Тој исто така во Ф-3 забележал победа на Големата награда на Бахраин и возеше на една од големите награди на Макао Ф-3. Во 2004 година Хамилтон за првпат тестираше за Мекларен на патеката Силверстоун.