мини|десно|300п|Кина за време на династијата Минг околу 1580 г. Династијата Минг, исто така наречена Царството на Големиот Минг, била владејачката династија во Кина цели 276 години (1368-1644) после колапсот на монголската династија Јуен. Минг, опишана од некои како една од најголемите ери на уредно владеење и социјална стабилност во човековата историја, била последната династија во Кина предводена од етнички Хан кинези. Иако главниот град Пекинг паднал во 1644 година при бунт предводен од Ли Цеченг (кој ја основал Шуен, која подоцна била заменета со манџурската династија Ќинг), режимите лојални на Минг — збирно наречени Јужен Минг - преживеале сè до 1662.
Царот Хунгву (владеел 1368-98) се обидел да создаде општество на самоодржливи рурални заедници подредени во ригиден, немобилен систем кој би гарантирал и издржувал трајна класа војници за неговата династија. Постоечката војска на империјата броела над 1 милион војници а морнаричките пристаништа во Нанѓинг биле најголемите во светот. Исто така се погрижил за кршењето на моќта на дворските евнуси и неповрзаните магнати, давајќи им земја низ цела Кина на многуте негови синови и се обидел да ги води овие принцови преку публикувани династички инструкции. Ова пропаднало спектакуларно кога неговиот наследник-тинејџер се обидел да ја сопре моќта на својот вујко, предизвикувајќи го востанието кое го поставило Принцот од Јан на престолот како царот Јонгл во 1402. Царот Јонгл го поставил Јан како секундарен главен град и го преименил во Пекинг, го изградил Забранетиот град, и повторно го пуштил во употреба Големиот Канал. Го вратил и приматот на империјалните испитувања во официјални состаноци. Ги наградил своите следбеници-евнуси и ги вработил како противтежа на конфуцијанските учени-управници. Еден, Зенг Хе, водел седум огромни истражувачки патувања во Индискиот Океан сè до Арабија и брегот на Африка.
Појавата на нови цареви и нови фракции ги намалило ваквите екстравагантности; а целосно завршиле со заробувањето на Царот Џенгтунг за време на Кризата Туму од 1449 година. Со принудна работа се изградила палисадата Љаодунг а се поврзал и утврдил Кинескиот ѕид во својата тогашна форма. Широки пописи на населението низ целата империја се спроведувале на секои 10 години, но желбата да се избегне работа и даноци и тешкотиите при складирање и прегледување на огромните архиви во Нанѓинг оневозможувале точни бројки. Проценки за подоцнежната популција на Минг варираат од 160-200 милиони. Но потребните приходи биле црпени од се помал број на фармери бидејќи сè повеќе исчезнувале од официјалните досиеја или ја “донирале” својата земја на евнуси или храмови изземени од плаќање данок. Законите Хајџин кои биле со намера да ги заштитат бреговите од Јапонските пирати наместо тоа успеале да претворат дел од своите граѓани во шверцери и пирати.
Сепак до 16 век, експанзијата на европската трговија – иако ограничена на острови близу Гуангџоу, како Макао – ја раширила размената на земјоделски култури, растенија и животни во Кина, донесувајќи чили пиперки во сичуанската кујна и високо продуктивните жито и компири, кои го намалиле гладот и го поттикнале растот на населението. Растот на Португалската, Шпанската и Холандската трговија создала нова побарувачка за кинеските производи и произвела масивен увоз на јапонско американско сребро. Оваа поволност и дозволило на Минг конечно да ги избегне книжните банкноти, кои започнале хиперинфлација во 1450-тите. Иако традиционалните конфуцијанци се противеле на оваа улога на трговијата, власта под Ванг Јангминг овозможила уште поголема комотност. Почетните успешни реформи на Џанг Јуженг се покажале катастрофални кога намаленото земјоделство предизвикано од Малото Ледено Доба било пресретнато со јапонски и шпански политики кои брзо го прекинале дотурот на сребро кое сега им било потребно на луѓето за да плаќаат даноци. Заедно со пропаднатите жетви, поплавите и епидемија, се сметало дека династијата го загубила Небесен мандат и паднала пред бунтовникот Ли Цеченг и манџурската инвазија.
Историја
Главна статија: Историја на Династијата Минг За посеопфатна листа, видете Список на цареви на Династијата Минг
Основање
Револт и бунтовничко соперништво
Династијта Јуен која била водена од монголци (1271-1368) владеела пред поставувањето на Династијата Минг. Заедно со етничката дискриминација против Хан кинезите која разгорувала омраза и бунт, други објаснувања за падот на Јуен можат да бидат и преголемото собирање даноци во области тешко погодени од инфлација, и масовни поплавувања од Жолтата Река како резултат на непостоење на никакви иригациони проекти. Како резултат на сево ова, земјоделството и економијата биле разнишани а започнал и бунт меѓу стотиците илјади селани кои морале да ги поправаат штетите од Жолтата Река.
Голем број групи на Хан кинези се бунтувале, вклучувајќи ги и Црвените Турбани во 1351. Црвените Турбани биле поврзани со Белиот Лотос, будистичко тајно друштво. Жу Јуенџанг бил сиромав селанец и будистички монах кој им се придружил на Црвените Турбани во 1352, но наскоро добил голема репутација откако се оженил со посвоената ќерка на еден командант на бунтовниците. Во 1356, бунтовничките сили на Жу го освоиле градот Нанѓинг, кој тој подоцна ќе го постави како главен град на Династијата Минг. Со паѓањето на Династијата Јуен, конкурентските бунтовнички групи започнале да се борат за контрола врз земјата и со тоа да добијат право да постават нова династија. Во 1363, Жу Јуенџанг го елиминирал својот најголем соперник и водач на бунтовничката фракција Хан, Чен Јулианг, во Битката на езерото Појанг, можеби најголемата поморска битка во историјата. Познати по својата амбициозна употреба на огнени бродови, силите на Жу од 200.000 Минг морнари ја совладале бунтовничката Хан воена сила која била повеќе од трипати поголема, околу 650.000 војници. Со битката се уништила и последната опозициска бунтовничка фракција, оставајќи го Жу со неоспорена контрола врз богатата долина на Јангцекјанг, и цементирајќи ја својата моќ на југот. Откако династичкиот водач на Црвените Турбани сомнително починал во 1367 додека бил гостин кај Жу, не останал никој кој бил приближно способен да го оспори неговиот пат кон престолот, и ги прикажал своите империјални амбиции со праќање војска кон главниот град на Јуен, Даду (сегашен Пекинг) во 1368. Последниот цар на Јуен побегнал на север во Шангду и Жу го прогласил основањето на Династијата Минг откако ги срамнил палатите на Јуен во Даду, и го преименил градот во Пекинг истата година. Жу Јуенџанг го зел името Хунгву или “Многу борбен” како име на неговата ера.
Владеење на Царот Хунгву
Хунгву веднаш се обидел да ја изгради државната инфраструктура. Изградил ѕид околу Нанѓинг долг 48 километри како и нови палати и владини простории. Во Историјата на Минг е наведено дека уште во 1364 Жу Јуенџанг започнал да изготвува нов конфуцијански законик, наречен Да Минг Лу, кој бил завршен во 1397 и повторувал одредени клаузули од Законикот Танг од 653г. Хунгву организирал воен систем познат како веисуо кој бил сличен со фубинг системот од Династијата Танг (618-907). Во 1380 Хунгву го егзекутирал канцеларот Ху Веијонг под сомнение за заговор против него; после ова Хунгву ја укинал позицијата Канцелар и сам ја презел оваа улога и улогата на цар заедно, преседан кој е најчесто проследен низ целиот период на Минг. Поради зголемено сомневање кон неговите министри и поданици, Хунгву ја основал Џинуи Веи, тајна полициска мрежа собрана од неговата гарда. Тие биле делумно одговорни за загинувањето на 100.000 луѓе при неколку чистки во период од три децении.
Југозападна граница
Главна статија: Освојувањето на Јинан од страна на Минг
Во Ќингхај, муслиманите Саларц доброволно паднале под власта на Минг, нивните водачи капитулирале околу 1370г. Трупи на Ујгур под команда на војсководец Хала Баши го потиснале востанијата Миао од 1370-тите и се сместиле во Чангде, Хунан. Муслиманските трупи Хуи исто така се сместиле во Чангде, Хунан откако им служеле на Минг во кампањи против други домородни племиња. Во 1381, династијата Минг ги анектирала териториите на југозападот кои порано биле дел од Кралството Дали, после успешните обиди на војските на муслиманите Хуи под водство на Минг. Тие ги поразиле војските на муслиманите Хуи и монголци кои биле верни на династијата Јуен во провинцијата Јинан. Трупите на Хуи под водство на војсководецот Му Јинг, кој бил назначен гувернер на Јинан, биле населувани во регионот како дел од обидите за колонизација. До крајот на 14 век, околу 200.000 воени колонисти населиле околу 2.000.000 (350.000 хектари) земјиште во она што сега е Јинан и Гуејџоу. Околу половина милион кинески доселеници пристигнале во подоцнежните периоди; овие миграции предизвикале голема промена во етничкиот состав на регионот, бидејќи порано повеќе од половина од населението не беа Хан народи. Незадоволството од такви големи промени во населението и како резултат на владиното присуство и политики предизвикале повеќе Миао и Јао револти во 1464-1466, кои биле задушени од страна на 30.000 Минг војници (вклучувајќи 1.000 Монголи) кои се приклучиле на 160.000 локални Гуангси. Откако научникот и филозоф Ванг Јангминг (1472-1529) потиснал друг бунт во регионот, тој се залагал за единствена, унитарна администрација на кинески и натурализирани етнички групи, со цел да се асимилираат локалните народи.
Односи со Тибет
Главна статија: Тибет за време на династијата Минг
Во Мингши - официјалната историја на династијата Минг составена подоцна од страна на Кинг династијата во 1739-се вели дека Минг основала патувачки команди за надгледување на тибетската администрација, а исто така и обновувала титули на екс-Јуен претставници од Тибет и доделувала нови титули на водачите на будистичките секти во Тибет. Сепак, Турел В. Вили вели дека цензурата во Мингши во корист на зацврстување на престижот и угледот на Минг ја прикрива суптилната историја на Синотибетските односи за време на ерата Минг. Денешните научници сè уште дебатираат дали Минг воопшто имала суверенитет врз Тибет, бидејќи некои веруваат дека тоа било слободно сузеренство кое било главно пресечено кога царот Џиаџинг (1521-67) го гонел будизмот во корист на даоизмот на суд, а некои научници веруваат дека големата религиозна природа на односите меѓу дворот на Минг и тибетските лами не е доволно презентирана во денешното образование. Други го подвлекуваат комерцијалниот аспект на односите, забележувајќи го недостатокот од коњи во династијата Минг и потребата да се задржи трговијата чај-коњи со Тибет.
Минг иницирала спорадични воени интервенции во Тибет во текот на 14 век, а понекогаш Тибеќаните имале успешен вооружен отпор против нападите на Минг. Патриша Ебреј, Томас Лерд, Ванг Џиавеј и Нима Гианкаин сите укажуваат дека династијата Минг немала постојан гарнизон војници во Тибет, за разлика од поранешната монголска Јуен династија. Царот Ванли (владеел во 1572-1620) направил обиди повторно да се воспостават Синотибетски односи во пресрет на монголско-тибетскиот сојуз инициран во 1578 година, кој влијаел на надворешната политика на следната манџурска династија Ќинг (1644-1912) на Кина, во нивната поддршка за далај-лама од сектата Жолтокапите. До крајот на 16 век, Монголците се покажале како успешни вооружени заштитници на далај-ама од Жолтокапите по нивното зголемено присуство во регионот Амдо, кулминирајќи со освојувањето на Тибет во 1642 година од страна на Гуши Кан (1582-1655).
Владеењето на Царот Јунгле
Главна статија: Јунгле
Издигнување до моќта