Фабио Фоњини (роден на 24 мај 1987 во Санремо, Италија) е професионален италијански тенисер. Негово највисоко место на АТП листата е 24-то место, којшто го достигнал на 22 април 2013 година.
Земјината подлога е негова омилена подлога, на која го има забележано своето единствено четвртфинале на еден гренд слем, на Отвореното првенство на Франција 2011. Тој исто така бил полуфиналист на Мастерсот во Монте Карло во 2013.
Кариера Јуниор Како јуниор, Фоњини остварил вкупно 72 победи и 36 порази во поединечна конкуренција, и се искачил на 8-то место во комбинираниот ранкинг на 24 мај 2004 година.
Јуниорски Гренд Слем резултати
Отворено првенство на Австралија: Четвртфинале (2004) Отворено првенство на Франција: Четвртфинале (2004) Вимблдон: 1 Коло (2003, 2004) Отворено првенство на САД: 3 Коло (2003)
2004–2006 Фоњини ја започнал својата професионална кариера играјќи на повеќе фјучрс и челинџер турнири, освојувајчи 2 фјучерс титули во 2005 година. Истата година, тој за првпат се пласирал на еден турнир од АТП Челинџер Серијата во Палермо. За време на 2006, Фоњини имал просечен успех на челенџер турнирите, и го направил своето деби на еден турнир од АТП Светскиот Тур на турнирот во Буенос Аирес. Тој бил поразен уште во првото коло од поранешниот светски играч број еден Карлос Моја, кој подоцна и го освоил турнирот.
2007 Во 2007, Фоњини покажал сериозен напредок, квалификувајќи се за Ролан Гарос, каде што го остварил своето прво учество на еден Гренд Слем турнир. Тој бил поразен во првото коло од 35-от играч во светот, Хуан Монако во пет сета. Потоа, тој покажал одлични игри на Мастерсот во Монтреал, Канада. Квалификувајќи се за турнирот, тој забележал победа над Питер Полански во првото коло, а потоа во второто коло остварил победа над Енди Мареј во два сета. Во третото коло Фоњини бил запрен од 1-от играч во светот, Рожер Федерер."Roger Races On" , Официјално мрежно место на Рожер Федерер, 9 август 2007.
Фоњини годината ја завршил за првпат во првите 100 на АТП листата, на 94-то место.
2008 Фоњини ја започнал 2008 со настапот на Отвореното првенство на Австралија, каде во првото коло бил поразен од Мајкл Расел во пет сета.
Фоњини ја започнал сезоната на Земјина подлога на турнирот во Виња дел Мар, Чиле, каде успеал да стигне до четвртфиналето, претходно победувајќи го специјалистот на Земјина подлога а воедно и втор носител, Хуан Игнасио Чела. Една недела подоцна, тој се искачил скалило повисоко, пласирајќи се во полуфиналето на Отвореното првенство на Бразил, каде бил поразен од Николас Алмагро.
Откако го пропуштил Отвореното првенство на Франција поради повреда, Фоњини се вратил на тениските терени во добар ритам, пласирајќи се во полуфиналето на Отвореното првенство на Полска каде по четвртфиналната победа над Гуљелмо Кањас, бил поразен од Николај Давиденко со 2–6, 3–6. На третиот Гренд Слем во годината, Вимблдон, Фоњини доживеал пораз уште во првото коло од Марат Сафин.
По почетниот пораз во првото коло на Отвореното првенство на Шведска од Робин Седерлинг, Фоњини се појавил на турнирот во Умаг, Хрватска. Тој остварил победи над Ричардас Беранкис, Филипо Воландри и Карлос Моја редоследно, и бил сопрен во полуфиналето од Фернандо Вердаско, кој подоцна и го освоил турнирот.
На Отвореното првенство на САД, Фоњини за првпат бил дел од главниот ждреб и бил поразен во првото коло од Вејни Одесник. Во септември, Фоњини го забележал својот прв настап за италијанскиот дејвис куп тим против Летонија, каде бил поразен од летонецот Ернест Гулбис.
Фоњини годината повторно ја завршил во најдобрите 100 на АТП листата, овојпат на 92-то место.
2009 Фоњини новата сезона ја започнал на Отвореното првенство на Австралија. Тој во првото коло бил подобар од казахстанецот Андреј Голубев, но во второто претрпел пораз од Николас Алмагро.
По неколку лоши турнири, Фоњини се вратил во форма на Мастерсот во Монте Карло, каде откако ги поминал квалификациите, успеал да забележи победи над Томаш Бердих во првото коло, и над Марин Чилиќ во второто коло. Во третото коло, тој бил поразен од Енди Мареј со 6–7, 4–6. Една недела подоцна, тој играл на Отвореното првенство на Барселона, каде откако успешно ги минал дветте квалификациски кола, загубил во првото коло од Даниел Химено-Травер.
На Мастерсот во Рим, Фоњини во првото коло забележал победа над Филипо Воландри, но во второто коло бил поразен од Жил Симон. Тој повторно доживеал пораз од Симон, овојпат во второто коло од Мастерсот во Мадрид со 3–6, 2–6. Следен турнир за Фоњини бил Гренд Слемот во Париз, каде по трите победи во квалификациите, загубил во првото коло од русинот Игор Андреев во пет сета.
Фоњини ја започнал сезоната на тревна подлога, на терените на Квинс Клубот во Лондон со поразот во првото коло од Кевин Андерсон. Потоа следел турнирот во Истбурн, каде Фоњини претрпел пораз од Дмитриј Турсунов. На Вимблдон, Фоњини остварил победа над Денис Истомин во првото коло, но во второто коло бил запрен од Давид Ферер со 2–6, 2–6, 3–6.
Во јули, тој стигнал до полуфиналето на турнирот во Штутгарт. Тој славел победи над Фабрис Санторо, Пол-Анри Матје и Николај Давиденко редоследно, пред да биде поразен од романецот Виктор Ханеску со 3–6, 7–6, 2–6. Една недела подоцна, тој се појавил на турнирот во Хамбург, каде бил поразен во второто коло од Робин Седерлинг.
На последниот Гренд Слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Фоњини бил поразен уште во првото коло од Јарко Ниеминен. Потоа следел настапот на Отвореното првенство на Романија, каде бил сопрен во четвртфиналето од Алберт Монтањес, откако претходно забележал победи над Даниел Химено-Травер и Николас Алмагро. Следен турнир за Фоњини бил Отвореното првенство на Кина, каде откако ги минал двете квалификациски кола, бил поразен од Виктор Троицки.
На Мастерсот во Шангај, Фоњини успешно ги поминал квалификациите и во првото коло го победил Ернест Гулбис, реванширајќи му се за победата во Дејвис купот минатата година. Во второто коло, Фоњини бил поразен од 2-от носител Новак Ѓоковиќ со 3–6, 1–6. Последен турнир за Фоњини во годината бил турнирот во Санкт Петербург, каде загубил уште во првото коло од украинецот Иљја Марченко.
Фоњини ја завршил годината со резултат од 20 победи и 26 порази, на 54-то место на АТП листата.
2010 Фоњини ја отворил новата сезона со три последователни порази во првото коло. Најпрво, на Отвореното првенство на Катар, бил поразен од Иво Карловиќ, а потоа и на турнирот во Оукленд, каде доживеал пораз од Јирген Мелцер. Неуспешниот старт, Фоњини го заокружил со настапот на Отвореното првенство на Австралија, каде загубил од американецот Тејлор Дент. Првите две победи во годината Фоњини ги забележал на Отвореното првенство на Бразил, каде остварил победи над Мартин Васаљо Аргуељо во првото коло и над Марсел Гранољерс во второто коло, пред да биде поразен од Лукаш Кубот во третото коло.
Лошите резултати, Фоњини ги продолжил на турнирот во Буенос Аирес со поразот во првото коло од Игор Андреев. На Отвореното првенство на Мексико, Фоњини повторно доживеал пораз во првото коло, овојпат од Фернандо Вердаско. Следен турнир за Фоњини бил Мастерсот во Индијан Велс. Тој во првото коло остварил победа над Оливер Рохус, но во второто коло бил совладан од Хуан Монако. Последен турнир на американско тло, пред европската турнеја, бил Мастерсот во Мајами, каде Фоњини доживеал пораз во првото коло од Микаел Лодра.
Европската турнеја, Фоњини ја започнал на Мастерсот во Монте Карло со поразот во првото коло од Андреас Сепи. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Србија, тој бил поразен во второто коло од миленикот на домашната публика, Новак Ѓоковиќ. Потоа следел Мастерсот во Мадрид, каде Фоњини турнирот го завршил во првото коло со поразот од Филип Печнер.
И покрај лошите резултати на Земјина подлога во последниот период, Фоњини успеал да стигне до третото коло од Ролан Гарос. Тој во првото коло забележал победа над ветеранот Николас Масу, а во второто коло бил подобар од домашниот тенисер, Гаел Монфилс, во меч кој траел два дена и во кој Фоњини ги загубил првите два сета. Во третото коло тој бил поразен од швајцарецот Станислас Вавринка. На Вимблдон, Фоњини му се реванширал на Фернандо Вердаско за претходниот пораз, победувајќи го со 7–6, 6–2, 6–7, 6–4 во првото коло, а потоа во второто коло остварил победа над Мајкл Расел. Како и на Ролан Гарос, тој доживеал пораз во третото коло, овојпат од французинот Жулијен Бенето.
Следен турнир на кој Фоњини играл бил Отвореното првенство на Шведска, каде во првото коло славел над домашниот тенисер Филип Прпиќ, но во второто коло бил поразен од Давид Ферер. Една недела подоцна тој продолжил на турнирот во Хамбург. Тој забележал победи над Рубен Рамирес Идалго во првото коло и над Марк Гикел во второто коло, а потоа во третото коло бил запрен од Андреас Сепи.
На Мастерсот во Монтреал, Фоњини успешно ги минал двете квалификациски коло и влегол во главниот ждреб. Тој стигнал до второто коло, каде бил поразен од Николај Давиденко, откако во првото коло забележал победа над Радек Штепанек. На следниот мастерс во Синсинати, САД, Фоњини не успеал да влезе во главниот ждреб и бил поразен во второто квалификациско коло од Бенџамин Бекер. На Отвореното првенство на САД, Фоњини бил поразен уште во првото коло од Фернандо Вердаско.
Во месец септември, Фоњини главно играл на турнири од челенџер серијата, и ги освоил тие во Џенова и Неапол, а потоа во средината на октомври бил победник и на џелинџер турнирот во Сантјаго, Чиле. Една недела подоцна на турнирот во Санкт Петербург, тој бил поразен во првото коло од Александар Долгополов. Последен турнир за Фоњини во годината бил Мастерсот во Париз, на кој по двете победи во квалификациите, и победата во првото коло над Михаел Берер, бил поразен од Давид Ферер.
Фоњини годината ја завршил со 16 победи и 26 порази, на 55-то место на АТП листата.
2011 Во првиот месец од годината, Фоњини не успеал да забележи ниту една победа и бил поразен на три турнири во првото коло. Најпрво во Доха, Катар, бил поразен од Николај Давиденко, а потоа во Оукленд бил поразен од Давид Налбандијан. Фоњини неуспешната серија ја продолжил на Отвореното првенство на Австралија, каде загубил од Кеј Нишикори.
Во првата недела од февруари, Фоњини бил дел од турнирот во Сантјаго, Чиле, каде успеал да стигне до полуфиналето. На патот до полуфиналето тој остварил победи над Лукаш Кубот, Алберт Рамос и Томаш Белучи редоследно, пред да биде поразен од Томи Робредо во три сета. Кон крајот на февруари, Фоњини играл на Отвореното првенство на Мексико и бил поразен од Станислас Вавринка во второто коло. Потоа следел настапот на Мастерсот во Индијан Велс, каде Фоњини доживеал пораз во првото коло од Николај Давиденко.
Следен АТП турнир за Фоњини бил Мастерсот во Мајами, каде бил поразен во првото коло од Радек Штепанек. Европската турнеја италијанецот ја започнал на Мастерсот во Монте Карло со победата во првото коло над Кевин Андерсон. Сепак, во второто коло тој бил поразен од Виктор Троицки. На следниот Мастерс, на Мастерсот во Мадрид, Фоњини не успеал да влезе во главниот ждреб и бил поразен во првото квалификациско коло од Федерико Делбонис.
Една недела подоцна, Фоњини се појавил на Мастерсот во Рим, и бил поразен во првото коло од Станислас Вавринка во три сета. Последен турнир за Фоњини пред Гренд Слемот во Париз, бил турнирот во Ница, каде доживеал пораз во првото коло од Ернест Гулбис.