Микеланџело ди Лудовико Бонароти Симони (; 6 март 1475 — 18 февруари 1564), попознат само како Микеланџело — италијански ренесансен вајар, сликар, архитект, поет и инженер кој имал големо влијание врз развојот на западната уметност. И покрај тоа што направил неколку „излети“, надвор од уметноста, неговата разновидност во дисциплните со кои се занимавал била толку уникатна, што се смета за еден од моделите на тоа како еден уметник на ренесансата треба да изгледа, заедно со неговиот пријател Леонардо да Винчи.
Микеланџело, за време на неговиот живот, се сметал за еден од најголемите уметници, и оттогаш па сè до денес останал да биде еден од најталентираните луѓе на сите времиња. Многу од неговите дела, било да се работи за вајарството, сликарството или архитектурата, се едни од најпознатите дела кои некогаш постоеле. Неговото творештво, во секое поле на уметноста, за време на неговиот долг живот е огромно, вклучувајќи ги тука и дописките, скиците и спомените кои се зачувани како дел од него. Според ова тој е најдокументиран уметник во 16 век. Две од неговите најпознати дела, „Оплакување“ (Pieta) и „Давид“, биле извајани пред Микеланџело да наполни 30 години. И покрај неговото дистанцирње од уметноста и сликањето, тој ги насликал двете највлијателни дела во фрескосликарството во историјата на западната уметност, и тоа сцени од „Создавањето на Адам“ на таванот и „Страшниот суд“ на ѕидот над олтарот од Систинската капела во Рим. Како архитект Миекланџело започнал да работи во стилот на маниризмот во Лаврентијската библиотека. На 74 годишна возраст, тој ја добил работата на Антонио ди Сангало, помладиот, како архитект на базиликата Свети Петар, па направил неколку промени во архитектонскиот план. Западниот дел бил завршен според новиот план, а куполата била завршена дури по смртта на Микеланџело, со неколку измени.
Уште една работа која зборува за уникатноста на Микеланџело е фактот кој вели дека тој бил првиот уметник чија биографија била издадена уште додека бил жив. Всушност, две биографии биле издадени за време на неговиот живот. Едната била напишана од Џорџо Васари, истакнувајќи дека Микеланџело претставува врв на сите уметнички достигнувања од почетокот на ренесансата, став кој ја задржал својата важност векови подоцна. Го нарекувале „Il Divino“, што во превод значи божевствен. Еден од неговите квалитети на кој најмногу му се восхитувале неговите современици била неговата “teribilita”, способност на препознавање и умешност кои предизвикуваат стравопочит. Многу од уметниците се обиделе да го имитираат тој негов страсен и специфичен стил, кој подоцна ќе претставува зачеток за Маниризмот, следното главно уметничо движење на западот, по ренесансата.
Живот и дела Детство
Микеланџело е роден на 6 март 1475 година, во Капрезе (денес познато како Капрезе Микеланџело), во близина на Арецо, во Тоскана. Неговите предци со генерации работеле скромно како банкари во Фиренца, меѓутоа неговиот татко, Лудовико ди Леонардо ди Бонароти Симони, не успеал да ја задржи банкарската работа, па повремено успевал да приграби и некоја пониска позиција во редовите на владата. Кога Микеланџело се родил, татко му бил судски администратор во малото гратче Капрес и локален администратор на Чиуси. Мајката на Микеланџело била Франческа ди Нери дел Минато ди Сиена. Семејството од страната на татко му верувале дека води потекло од контесата Матилде од Канос. Ова тврдење останува недокажано, иако се претпоставува дека самиот Микеланџело верувал во тоа. Неколку месеци по неговото раѓањето, семејството се вратило во Фиренца, каде Микеланџело бил одгледан. Подоцна, за време на долготрајното боледување и после смртта на неговата мајка, во 1481 година, кога имал само 6 години, Микелаџело живеел со еден каменорезец и неговата сопруга, заедно со едно семејство во Сетињано, каде што неговиот татко поседувал каменолом за мермер и мала фарма. Џорџо Васари го цитира Микеланџело, велејќи : „Ако постои барем малку добрина во мене, тоа е затоа што бев роден во еден толку суптилен дел од нашата земја, Арецо. Заедно со млекото кое ми го носеше дадилката, ми даваа и детско длето и чекан, со кои ги создавав моите фигури.“
Како младо момче, неговиот татко го пратил Микеланџело на јазични студии во Фиренца заедно со хуманистот Франческо да Урбино. Младиот уметник не покажал голем интерес за школувањето. Повеќе сакал да ги прецртува сликите од црквите и да трага по друштво на уметници. На само 13 години, Микеланџело станал ученик на сликарот Доменико Гирландајо. А кога наполнил 14 години , неговиот татко го наговорил Гирландајо дури и му плаќа на Микеланџело, што тој ја посетува неговата школа, што било многу необично за тоа време. Во 1489 година, владетелот на Фиренца, Лоренцо де Медичи побарал од Гирландајо да му ги прати неговите двајца најдобри ученици, се разбира тоа бил Микеланџело, заедно со Франческо Граначи. Од 1490 година до 1492 година, Микеланџело ја посетувал Академијата на Медичи, основана напоредно со неоплатонските погледи, во која учел за хуманизмот. Го изучувал вајарството под диригентска палка на Бертолдо ди Џовани. Низ академијата, не само на надворешниот изглед, туку и на самите негови дела можеле да се забележат влијанија од многу прочуени филозофи и писатели до тоа време, како што се Марсиљо Фиконо, Пико дела Мирандола и Поличиано. Во тоа време Микеланџело ги вајал делата „Богородица во карпите“ (1490 – 1492 година ) и „Битката на кентаурите“ (1491 – 1492 година ). Второто било поттикнато од тема на Поличиано, а било правено по нарачка на Лоренцо де Медичи. На 17 годишна возраст, Микеланџело се здобил со удар во носот од неговиот соученик во вајарската школа на Бертолдо ди Џовани, Пјетро Ториџиано. Тоа оставило трајна деформација на неговото лице, видлива на сите негови портрети.
Полнолетство
Смртта на Лоренцо де Медичи, на 8 април 1492 година, донела пресврт во животот на Микеланџело. Тој го напушта покривот на школата на Медичи и се враќа во домот на неговиот татко. Во следните месеци на дрво го изрезбарил „Исусовото распетие“ (1493 година) како подарок за игуменот на фирентинската црква Санто Спирито (Светиот дух), кој за возврат му дозволил да изведува анатомски истражувања врз труповите во црковната болница. Помеѓу 1493 година и 1494 година, Микеланџело купил блок од мермер на кој сакал да изработи многу поголема од веќе постоечката статуа на Херкул, која била испратена во Франција, а потоа случајно исчезнала некаде околу 18 век. На 20 јануари 1949 година по обилните снежни врнежи, наследникот на Лоренцо, Пјеро де Медичи, нарачал изработка на снежна статуа, и Микеланџело повторно се нашол во редовите на школата.
Истата година Медичиеви биле протерани од Фиренца како резултат на спроведувањето на власта на Савонарола. Микеланџело го напуштил градот уште пред завршувањето на политичките пресврти, селејќи се во Венеција, а потоа во Болоња. Таму бил ангажиран да ги заврши малите фини фигури на олтарот на Св. Доминик, во црква посветена на овој светец. Кон крајот на 1494 година, политичката ситуација во Фиренца била помирна. По поразот на Чарлс VIII, градот кој најпрво се наоѓал под закана на Франција, веќе бил безбеден. Микеланџело се вратил во Фиренца, меѓутоа не успеал да добие никаква понуда за работа од новата управа на градот под власт на Савонарола. Се вратил да работи за Медичи. За време на шесте месеци кои ги поминал во Фиренца, работел на две мали статуи, и тоа статуа на „Малиот Св. Јован Крстител“ и „Заспаниот Купидон“. Според Кондиви, Лоренцо ди Пјерфранческо де Медичи, кој првично ја изработил статуата на Св. Јован Крстител, побарал од Микеланџело да ја поправи „така што треба да изгледа како да била запалена, за да може да ја испрати во Рим и да ја продаде за многу повисока цена како антиквитет.“ Кардиналот Рафаело Ријарио, на кој Лоренцо му ја продал статуата, открил дека се работи за измама, меѓутоа бил толку воодушевен од квалитетот на изработката, што ги поканил уметниците во Рим. Овој случаен успех во продажбата, како и затегнатата ситуација во Фиренца, го охрабриле Микеланџело да ја прифати понудата на кардиналот.
Рим
Микеланџело пристигнал во Рим на 25 јуни 1496 година на 21 годишна возраст. На 4 јули, истата година, бил ангажиран од кардиналот Рафаело Ријарио, да направи огромна статуа на римскиот бог на виното Бахус. Меѓутоа, по завршувањето, кардиналот Ријарио не го прифатил делото и истото подоцна се нашло во дворот на банкарот Џакомо Гали, како дел од неговата колекција.
Во ноември 1497 година, францускиот амбасадор на Holy See (Света столица – Sancta Sedes), ја нарачал изработката на едно од неговите најпознати дела, „Оплакување“, но Микеланџело ја прифатил понудата дури во август, следната година. Мислењето на неговите современици за ова дело гласи – „откривање на сите квалитети и сили кои ги поседува вајарството како уметност“, а пак Васари само поткрепил – „навистина е чудо како еден обичен камен може да се претвори во такво совршенство, какво што ни природата не може да создаде“.
Во Рим, Микеланџело живеел во близина на црквата Санта Марија ди Лорето. Според легендата, токму на тоа место се заљубил во Виторија Колоња, маркиза од Пескара и поетеса. Домот на Микеланџело бил демолиран во 1874 година, а оние малкуте остатоците од градбата, зачувани од новите сопственици биле уништени во 1930 година. Според шпекулирањата на скептиците, Микеланџело за време на овјо период ја довршил статуата на „Лакон и неговите синови“, која се наоѓа во Ватикан.
Статуата на Давид
Микеланџело се вратил во Фиренца во перидот помеѓу 1499 до 1501 година. По падот на анти ренесансниот свештеник и водич на Фиренца, Гироламо Савонарола, (погубен во 1498 година) и со доаѓањето на власт на „знаменосецот“ Пјеро Содерини, работите во државата веќе се менувале. Конзулите на градскиот сојуз (еснаф), побарале од Микеланџело да го заврши недовршениот проект на Агустино ди Дучио, започнат пред 40 години – џиновска статуа на Давид, како симбол на фирентинската слобода, која ќе биде сместена на плоштадот „дела Синориа“, наспроти Палацо Векио (Стара палата). Микеланџело прифатил и во 1504 година, го завршил своето најпознато дело, „Статуата на Давид“. Ова ремек-дело, изработено од мермерна плоча од каменолом во Карара, на кое претходно веќе се работело одново ја потврдува еминентноста на Микеланџело како вајар, неговата посебна техника и моќта на фантазијата.
Исто така, за време на овој период, Микеланџело го насликал „Светото семејство и Св. Јован“ исто така познато како “Doni Tondo” или „Светото семејство на заштитникот (tribune)“. Ова дело било насликано по нарачка за бракот на Анџело Дони и Мадалена Стрози, а во 17 век, било закачено во просторија позната како „Трибуна“ во музејот во Уфици. Постои можност да ја насликал и „Богородица со Исус и Св. Јован крстител“, позната уште и како „Голема Богородица“, која се наоѓа во Националната Галерија, во Обединетото Кралство, во Лондон.
Таванот на Систинската Капела
Во 1505 година, Микеланџело бил повикан од новоизбраниот папа Јулиј II, да се врати назад во Рим. Добил задача да го изгради надгробниот споменик на папата. Иако под негов надзор, Микеланџело постојано ја занемарувал работата на споменикот, како би можел да заврши безброј други задачи. Токму поради тоа, работел на споменикот цели 40 години и никогаш не го завршил. Негова главна одлика е статуата на Мојсеј и е сместен во црквата Св. Петар во Винколи, во Рим.