Анета Светиева (, ) — македонски уметник и универзитетска професорка на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Животопис

Анета Светиева е родена во Битола 1944 година, мајка ѝ е Надежда Светиева, а татко ѝ Христо Светиев род Волканов. Има два сина: Методи Анастасов, и Андреј Анастасов Даскаловски - Еди (член на македонската рок група Т.Б. Трачери)

Во 1950 година семејството од Битола се преселило во Скопје, и Светиева таму го завршила основното и средното образование. Во 1963 година, таа се запишала на Академијата за ликовни уметности при Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1968 година. Во 1971 година, таа успешно ги завршила последипломските студии на Академијата за ликовни уметности и се стекнала со научниот степен - магистер по скулптура. До 1974 година, таа живеела и работела во Белград.

Во периодот 1965–1971 година, таа се истакнувала со забележителни достигања во современата скулптура за што добива три престижни студентски награди и една професионална награда на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Во 1974 година, таа се вратила во Македонија поради лични и семејни причини. Во периодот 1973–77 година, таа работела периодично на разни задачи поврзани со ликовната и применетата уметност, главно во тогашната МРТВ.

Во декември 1977 година, професорката Светиева се вработила во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, најпрво како приправник, а потоа како асистент-истражувач по ликовна и применета материјална култура, на работно место: истражувач на пластична народна уметност во Одделението за орнаментика. Уште првата година дошла до сознание дека ниту една тема од областа на фолклористиката не може солидно да биде обработена без познавања на етнологијата и сродните општествени дисциплини (историја, социологија, итн.). За таа цел, набавила студиски програми од студиската група по етнологија на Филозофскиот факултет во Белград и започнала систематски да ја совладува етнолошката, антрополошката и фолклористичката книжевност. Оваа општа насока во работата може да биде согледана уште во првата објавена статија, со наслов: „Сончевите мотиви во македонската пластична орнаментика на таваните и вратите“ во делото „Македонски фолклор“ од 1979.

Следните години, таа работела во споменатиот Институт, поминувајки ги научните звања од асистент-истражувач до виш научен соработник. Во меѓувреме, во согласност со кадровската политика на Институтот, таа пријавила докторска теза на Одделот за етнологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, под менторство на проф. д-р Ѓурѓица Петровиќ. Во 1988 година, со успех таа ја одбранила докторската дисертација под наслов „Резбарени тавани долапи и врати во Македонија“, на македонски јазик, и се стекнува со звање доктор по етнолошки науки. Оваа дисертација спаѓа меѓу малобројните во тоа време каде зададената тема е документирано обработена на територијата на цела етногеографска Македонија.

Во 1990 година, таа се вработила на Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Работејќи на овој Завод, во 1995 година достигнува до највисокото наставно-научно звање – редовна професорка. На Заводот за етнологија, таа ги предавала предметите од областа на материјалната, духовната и социјалната култура на Македонците, но и на сите останати балкански народи и етнички заедници. Работејќи на оваа проблематика, професорката ревидирала некои ставови на претходните автори создадени под дневнополитичко влијание, како на пример регионалната етничка карта на Македонија опишана од д-р Миленко С. Филиповиќ, а истовремено внесувала и редица нови податоци што претходно не биле земени предвид во регионалната етнологија на Македонците.

Досега во споменатите подрачја има објавено повеќе од 60 (шеесет) стручни и научни трудови, од кои повеќе од дваесетина се во странски списанија. Во изминатиот работен професионален период, била иницијатаор за создавање на списанието „ЕтноАнтропоЗум“ – гласник на Институтот за етнологија и антропологија, а потоа главен и одговорен уредник до 2010 година. Почнувајќи од уредувањето на списанието „Етнолог“ бр. 12, - периодичен гласник на МЕД, па до денес (2011 година), професорката била главен и одговорен уредник на ова стручно списание. Во периодот 2001-2005 била претседател на МЕД. Во тој период пријавила свој проект преку МЕД, и како резулатат на реализацијата на проектот, објавен е зборникот со трудови, со наслов : „Голо Брдо - Живот на граница“ – што го уредила професорката. Истовремено, таа членувала и во други стручни граѓански здруженија.

Уметничка Дејност

Позначајни изложби: 1969 - Белград, 10 октомвриски салон 1972 - Скопје, Музеј на современа уметност, Современи македонски уметници - млада генерација II 1975 - Љубљана, Денови на културата на млади од Македонија во Словенија, Ламутов ликовен салон 1984 - Скопје, МСУ, 40 години македонско ликовно творештво 1944-1984 1986 - Суботица и Белград (Музeј на применетата уметност): Шесто триенале на југословенската керамика 1986/7 Грац, Виена, Клагенфурт, Junge Kunst aus Jugoslawien - "Steirischer Herbst 86“ 1987 - Istanbul, Askeri Miize 'de Duzenlenen, I Ulzslararasi Istanbul Gagdas Sanat Sergileri (I International Istanbul Contemporary Art Exhibitions) Budimpesta, Hosb'k tere, VII Budapesti Nemzetkozi Kisplasztikai ZitfLlit&son 1989 - 9th Yugoslav Biennial of Small-Size Sculpture - Triennial of small sculptures, Murska Sobota 1997 - Претставничка на Македонија на 47th International Art Exhibition Venice Biennale / Biennale di Venezia - La Biennale di Venezia, Venice 1999 - NARCISSISM (S) - Museum of Contemporary Art Skopje, Skopje 2001 - Заедно со Захариј Каменов и Аурел Влад, Apollonia European Art Exchanges, "Angels and Men" 2002 - In search of Balkania - Neue Galerie Graz - Universalmuseum Joanneum, Graz 2004 - Dialogues - Nova Nacionalna Galerija - Chifte Amam, Skopje 2009 - Gender Check - Rollenbilder in der Kunst Osteuropas - Museum Moderner Kunst Stiftung Ludwig - MUMOK , Vienna

Надворешни врски Мега-интервју за списанието „Глобус“: Зар без етногенеза Македонците не знаат што се? http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=8F132995E2DB8245B69EF7CAEA4FC971 Од каталогот за Биеналето во Венеција http://nautilus.inews.it/9708it/arte/donne.htm Three Yugoslav women sculptors: Darija Kačić, Duba Sambolec, Aneta Svetieva by Jovan Despotovic http://www.jovandespotovic.com/?page_id=6091

Категорија:Луѓе од Битола Категорија:Светиеви Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски етнолози Категорија:Македонски вајари Категорија:Македонски уредници Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски етнолози Категорија:Југословенски вајари Категорија:Југословенски уредници Категорија:Професори на Природно-математичкиот факултет - Скопје Категорија:Апсолвенти на Белградскиот универзитет