Катица Ќулавкова (Ката, според личната карта) e родена на 21 декември 1951 година во Титов Велес. Taa e книжевен теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач, академик - редовен член на МАНУ.
Образование и работен век Основното и средното гимназиско образование го стекнала во родниот град (матурирала во 1969 година). Таа се запишала на Филозофскиот факултет, на групите Историја на јужнословенските книжевности и Македонска книжевност (а факултативно се запишувала и на групата за француски јазик и книжевност) во Скопје, каде што дипломирала во јуни 1973 година. Ќулавкова магистрирала во 1982 година на Филолошкиот факултет во Скопје, со трудот „Метафората и современата македонска поезија“, а докторирала во 1986 година, на Филозофскиот факултет во Загреб, со дисертацијата „Odlike lirike“ („Одлики на лириката“). Магистерскиот труд е од областа на теоријата на книжевноста и македонската книжевност, а докторската дисертација од областа на теоријата на книжевноста и компаративните книжевни студии. И двата труда припаѓаат на доменот на науката за книжевноста.
Како стипендист на француската влада, Ќулавкова имала два едногодишни студиски престоја на Универзитетот Париз 3 – Нова Сорбона (1977/78) и Сорбона 1 во Париз (1983/84), (под менторство на угледните професори Мишел Декодјан и Жан-Пјер Ришар). Во тек на една академска година, таа работела во Лекторатот по македонски јазик и литература при Институтот за ориентални јазици, INALCO – Париз (1994/1995), каде што држи настава по македонска книжевност и јазик, обликувана во два одделни курса: „Македонската книжевност од Климент до денес“ и „Македонската усна традиција и македонската современа книжевност – споредбени интерпретации“. Во пролетта 1997 година, таа остварила истражувачки престој во Париз со грант од Програмата ТЕМПУС, при Универзитетот Париз 8 – Saint-Denis, во соработка со истакнатиот професор, филозоф и поет Мишел Деги, со цел да подготви наставна програма по новиот универзитетски предмет Книжевна херменевтика. Од 2001 до 2002 година, таа остварила тесна наставно-научна соработка со Катедрата за општа и компаративна книжевност при Универзитетот Париз 3 – Нова Сорбона, како партнерска установа на Проектот ХЕСП (Нов модел на курикулуми по компаративни книжевни студии), кој бил остварен под нејзино раководство.
Од 1973 до 1981 година, Ќулавкова работела во општинската и републичката младинска организација (член на Секретаријатот), а две години имала работено и во Градскиот комитет на СКМ, во одделението за култура, уметност и образование. Таа била член на ЦК на СКМ во еден мандат. Ќулавкова била член на Републичката комисија за културни врски со странство, потпретседател на Републичката комисија на УНЕСКО, член на Сенатот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ и др. Од 1990 е секретар, а од 1996 до 2000 година претседател на Македонскиот ПЕН центар, кога е избрана за почесен претседател на Македонскиот ПЕН. Во септември 2002 година, таа била избрана за претседател на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот П.Е.Н. од Лондон, а во 2008 (на Конгресот во Богота, Колумбија) - за Потпретседател на Меѓународниот ПЕН (Лондон).
Била член на издавачкиот одбор и на одборот за електронско издаваштво при Фондацијата Институт „Отворено општество – Македонија“, и член на Одборот за родови студии при „Евро-Балкан“. Била член на Комисијата за издавачка дејност при Министерството за култура на Македонија, член на редакциите на списанијата „Разгледи“, „Спектар“, „Identities/Идентитети“ и др. Била и главен уредник на списанието „Прилози“ за лингвистика и литературна наука при МАНУ. Таа е основач на електронското списание за компаративни студии „Mirage/Мираж“ при Катедрата за општа и компаративна книжевност, како и на меѓународнaта колекција „Diversity/Разноликост“.
Таа повремено преведува текстови (есеи и поезија) од француски и од српски/хрватски јазик. Своите изворни текстови ги пишувала на македонски јазик.
Во 1982 година, Ќулавкова била избрана за асистент при Институтот за литература (сега Институт за македонска книжевност) на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. По докторирањето, во 1987 година, таа се префрлила во наставна дејност на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што најпрвин е избрана во звањето доцент, потем во звањето вонреден професор, а од 1997 година во звањето редовен професор по предметите Теорија на книжевноста, Методологија на проучувањето на книжевноста, Книжевна херменевтика и Творечко пишување.
Ќулавкова има напишано, приредено и објавено над педесет книги (поезија, раскази), научни студии, збирки есеи и критики, хрестоматии и антологии кои се неодминливи во просудувањето на книжевните феномени, фела, факти и вредности и кои имаат оставено силен печат во профилирањето на новите и релевантни теориско-методолошки концепции на книжевноста, во сите нејзини носечки видови: поетскиот, раскажувачкиот, драмскиот и есеистичкиот.
Добитник е на книжевните награди: „Димитар Митрев“ (за критика и есеј за книгата Мала книжевна теорија), „Велја кутија“ (за теоретски систем на идеи за книгата Теорија на книжевноста, увод), „Браќа Миладиновци“, „Нарциса“, „Млад борец“ и „Студентски збор“ (за поезија). Добитник е на највисокото државно признание за животно дело „11 Октомври“ (2014). Добитник е на меѓународно признание за книжевен опус на Друштвото на писателите на Романија (2016).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2003 година. Во мај 2014 година е избрана за член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург). Во МАНУ има изведено неколку научноистражувачки проекти од републички и меѓународен карактер, меѓу коишто: „Поимник на книжевната теорија“, „Балканската слика на свет“ (со Полската академија на науките), „Интерпретации“ – Европски истражувачки проект, „Методи на книжевната херменевтика“, „Културните интеграции и стабилноста на Балканот“ (со БАН) и др. Два нејзини проекта се поддржани од УНЕСКО.
Член е на Европската Академија на науките и уметностите (од 2014).
Нејзини поетски книги се преведени на повеќе светски јазици (англиски, француски, италијански, руски, хрватски, српски, црногорски, романски, бугарски, албански, турски, португалски и др.
Живее во Скопје, со семејството. Мајка е на еден син.
Научна работа
Од нејзиниот докторат во 1984 таа е вработена на Филолошкиот факултет во Скопје како професор по теорија и методологија на проучувањето на книжевноста на Катедрата за општа и компаративна книжевност, и е на оваа позиција до денешен ден. Една година работи при Лекторатот по македонски јазик и литература во Париз на INALCO. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1978 година. Во 2003 е избрана за член на Македонската академија на науки и уметности.
Има подготвено неколку хрестоматии и зборници: Теорија на интертекстуалноста (2003), Поетика и херменевтика (2003), Дијалог на интерпретации (2005), Балканска слика на светот (2006), Поимник на книжевната теорија (2007), Критички методи и интерпретации во два тома (2018). Приредувач е и на 5 тома на проектот Интерпретации (2007, 2008, 2009, 2010).
Творештво Катица Ќулавкова има напишано, приредено и објавено над педесет книги (поезија, раскази), научни студии, збирки есеи и критики, хрестоматии и антологии кои се неодминливи во просудувањето на книжевните феномени, фела, факти и вредности и кои имаат оставено силен печат во профилирањето на новите и релевантни теориско-методолошки концепции на книжевноста, во сите нејзини носечки видови: поетскиот, раскажувачкиот, драмскиот и есеистичкиот.
Поезија Книги на Катица Ќулавкова (авторски, приредени и преведени книги):
Книги поезија
1975. Благовести. Скопје: Мисла. 1978. Акт. Скопје: Македонска книга. 1981. Нашиот согласник. Скопје: Мисла. 1984. Нова пот. Скопје: Мисла. 1989. Жедби: престапни песни. Скопје: Мисла. 1993. Домино. Куманово: Поткозјачки средби. 2000. Меѓусвет. Скопје: Три. 2003. Слеп агол. Скопје: Култура. 2008. Тенок мраз. Скопје: Макавеј. 2010. Голо око. (македонски, англиски, француски, италијански, португалски, хрватски). Скопје: Поетики. 2013. Кога ни гореше под нозете (македонски и руски). Скопје: Поетики. 2014. Хаику елегии (македонски и англиски). Скопје: Поетики. 2019. Mои страсти, мои страданија. Скопје: ИЦ ТРИ.
Избори од поезијата
1989. Дива мисла. Скопје: Мисла. 1998. Предигра. Скопје: Детска радост. 2008. Ерато. Битола: Микена. 2012. Жедби: престапни песни. [Електронски извор: оптички диск (DVD)]. Скопје: ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“. 2015. Златен пресек. Скопје: Матица Македонска. – 157 стр. – Поговор: Поетските епифании на Катица Ќулавкова / Владимир Мартиновски: стр. 137-152. – ISBN 978-608-10-0447-2
Поетска драма
1997. Изгон на злото. Скопје: Култура.
Избори од поезијата и поетски книги преведени на други јазици
1986. Неуралгична места. Вршац: Књижевна комуна. 1998. Via lasciva. Saint-Nazaire: MEET. 1998. Time Difference. Skopje: Zumpres. Тranslated by Ilija Casule & Thomas Shapcott. 2002. Explusion du mal. Trois Rivières: Ecrits des Forges. Traduit par H. Wybrands. 2003. Dorinte, Poezii eretice. Bucaresti: Editura academiei internationale Orient-Occident. Traduction Dumitru M. Ion. 2004. Междинен свят. София & Skopje: Mакавеј. Превод Димитар Христов. 2008. Burning Fire. Haiku. - Skopje: Blesok. English translation by Marija & Matthew Jones. 2011. Еrato. Translated by Zoran Ančevski et al. - Skopje: National and University Library. 2011. Erased Spaces / Бришан простор. Translated by Bela Gligorova; Skopje: Cultural Institution Blesok. Edition Eva Tas. 2011. Soifs / Katica Kulavkova; traduit par Harita Wybdrands. Struga: [Struga Poetry Evenings]. 109 p. 2013. Когда у нас горело под ногами / Катица Кюлавкова; предговор Алла Г. Шешкен; перевод с македонского на русский Ольги Панькиной. - Скопье: Poetiki, 2013. - 243 с. Diversity Collection of PEN International; vol. 7). 2015. Crna mjesečina: antologijski izbor pjesama / Katica Ćulavkova; [s makedonskog prevela Maja Mastnak-Car]. Zagreb: Spectrum, makedonsko-hrvatska udruga za promicanje kulturnih vrijednosti i veza. Pogovor: Katica Ćulavkova – strast za poezijom / M. Mastnak-Car: ss. 75–78. ISBN 978-953-58786-0-5. 2016. Pjesme profane, pjesme sakralne. Podgorica: D.O.O. OKF & Cetinje: CDNK. Prijevod na crnogorskom Duško Novaković. Pogovor Vladimir Martinovski. 2016. Bramosia. Canti bisestili. Traduzione dal Macedone di Mariangela Biancofiore [Titolo originale: Жедби-престапни песни]. Книга поезија на италијански јазик, во превод на Маријанџела Бјанкофjоре, објавена во Италија Abruzzi, БЕСА Еditrice, Salento Books. www.besaeditrice.it 2016. Katica Qulafkova. Prush nën këmbë (poezi). Përktheu Lindita Ahmeti, Tirana: Albas, 140 p. ISBN 978-9928-02-792-4 (Книга поезија во превод на албански јазик, превод на Линдита Ахмети, Тирана, Албас, 2016), 140 стр. 2015. Хаику елегии/Haiku Elegies: Elektronsko издание (e-book). Скопје: Фондација Македоника. http://makedonika.mk/ShareBook.aspx?id=10772
Раскази Поетски фикции, онирички фикции, dream-fictions] 1989. Друго време. Онеобичнување на знаците. Скопје: Култура. 2006. Autopsia. Skopje: Tri. (Превод на англиски Јасминка Марковска, Елизабета Баковска) 2014. Сонот е живот. 1001 фикција. Скопје: Поетики.
Три нејзини кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 97-100.
Теорија, есеистика, критика
1984. Фигуративниот говор и македонската поезија. Скопје: Наша книга. 1987. Стапка и отстапка. Скопје: Македонска книга. 1989. Одлики на лириката. Скопје: Наша книга. 1992. Копнеж по систем (избор). Скопје: Македонска книга. 1996. Потход и исход. Скопје: Култура.