Марио Гаврановиќ (роден на 24 ноември 1989 година во Лугано) — швајцарски фудбалер, напаѓач на Динамо Загреб и на швајцарската репрезентација.

Животопис Роден е од родители Босански Хрвати, неговото семејство се преселило од Градачац, Босна и Херцеговина во Лугано, Швајцарија една година пред да се роди Марио.

Клупска кариера Гаврановиќ ја започнал својата фудбалска кариера во екипата на Веција кога имал само 7 години, пред да стане професионалец во екипата на Лугано во 2006 година. Своето професионално деби го направил во натпреварот од Швајцарската Челенџ лига, Лугано-ЈФ Јувентус 2-2 на 14 октомври 2006, кога имал само 16 години. По две сезони во Лугано решил да ја промени средината и се преселил во екипата на Ивердон во 2008 година. За Ивердон одиграл само една сезона во Челенџ лигата во која на 20 натпревари постигнал 8 гола, а веќе следната сезона бил позајмен на прволигашот Ксамакс. Своето деби во Супер лигата против Белинцона на 12 јули 2009, го означил со првиот погодок во елитната лига на Швајцарија, со кој го спасил својот тим од пораз и ги поставил конечните 1-1. Гаврановиќ бил во одлична форма и постигнал 8 гола на 17 натпревари во првиот дел од сезоната, пред во зимската пауза да го напушти Ксамакс и да му се приклучи на германскиот бундеслигаш, Шалке 04.

На своето деби во Лигата на шампионите на 9 март 2011 против Валенсија, Гаврановиќ го постигнал својот прв гол во ова натпрварување помагајќи му на Шалке да помине во четврт-финалето. Тој одиграл вкупно 12 натпревари за Шалке во сите конкуренции и постигнал 2 гола. Сезоната 2011-12, ја поминал на заем во екипата на Мајнц 05, но таму одиграл само 5 натпревари по што се вратил во Швајцарија во екипата на Цирих.

На 21 април 2014, Гаврановиќ постигнал два гола во екстра времето од финалето на Купот на Швајцарија против Базел, носејќи му ја титулата на својот тим.

На 18 јануари 2016, Гаврановиќ потпишал две и пол годишен договор со хрватската Риека. Тој постигнал гол уште на своето деби за клубот на 12 февруари 2016 против Локомотива Загреб, претворајќи го во погодок за водство од 2-0 центаршутот на Роман Безјак во 25-тата минута од натпреварот кој Риека го добила со истиот резултат.

Во својата втора сезона во клубот, Гаврановиќ и помогнал на Риека да стигне до првата историска шампионска титула во хрватското првенство придонесувајќи со 11 постигнати гола. Тој исто така постигнал и 7 гола во 5 натпревари во Купот на Хрватска, вклучувајќи ги и двата во финалето против Динамо Загреб, во кое Риека победила со 3-1 и ја освоила двојната круна придодавајќи ја на освоениот наслов во првенството и титулата во купот. Вкупно во две години во Риека, Гаврановиќ постигнал 40 голови во 80 натпревари.

Во јануари 2018, Гаврановиќ потпишал три годишен договор со Динамо Загреб во договор за размена на играчи во кој биле вклучени и Домагој Павичиќ и Лука Цапан кој заминале во Риека.

Репрезентативна кариера Гаврановиќ го направил своето деби во сениорската репрезентација на Швајцарија во ремито 0-0 против Бугарија во квалификациите за Евро 2012. Швајцарија Својот прв гол за репрезентацијата го постигнал во победата со 4-2 во пријателски натпревар против Хрватска на 15 август 2012 година, кога бил двоен стрелец.

Титули Шалке 04 Куп на Германија (1) : 2010-2011 Суперкуп на Германија (1) : 2011 Цирих Куп на Швајцарија (1) : 2013-2014 Риека Прва ХНЛ (1) : 2016-2017 Куп на Хрватска (1) : 2016-2017 Динамо Загреб Прва ХНЛ (1) : 2017-2018 Куп на Хрватска (1) : 2017-2018

Хет-трик Гаврановиќ досега во својата кариера има постигнато еден хет-трик. Тој бил на 16 септември 2012 во дресот на Цирих против нисколигашот Ешален во Купот на Швајцарија.

Наводи

Надворешни врски Марио Гаврановиќ на soccerway Марио Гаврановиќ на transfermakt

Категорија:Швајцарски фудбалери Категорија:Живи луѓе Категорија:Фудбалери на ФК Шалке 04 Категорија:Фудбалери на ФК Мајнц 05 Категорија:Фудбалери на ФК Цирих Категорија:Фудбалери на ФК Риека Категорија:Фудбалери на ФК Динамо Загреб Категорија:Фудбалери од Бундеслигата Категорија:Родени во 1989 година