Доминик Тим (роден на 3 септември 1993 г.) — австриски професионален тенисер.
Тој бил светски бр. 3 играч според Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) во март 2020 година, што е негов најдобар пласман во кариерата. Тој е вториот најдобро рангиран австриски тенисер во историјата, веднаш по поранешниот светски бр. 1, Томас Мустер. Во кариерата, Тим има освоено 17 АТП титули во поединечна конкуренција, вклучувајќи ја гренд слем титулата на Отвореното првенство на САД 2020 каде во финалето со пресврт го победил Александар Зверев. Со оваа победа, Тим станал првиот тенисер роден во 1990-те кој освоил гренд слем титула, како и првиот австриец со победа на Отвореното првенство на САД. Тој претходно трипати бил гренд слем финалист, губејќи од Рафаел Надал на Отвореното првенство на Франција 2018 и 2019, и од Новак Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија 2020. Тим исто така бил финалист на АТП завршниот Мастерс во 2019 и 2020 година, каде во финалните натпревари бил поразен од Стефанос Циципас и Данил Медведев.
Како јуниор, Тим бил бр. 2 играч во светот и бил финалист на јуниорскиот турнир од Отвореното првенство на Франција во 2011 година и го освоил престижниот јуниорски турнир Оринџ Бол. Како професионалец, во 2014 година, тој за прв пат влегол во најдобрите 100 играчи во светот. Тим ја освоил својата прва АТП титула во 2015 година, и тоа на Отвореното првенство на Ница во Франција. Следната година тој стигнал до своето прво гренд слем полуфинале на Отвореното првенство на Франција 2016 и за прв пат во кариерата се пласирал во најдобрите 10 играчи во светот. На Мастерсот во Индијан Велс во 2019 година, Тим ја освоил својата прва АТП Мастерс 1000 титула, победувајќи го Роџер Федерер во финалето.
Тим практикува агресивен стил на игра, постојано удирајќи силно со својот форхенд и еднорачен бекхенд. Неговите сервиси достигнуваат брзина до 233 км/ч. Иако игра главно од основната линија, со назначувањето на Николас Масу за негов тренер во 2019 година, тој додал разновидност во ударите и започнал многу повеќе да практикува игра на мрежа. Во 2020 година тој бил прогласен за австриски спортист на годината.
Кариера Јуниор Во јуниорските денови, најдобар резултат на Тим бил пласманот во финалето на јуниорскиот турнир од Отвореното првенство на Франција 2011 во кое загубил од Бјорн Фратанџело во три сета. Тим ја завршил јуниорската кариера освојувајќи ги трите последни турнири на кои настапил, од кои последниот бил престижниот Оринџ Бол. Тој се искачил на 2. место на јуниорската ранг листа во јануари 2011 година.http://www.itftennis.com/juniors/player/player.asp?player=100129836
Поединечно Турнир20102011'''Јуниорски Гренд слем турнириОтворено првенство на АвстралијаA2КОтворено првенство на Франција1КФВимблдон1К3КОтворено првенство на САД1К1К
Двојки Турнир20102011'''Јуниорски Гренд слем турнириОтворено првенство на АвстралијаAЧФОтворено првенство на Франција1К1КВимблдон1К1КОтворено првенство на САД2КПФ
Јуниорски Гренд слем финалиња ИсходБр.ДатумГренд слемПодлогаПротивник'''РезултатФиналист1.5 јуни 2011Отвореното првенство на ФранцијаЗемја Бјорн Фратанџело6–3, 3–6, 6–8
2013 Во 2013, Тим добил валјд карта за настап во главниот ждреб на АТП турнирот во Кицбиел, каде стигнал до четвртфиналето победувајќи го четвртиот носител, Јирген Мелцер во второто коло. Во четвртфиналето тој бил поразен од Алберт Монтањес во два сета. Тој добил валјд карта за АТП турнирот во Виена и повторно успеал да стигне до четвртфиналето, но овојпат бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга во три израмнети сета.
Кон крајот на сезоната, тој освоил два челинџер турнири во Мароко, победувајќи ги редоследно Тејмураз Габашвили и Потито Стараче во финалните натпревари. Тој исто така играл пет финалиња на турнирите од ИТФ фјучерс серијата и успеал да ја освои титулата на две од нив.
2014: Прво АТП финале
Тим ја започнал сезоната како светски бр. 137 а ја завршил на 39. место, со што бил најмладиот играч во најдобрите 50 во светот. Во првиот дел од сезоната тој главно играл квалификации на АТП турнирите, и седум пати се квалификувал за во главен жреб. Тим ја започнал сезоната на Отвореното првенство на Катар каде успеал да се квалификува во главниот жреб, но таму бил поразен од Петер Гојовчук во првото коло. На Отвореното првенство на Австралија, Тим повторно стартувал од квалификациите и успеал да се квалификува во главниот жреб. Тој ја забележал првата гренд слем победа, победувајќи го Жоао Соуза во четири сетови. Во второто коло тој бил поразен од 19. носител, Кевин Андерсон. Во февруари, Тим се квалификувал за Отвореното првенство на Ротердам, и во второто коло загубил во три сета од Енди Мари. На мастерсот во Индијан Велс, тој се квалификувал во главниот жреб и во второто коло го победил 21. носител, Жил Симон, што било негова најголема победа дотогаш. Во третото коло тој бил поразен од Жилијен Бенето. Следно, на мастерсот во Мајами, Тим повторно успешно ги поминал квалификациите и во првото коло забележал победа над Лукаш Росол, но бил поразен во второто коло од Томи Робредо. Тим добил валјд карта за учество на мастерсот во Монте Карло, но таму бил поразен уште во првото коло од Николас Мау. Следната недела, преку квалификации, тој влегол во главниот жреб на Отвореното првенство на Барселона, каде што забележал победи над Радек Штепанек и Марсел Гранољерс, но во третото коло загубил од Сантјаго Хиралдо На мастерсот во Мадрид, Тим преку квалификации влегол во главниот жреб и во второто коло го победил светскиот бр. 3, Станислас Вавринка, остварувајќи ја најголемата победа дотогаш.
По одличните игри во претходните месеци, Тим се нашол во главниот жреб на Отвореното првенство на Франција. Тој го започнал турнирот со победа во три сета над домашниот тенисер Пол-Анри Матје, но во второто коло бил поразен од светскиот бр. 1, и бранител на титулата, Рафаел Надал, во натпревар во кој успеал да освои само седум гемови. На тревна подлога, Тим доживеал порази во првото коло на турнирот Квинс Клуб во Лондон, од Давид Гофан, и на Вимблдон од квалификантот Лук Савил. По Вимблдон, Тим следно учествувал на Отвореното првенство на Германија во Хамбург каде што стигнал до третото коло во кое бил поразен од Леонардо Мајер.
На Отвореното првенство на Швајцарија, во Гштад, Тим за прв пат во својата кариера бил носител на АТП турнир во главен жреб, но сепак бил поразен во првото коло од Виктор Троицки. Следно, на Отвореното првенство на Австрија, во Кицбиел, Тим бил петти носител. Тој во полуфиналето забележал победа над Хуан Монако и успеал да се пласира во своето прво АТП финале во кариерата на 20 годишна возраст. Во финалето, тој бил поразен од Давид Гофан и покрај тоа што имал сет предност. Натпреварувајќи се прв пат на Отвореното првенство на САД, Тим стигнал до четвртото коло победувајќи ги 11. носител, Ернест Гулбис, и 19. носител, Фелисијано Лопес, пред да биде поразен од шестиот носител, Томаш Бердих. На крајот на 2014 година, по завршувањето на натпреварувачката сезона, Тим завршил четиринеделна задолжителна национална служба во австриската војска.
2015: Три АТП титули Тим ја започнал сезоната со пораз во првото коло на Отвореното првенство на Оукленд од Јан-Ленард Штруф, а потоа бил поразен во првото коло и на Отвореото првенство на Австралија од Роберто Баутиста Ахут. На Отвореното првенство на Ротердам тој го победил Ернест Гулбис, но во второто коло загубил од Сергиј Стаховски. Следно, на Отвореното првенство на Марсеј, тој остварил победи над Жоао Соуза и Давид Гофан, но во четвртфиналето бил поразен од Роберто Баутиста Ахут. На мастерсот во Мајами, Тим забележал победи над Диего Швартцман, Фелисијано Лопес и Џек Сок во првите три кола, а потоа го победил Адријан Манарино во осминафиналето. Сепак, во четвртфиналето тој бил поразен од Енди Мари во три сета.
Сезоната на земјeна подлога Тим ја започнал на мастерсот во Монте Карло каде загубил уште во првото коло од Лука Пуј. На мастерсот во Рим, тој забележал победи над Симоне Болели и Жил Симон, но во третото коло бил поразен од Станислас Вавринка. Една недела подоцна, Тим ја освоил првата АТП титула во кариерата на Отвореното првенство на Ница, победувајќи ги Ник Кирјос, Ернест Гулбис и Џон Изнер на патот до финалето, во кое во изедначен натпревар го победил Леонардо Мајер. На Отвореното првенство на Франција, Тим забележал победа над Аљаж Бедене во првото коло, но во второто коло бил поразен од 21. носител, Пабло Куевас во четири сета.
На Вимблдон, Тим за прв пат бил носител во главен жреб на гренд слем турнир. Тој го победил Дуди Села во првото коло, но во второто коло бил поразен во пет сета од Фернандо Вердаско, и покрај предноста од 2–1 во сетови. По Вимблдон, Тим следно учествувал на Отвореното првенство на Хрватска, во Умаг, каде бил назначен за четврти носител. По победите над Душан Лајовиќ и сонародникот Андреас Хаидер-Маурер, Тим се пласирал во полуфиналето, во кое го победил Гаел Монфис и обезбедил учество во своето трето АТП финале. Во финалето, тој го победил Жоао Соуза во два сета и ја освоил втората титула во кариерата. Една недела подоцна, Тим ја освоил третата АТП титула во кариерата, на Отвореното првенство на Швајцарија, во Гштад, победувајќи го Давид Гофан во финалето. Следно, Тим учествувал на Отвореното првенство на Австрија, каде за прв пат бил прв носител на еден АТП турнир. Тој стигнал до полуфиналето, но бил поразен од Филип Колшрајбер кој ја прекинал неговата низа од 10 едноподруго победи. По завршувањето на турнирот, Тим за прв пат во кариерата се пласирал во најдобрите 20 играчи во светот, и тоа на 18. место.
Американската турнеја на тврда подлога Тим ја започнал со два воведни порази на мастерс турнирите во Монтреал и Синсинати од Ернест Гулбис и Мартин Клижан редоследно. На Отвореното првенство на САД, тој стигнал до третото коло во кое бил поразен од 15. носител, Кевин Андерсон. Следно, на Отвореното првенство на Санкт Петербург, тој стигнал до полуфиналето во кое бил поразен од Жоао Соуза. До крајот на сезоната, Тим не успеал да сврзе две победи на ниту еден од турнирите на кои играл и сезоната ја завршил со поразот во второто коло од Кевин Андерсон на мастерсот во Париз. Тим ја завршил 2015 година како светски бр. 20, со биланс од 36 победи и 28 порази во сезоната.
2016: Гренд слем полуфинале Тим освоил четири титули во 2016 година, вклучително и првата АТП 500 титула во Акапулко, и стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Франција. Тој ја започнал сезоната на турнирот во Бризбејн каде што забележал победа над светскиот бр. 13, Марин Чилиќ во четвртфиналето, но во полуфиналето бил поразен од Роџер Федерер. Тим стигнал до третото коло на Отвореното првенство на Австралија, но бил поразен од 16. носител, Давид Гофан. Следно, тој учествувал на Отвореното првенство на Аргентина, каде бил петти носител. Во полуфиналето тој изненадувачки го победил светскиот бр. 5 и бранител на титулата, Рафаел Надал. Тим успеал да ја освои четвртата АТП титула во кариерата, победувајќи го Николас Алмагро во финалето.