Ризик од интерна измама е ризик од загуба поради злоупотреба на службената дејност или нечесно однесување на вработените во некоја организација. Интерната измама претставува една од седумте категории настани кои може да предизвикаат загуба од оперативен ризик.

Што претставува интерната измама? Интерната измама може да се јави под различни имиња и тоа како измама од вработени, внатрешна измама, злоупотреба на службена должност. Интерната измама претставува една од седумте категории на настани кои можат да предизвикаат загуби од оперативен ризик според Базел 2. Според Базелскиот комитет за банкарска супервизија, интерната измама е ризичен настан со ниска честота на појава и висока сериозност на загубите. Гледано по деловни линии, кај финансирањето на корпорации, трговијата и продажбата, комерцијалното банкарство и управувањето со средства, интерната измама е ризичен настан со ниска честота на појава и висока сериозност на загубите, додека кај банкарството на мало, интерната измама е ризичен настан со ниска честота на појава и средна сериозност на загубите.I. A. Moosa, Operational risk management. New York: Palgrave Macmillan, 2007, стр. 105.

Постојат повеќе дефиниции за интерната измама. Според правната дефиниција „измамата претставува намерно погрешно претставување на материјалностите, што предизвикува претрпување на штета на жртвата“.Tracy L. Coenen, Essentials of corporate fraud. New Jersey: John Wiley & Sons, 2008, стр. 7. Според Базелскиот комитет, интерната измама претстaвува „загуба, која се должи на дејствие со цел намерно да се проневери незаконски да се присвои имот или да се заобиколат прописите, законот или политиката на компанијата со исклучок на разновидни дискриминирачки настани, што вклучува барем една интерна страна.“Basel Committee on Banking Supervision, „Operational Risk, Supporting Document to the New Basel Capital Accord“, January 2001, стр. 21. Асоцијацијата на сертифицирани истражувачи на измама ја дефинира измамата како „употреба на професијата за лично збогатување преку намерна злоупотреба или погрешна примена на ресурсите и средствата на организацијата“.ACFE, Report to nations on Occupational risk of fraud and abuse, 2012, стр. 6. Асоцијацијата на сертифицирани јавни сметководители ја дефинира измамата како „широко правен концепт којшто се разликува од грешка зависно од тоа дали акцијата е намерна или ненамерна“.Peter Goldmann, Fraud in the Markets: Why it Happens and how to Fight it. John Wiley & Sons, 2010, стр. 4. Најзначаен заеднички елемент на сите овие дефиниции на измамата е намерата бидејќи доколку повредата на другата страна настанала како резултат на грешка, овој акт не претставува измама. Опструкција во истражувањата, минато неприфатливо однесување или појава на директна и индиректна полза претставуваат значајни индикатори дека актот, односно дејството, е извршено со намера.

Импликации од ризикот од интерна измама Измамата од вработени лица е глобален проблем. Според истражувањето на измамата дело на „Ернст и Јанг“ (Ernst & Young) во кое биле опфатени 2.200 испитаници (вработени лица) од 22 држави во Европа, 55% од испитаниците очекувале пораст интерната измама во наредните неколку години, а 36% од нив сметале дека како одговор на кризата прогласувањето на технолошки вишок на голем број вработени може да создаде дупки во финансиската контрола.Ernst & Young, European fraud survey - Is integrity a casualty of the downturn?, 2009, стр. 2. Ризикот од интерна измама може да доведе до големи финансиски проблеми, со уништувачки ефекти. Според истражувањето на „Асоцијацијата на сертифицирани истражувачи на измама“ (ACFE) во 2012 година,ACFE, Report to nations on Occupational risk of fraud and abuse, 2012, стр. 4. кое обезбедува анализа на 1.388 случаи на интерна измама во САД низ широк опсек на индустрии, комапниите губат просечно 5% од своите годишни приходи поради интерна измама. Според истражувањето на асоцијацијата, дури половина од организациите не можат да ги покријат овие загуби со пари или други средства.ACFE, Report to nations on Occupational risk of fraud and abuse, 2012, стр. 5. Најчесто погодени од интерната измама се банките и останатите финансиски институции (16,7%), а потоа следат државата и јавна администрација (10,3%) и производствениот сектор (10,1%).ACFE, Report to nations on Occupational risk of fraud and abuse, 2012, стр. 28.

Според резултатите од истражувањето на интегритетот од страна на „КПМГ“ (KPMG), спроведено на неколку континенти (Европа, Африка, Азија, Блискиот Исток, Тихиот Океан), во споредба со другите индустрии, вработените во банкарството и осигурувањето како најсилно регулирани индустрии изјавиле дека се најретко погодени од интерна измама.KPMG, Forensic integrity survey, 2009, стр. 1. Како одговор на загубите од интерна измама репутацијата на финансиската институција може да биде сериозно загрозена. Според истражувањето на „КПМГ“, во споредба со другите индустрии, вработените во банкарството и финансиската индустрија изјавиле дека доживуваат најголема загуба на јавната доверба како резултат на несодветното однесување на вработените.KPMG, Forensic integrity survey, 2009, стр. 2. Така, според ова истражување, дури 71% од директорите се загрижени за губење на довербата кај јавноста како резултат на измамата и несоодветното однесување на вработените. Со повеќе од 50% следуваат стравот од законски казни и санкции (54%) и губењето на нови и постоечки клиенти (52%), а со помало значење биле загубата на можноста да привлечат и одржат добри вработени (43%) и падот на вредноста на акциите (34%).KPMG, Forensic integrity survey, 2009, стр. 4.

Трите елементи на измамата Мотивот, можноста и рационализацијата се трите основни елементи на т.н. триаголник на измама чии основи се поставени од страна на криминологот Доналд Р. Креси (Donald R. Cressey) уште во раните 1950-ти години.Tracy L. Coenen, Essentials of corporate fraud (Vol. 37). John Wiley & Sons, 2008, стр. 9-13. Постои голема веројатност дека дадена личност ќе изврши измама кога сите три елементи се присутни кај неа, поради тоа што тие заедно создаваат зрели услови за вршење измама. И денес, истражувачите го применуваат триаголникот на измама во истражувањето на луѓето кои вршат измама, затоа што тој покажува зошто луѓето вршат измама.

Мотивацијата (притисокот) ги опфаќа потребите што ја поттикнуваат една личност да изврши измама. Тие можат да бидат од финансиска и нефинансиска природа. Оние од финансиска природа можат да бидат заради реална потреба: покривање на личен долг, инвестициони загуби, високи медицински трошоци од една страна или задоволување на нескротливите желби за одредени материјалности, како: склоност кон коцкање, алкохол, дрога итн. Оние од нефинансиска природа можат да бидат: притисок за остварување на нереално високи цели, незадоволство од работата, страв од губење на работата, желба за успех или прикривање на лошото работење. Институцијата може да го ограничи овој елемент на триаголникот на измама со соодветно плаќање на вработените и преку поставување на систем на реални цели.

Можноста е вториот елемент на триаголникот на измамата. Станува збор за согледана способност од измамникот за вршење на измама без да биде откриен. Таа постои кога вработените ќе ги откријат слабостите на системот на контрола. На пример, слабата контрола им овозможува на вработените во банките да префрлат средства од сметките на клиентите на нивните сметки, за сопствена корист да обработуваат измамнички кредити, да фалсификуваат кредитни апликации, да покријат лични трошоци од банкарските средства. Покрај малата веројатност за откривање и слабата интерна контрола, можностите за измама се особено изразени во средини во кои политиките во врска со прифатливото однесување на вработените се нејасни. Можноста како елемент на триаголникот на измама е најлесна за контрола, бидејќи е едноставно да се ограничи пристапот на вработените и да се има увид преку мониторинг на нив и нивното работење.

Рационализацијата претставува еден вид оправдување на личноста пред себеси за причините да ја изврши измамата. Тоа може да биде: незадоволство од ниската плата или бонуси и сметање дека институцијата им ги должи парите, да гледа на измамата како на позајмување пари од институцијата или, пак, едноставно да смета дека институцијата го заслужува тоа поради слабата контрола. Овој елемент на измамата е невозможно да се контролира поради тоа што менџментот никогаш не може да знае како точно размислуваат вработените.

Според резултатите од истражувањето, спроведено од „КПМГ“, под наслов „Кој е типичниот измамник?“, алчноста и притисокот за постигнување на големи финансиски таргети претставуваат главни мотиви за вршење на измама од вработените. Превисоките цели делуваат како притисок врз вработените за нивно остварување, па во немоќ да ги исполнат, од страв дека ќе се соочат со намалување на бонусите или уште полошо губење на работата, вршат лажно прикажување на остварените резултати ли други видови измама. Слабата интерна контола ја олеснува измамата од вработените преку создавање на можности за вршење измама. Сите истражувања укажуваат дека главна причина за ранливоста на институциите на измама од вработените е недоволната интерна контрола.KPMG, Who is the typical fraudster?, 2011, стр. 9. Според „Делоит“ (Deloitte), главни фактори кои придонесуваат за измама од вработените се: недоволна интерна контрола (22%), соработка меѓу вработени и трети лица (17%) и надворешен притисок и незадоволни вработени/менаџери (16%).Deloitte, The inside story: The changing role od internal audit in dealing with financial fraud, 2010, стр. 7. Според резултатите од истржувањето на „ACFE“ од 2012 годina, недоволната интерна контрола со 35% е клучниот недостаток кој придонесува за измама од вработените.ACFE, Report to the nations on Occupational risk of fraud and abuse, 2012, стр. 38. Според истражувањето за измама на KPMG, во дури 74% од случаите слабата интерна контрола е „виновна“ за измама дело на вработените.KPMG, Who is the typical fraudster?, 2011, стр. 10.

Профил на интерен измамник Според неколку истражувања, утврдено е дека интерните измамници имаат заедничко однесување и лични особини кои им помагаат на истражувачите на измама во идентификацијата и запирањето на вработените од вршење измами кои можат да прераснат во огромни финансиски загуби. Според истражувањеto на „ACFE“, интерните измамници имаат чиста историја на вработеност без обвиненија за измама или осуденост (87% немаат криминално досие). Повеќе од половината, односно 54% од измамниците биле на возраст од 31-45 години и дури 2/3 од вкупните измами се дело на машката популација. Во најголем број интерни измами, поголемите загуби од измама одат заедно со подолго време на вработеност во институцијата (дури 42% од измамите се дело на вработени со работен стаж од 1-5 години). Повисоките загуби одат правопропорционално и со повисокото ниво на образование (54% се дела на дипломирани измамници или магистри) и со повисоко ниво на авторитет. Поголемиот дел од т.н. нечесни работници (55% се менаџери или извршни директори) имаат високо котирачки работни позиции на доверба и авторитет и ги користат слабостите на интерната контрола за да ги прикријат нивните криминални дејствија. Исто така, измамата извршена од двајца или повеќе вработени нанесува двојно поголеми загуби од измамата извршена од едно лице.ACFE, Report to the nations on Occupational risk of fraud and abuse, 2012, стр. 39-66.