Буковски манастир „Св. Преображение“ (познат и како Свети Сотир) — манастирски комплекс сместен во атарот на битолското село Буково.
Комплексот е сместен над самото истоимено село, на падините на Баба Планина.
Местоположба
Манастирот се наоѓа на околу 2 километри над селото Буково, на доминантна височинка опкружена со густа шума. До манастирот се доаѓа од насоката на селото Буково, но можно е да се пристигне и од селото Крстоар по тесниот асфалтен пат кој поминува покрај Крстоарскиот манастир, од каде патот продолжува како макадам.
Историја
Манастирот бил подигнат во 1837 година, а во 1845 година имало и двајца монаси.
Манастирот бил едно од омилените места на дипломатскиот кор во конзулска Битола за време на Отоманското Царство. Тука често престојувал рускиот конзул Александар Ростковски, кој во 1903 година бил убиен од турски војник додека се враќал од манастирот во Битола. За конзулот постои спомен-соба во манастирот.
За време на грчката верска и вооружена пропаганда во Македонија од 1904 до 1908 година, Буковскиот манастир заедно со тогаш гркоманското село Буково бил главна база на андартите во Пелагонија.Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, том II, София, 1943, стр. 212.
Градби во манастирот
Комплексот се состои од манастирската порта, црква „Св. Преображение“, конаците на два ката, со кујната и трпезаријата, камбанарија, археолошко наоѓалиште, спомен-соба и уште неколку други помошни објекти.
Манастирот денес не е активен, но историските сведоштва кажуваат за повеќевековно опстојување како еден од поголемите монашки и духовни центри во Битолско. Како резултат на залагањето од страна на верниците и црковните претставници, во последните години привршена е реконструкцијата на конаците. Со тоа се создадени услови за повеќедневен престој во овој прекрасен амбиент.
Црква
Манастирската црква била подигната во 1837 година.
Параклис „Св. Недела“
Параклисот Света Недела се наоѓа пред самиот манастир и е понова градба.
Конаци
Во комплексот има конаци кои се реноварини во поново време и служат за посетители.
Археолошко наоѓалиште
Во дворното место на манастирот постои археолошко наоѓалиште од типот на базилика од старохристијанско време. Тука биле откриени повеќе мермерни споменици, и тоа: фрагмент од стебло на столб, прозорско мено вградено во конакот, мермерна база и помало мермерно столпче. Веројатно на оваа локација се наоѓала старохристијанска базилика.Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Буково Категорија:Манастири во Македонија Категорија:Манастири во Преспанско-пелагониската епархија Категорија:Манастири на МПЦ Категорија:Манастири во Битолското архијерејско намесништво Категорија:Грчка вооружена пропаганда во Македонија