Воведение на Пресвета Богородица (многу позната и како Свети Спас) — главна селска црква во скопското село Кучевиште. Прогласена е за споменик на културата на Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа во самото село и може да се каже дека преовладува во просторот, особено во стариот дел на селото.
Историја
Историските податоци навестуваат дека црквата постоела во 1348 година. Се верува дека е подигната во периодот 1321-1331 година и дека била подигната од страна на жупанот Радослав. Така, се верува, дека црквата била изградена и живописана со средства на властелинското семејство, чии членови биле Арсен, Радослав и Владислава.
Црквата всушност претставува збир на повеќе градби. Првобитната црква потекнува од 1348 година, а подоцна била доградена припрата и затворен трем, кој некое време служел и како училиште.
Архитектура
Црквата, во основа, има облик на впишан крст во правоаголен простор, со висока купола над средишниот простор. Куполата се крепи на четири столба. Поседува апсида од надворешната страна во петоаголен облик. Градбата на црквата била ѕидана со делкан камен, тули и малтер. При ѕидањето, фасадите биле украсени со керамопластична декорација. Кон западната фасада, црквата подоцна добила припрата, која имала приземје и кат. Приземниот простор на припратата бил засводен со три полукружни свода, а катот над приземјето имал облик на еднокорабен засводен простор. Припратата потсетува на црквите-гробници, во кои биле закопувани ктиторите.
Подоцна, на западната страна од самата припрата и на јужната страна на црквата бил изграден широк трем.
Фрескоживопис
Живописот во олтарот и наосот бил изработен до 1331 година. Набргу потоа, во западниот дел од храмот била подигната припратата, која била живописана во периодот 1332-1337 година. Црквата е целосно живописана, освен припратата од јужната страна. Во текот на век, живописот бил пресликан, но тој живопис бил отстранет во текот на 1960-тите години со конзерваторска постапка.
Фрескоживописот е делот на двајца непознати зографи, кои несомнено биле мошне талентирани. Според други извори се работи за зографот Григориј.
Од најстариот живопис во црквата, може да се издвојат композициите „Оплакувањето на Христа“, „Богородица со Исус Христос“ и други.
Во 1337 година била насликана припратата. На северниот и јужниот ѕид, непознатиот сликар ги насликал портретите на ктиторите: војводата Дејан и неговата жена Владислава, сестра на жупанот Радослав, застанати покрај портретот на цар Душан и царицата Елена, а на северниот ѕид се насликани и нивните деца, Јован и Димитар. На јужниот влез во наосот зачуван е ктиторскиот натпис, каде што се испишани имињата на Благоверната Марена, Радослав и Владислава (идната жена на војводата Дејан). Околу 1348 година царот Душан ја приложил заедно со селото, кај црквата Свети Архангели кај Призрен.
Во век биле насликани поединечни фигури и композиции на јужната фасада на црквата, а во век непознат зограф го насликал житието на Свети Ѓорѓи во самата припрата.
Капела „Св. Никола“
Црквата поседува капела посветена на Свети Никола, која се наоѓа на катот од припратата. Таа била повторно живописана во 1501 година.
Иконостас
Во 1845 година, Дичо Зограф заедно со своите соработници работел на обновување на иконите од иконостасот, кои за жал изгореле во пожарот од 1983 година.
За потребите на иконостасот ги изработил иконите „Раѓање Христово“, „Крштевање Христово“, „Влегување во Ерусалим“ и иконата со претставата на „Св. Петар“ од иконите со апостолите, а за кои без сомнение може да се тврди дека се дела на Дичо Зограф. Тие денес се чуваат во жртвеникот на олтарниот простор од црквата.
Дела на Дичо Зограф, 1845 г.
Име
Бидејќи самата црква уште одамна започнала да го слави Спасовден, црквата меѓу народот го добила и името Свети Спас. Уште во 1519 година бил споменат собор за Спасовден.
Галерија
Поврзано Кучевиште Скопска епархија Северноскопско архијерејско намесништво
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Кучевиште Кучевиште