Пијано или клавир — музички инструмент со клавијатура која содржи 88 (52 бели и 36 црни) клавиши чие притискање произведува звуци. И покрај тешката преносливост и висока цена, пијаното е сепак еден од најпрепознатливите и најпопуларните инструменти во светот поради својата повеќенаменска природа во сферите на свирењето и компонирањето.
Со притискање на еден од клавишите на пијаното, обложеното чеканче поврзано со истиот удира по челични жици и потоа веднаш се повлекува за да и дозволи на жицата да трепери. Треперењата преку мост се пренесуваат до резонантната штица која полесно ги спојува воздухот и акустичната енергија и го прави звукот погласен. Регулатор ја запира вибрацијата на жицата и звукот во моментот кога се отпушта клавишот. Пијаното е класифицирано како кордофонски инструмент во Хорнбостел-Заксовиот систем.
Зборот пијано е скратена форма од pianoforte, од италијанскиот збор за инструментот. Одделно, двата збора piano и forte значат тивко и гласно што кореспондира со јачината со која свирачот на инструментот ќе ги притисне клавишите т.е. посилно притискање - погласен звук, послабо притискање - потивок звук.
Историја
Пијаното како изум е изградено врз основа на претходните жичени инструменти како цимбалот. Во текот на средниот век има неколку обиди да се создаде жичен инструмент со клавијатура, а веќе до XVII век механизмот за клавијатура како оној на клавичембалото и чембалото е добро познат. Потребни се неколку векови работење на механизмот на чембалото за да се стигне до ефективни начини за конструирање на кутијата, резонантната штица, мостот и клавијатурата на пијаното.
Бартоломео Кристофори (1655-1731) од Падова, Италија ја добива заслугата за изумот на современото пијано. Големиот кнез од Тоскана, Фердинандо де Меричи го вработува Бартоломео како Чувар на Инструментите, кој веќе е експерт за градење на чембало и поседува големо знаење за жичени инструменти со клавијатура. Не е познато точно кога првпат го гради пијаното, но пописот направен од фамилијата Медичи докажува дека пијаното постои пред 1700 година, а друг не толку веродостоен документ тврди дека пијаното постои уште во 1698 година. Денес преостануваат три Кристофори пијана од 1720-тите.
Клавичембалото има одлична контрола на јачината и постојаноста на звукот, но не е доволно гласен за поголеми концерти, додека чембалото има мала контрола на нотите а произведува доволно јак звук. Пијаното е обид за комбинирање на контролата и гласноста од клавичембалото и чембалото во еден инструмент.
Големиот успех на Кристофори е решавањето на основниот механички проблем со дизајнот на пијаното, а тој е дека чеканчето мора да ја удри жицата, но да не остане во контакт со неа бидејќи тоа би го разводенило звукот. Исто така, чеканчето треба да се врати на првобитната позиција полека, а сепак да може една нота да се повтори повеќепати набрзина. Сите методи кои следуваа го искористија механизмот на повторување кај пијаното на Кристофори. Првичните инструменти тој ги прави со потенки жици што резултира со послаб звук од оној на современото пијано, но има поголема јачина и постојаност од клавичембалото.
Новиот инструмент на Кристофори останува незабележан сè додека италијанскиот писател Чипионе Мафеи не го пофалува во една статија со дијаграм од 1711 година. Статијата брзо патува наоколу и следната генерација на градители на пијана ја почнуваат нивната работа следејќи го примерот на Кристофори. Еден од нив е Јохан Готфрид Силберман, кој дотогаш е познат како градител на оргули. Неговите пијана се всушност копии на оние од Кристофори, но со еден многу важен додаток, кој е всушност претходникот на педалата за одржување ноти, со чие притискање се подигнуваат сите регулатори (дампери) од жиците одеднаш.
Силберман му покажува еден од своите првични инструменти на Јохан Себастијан Бах во 1730-тите, но Бах изразува незадоволство со повисоките ноти кои за него биле премногу меки за целосно да го опфатат динамичкиот опсег. Иако тоа ја ослабува нивната соработка, сепак Силберман го користи советот и како возврат Бах го прифаќа неговото пијано од 1747 година, дури и му помага при продажбата на истото.. "Instrument: piano et forte genandt" [was] an expression Bach also used when acting as Silbermann's agent in 1749."
Во доцниот XVIII век, градењето на пијаната е во голем подем во Виенската класична школа со Јохан Андреас Стајн и градителите Нанет Страјкер и Антон Волтер. Виенските пијана се градат со дрвени структури, две жици по нота и чеканчиња обложени со кожа. На некои од овие виенски пијана боите на клавишите се обратно свртени од тие на современите, односно основните клавиши се црни, а помошните бели. Токму на таков инструмент Волфганг Амадеус Моцарт ги компонира неговите пијано концерти и сонати и изградени се реплики на истите за да се изведуваат поавтентични концерти на неговите познати композиции. Пијаната од времето на Моцарт имаат помеки и по рефинирани тонови од денешните или од англиските пијана, кои имаат послаб звук. Денес, поимот фортепиано се користи за разликување на пијаната од XVIII век од идните пијана.
Современо пијано
Пијаното од Моцартовата ера претрпува огромни измени во периодот од 1790 до 1860 година кои доведоа до денешниот облик на пијаното. Овие измени се појавија како резултат на наклоноста на композиторите и пијанистите кон посилен и попостојан пијано звук, наклоност поткрепена со индустриската револуција која носи висококвалитетни жици за пијаното и поголема прецизност при производството на железните конструкции. Со текот на времето се зголемува и тонскиот осег на пијаното од 5 октави на пијаната од времето на Моцарт до 7 и една третина октави на современите пијана.
Раниот технолошки напредок најмногу се должи на фирмата за производство на пијана Broadwood & Sons. Двајцата Шкоти Џон Броудвуд и Роберт Стодарт придружени од Холанѓанецот Америкус Бакерс околу 1777 година го дизајнираат пијаното во кутија на чембало од каде настанало големото пијано. Брзо го градат својот углед за инструменти со моќни тонови и прекрасен изглед и тие се првите кои произведуваат пијана со повеќе од 5 октави,односно 6 октави до 1810 и 7 октави до 1820 година. Им испраќаат пијана на Јозеф Хајдн и Лудвиг ван Бетовен бидејќи тој користи повеќе ноти во своите подоцнежни дела. Виенските градители ги следат истите трендови но на различен начин, Broadwood & Sons гради помоќни пијана додека виенските се понежни.
До 1820 година центарот на иновации се преместува во Париз каде фирмата Плеејел произведува пијана за Фредерик Шопен и фирмата Ерард за Франц Лист. Во 1821 година Себастиен Ерард го изумува лостот за двојна нота со кој нотата може да се повтори повеќепати иако клавишот не се подигнува до крај. Овој метод на брзо свирење ноти го користи Лист, а наскоро станува стандарден додаток за големите пијана и сѐ уште се користи при производството на истите.
Исто така се користи чоја како материјал за обложување на чеканчињата повеќе од кожа и памук. Хенри Пејп во 1826 година ја претставува чојата како поиздржлив материјал кој дозволува поголем динамичен опсег бидејќи се зголемува тежината на чеканчињата и затегнатоста на жиците. Жан Луи Боасело во 1844 година го измислува состенуто (итал. постојаност) педалот кој додава уште неколку ефекти на пијаното.
Иновацијата која многу придонесува за звукот на современото пијано е користењето на силна железна структура или таканаречена чинија која е позиционирана над резонантната штица и служи како бедем за силата на затегнатите жици. Железната структура исто така дозволува да се искористат повеќе жици кои се позатегнати и подебели. Во современите големото пијана затегнатоста е поголема од 20 тони. Едноделната железна структура за пијано која ги спојува металната плоча за игли на Самуел Херве од Broadwood & Sons и отпорната решетка на Тон и Ален ја патентира Алфиус Бебкок во 1825 година во Бостон. Подоцна, Бабкок работи за Чикеринг и Мекејс кои ја патентираат првата целосна железна структура за големо пијано во 1843 година. Европските градители повеќе ги користат композитните метални структури сè до раниот XX век кога системот на Бебкок целосно се прифаќа.
Во другите иновации се вклучува и начинот на кој се затегнуваат жиците на пијаното, на пример 3 жици за сите освен за најниските ноти и примената на презагната скала на која жиците се ставени на две различни крила со свои мостови (накрсно затегнување). Додека бас-жиците на раните инструменти се продолжувања на крилата со една жица, ова таканаречено презатегнување содржи бас-мост позади, и на пискавата страна во просторот на тенор-мостот. Тоа прави потесен простор во носот на пијаното и го подобрува преминот од отпуштени тенор жици до бас жици обвиени со железо или бакар. Презатегнувањето го измислува Жан-Анри Папе во 1820-тите, а Хенри Стајнвеј го патентира за употреба во големите пијана во 1859 година во САД.
Некои градители на пијана развиваат шеми за засилување на тонот на секоја нота. Џулиус Блатнер го измислува симпатичкото затегнување во 1893 како и Паскал-Џосеф Таскин во 1788 и Колард & Колард во 1821 година. Секој од нив користи појасно звонливи и неразводенети треперења за да го ублажи тонот, освен Блатнер чие симпатичко затегнување вклучува уште една – четврта жица во најгорните два делови за високи ноти. Малите додатоци на регулаторите (а не чеканчињата) ги удираат овие одделно затегнати симпатични жици чии иглички се подигнати малку повеќе од вообичаеното ниво на трожичното затегнување. Нестрплив да го искористи овој 'симпатичен' метод, Стајнвеј ја измислува двојната интонација која вклучува кратки неми жици (заградени од симпатичните) во поголемиот дел од високите ноти на пијаното, позиционирани на места кои им овозможуваат да треперат во исто време со нивните главни жици, создавајќи двојни октави и 12тинки.
Варијации на облик и дизајн Голем број од формите и дизајните на поранешните пијана повеќе не се користат, како на пример таканареченото 'квадратно пијано' кое е всушност со правоаголна форма, чие накрсно затегнување на жиците е сместено во еден исклучително остар агол над чеканчињата и клавијатурата е ставена на една од подолгите страни. Заслуга за тој дизајн добиваат Готфрид Силберман или Кристијан Ернст Фридеричи во континентална Европа и Јохан Зампи или Харман Вјетор во Англија, со додатоци од страна на Гијом-Либрихт Пецолд во Франција и Алфиус Вебкок во САД. Квадратните пијана се градат во голем број низ 1840-тите во Европа и 1890-тите во САД и претрпуваат најочигледни промени во споредба со другите видови на пијана бидејќи железните структури на Стајнвеј & Синови се два и пол пати поголеми од дрвените структури на Зампи. Нивната огромна популарност најмногу се должи на ниската цена иако тонот и изведбата се ограничени од тесната резонантна штица и растојанието меѓу жиците заради кое правилното позиционирање на чеканчињата е невозможно.
Штицата и мостовите на вертикално исправеното затегнато големо се над клавишите, а игличките се под нив. Поимот 'исправени' пијана подоцна повторно се враќа во мода за рекламни цели, а слични на него се и пијаната во форма на жирафа, пирамида и инструментот лира.
Високото пијано во форма на шкаф се појавува во 1805 година и се гради низ 1840-тите. Неговите жици се поставени вертикално по структурата на пијаното и мостовите се протегаат блиску до подот позади клавијатурата. Пијаниното (краткото исправено 'колипско' пијано) со вертикално затегнување на жиците го популаризира Роберт Ворнам во 1815 година се гради во XIX век. Народното име за овие пијана е 'кафез за птици' пијано заради заради истакнатиот педалски механизам. Пијанината се разликувани од исправените закосени пијана популаризирани од страна на Ролер & Бланше во 1820-тите години. Малата спинета се произведува од 1930-тите па до денес.
Современите исправени и големите пијана ја добиваат нивната форма на крајот на XIX век но сѐ уште добиваат некои нови детали карактеристични за фирмата која ги произведува.
Историја на музички изведби