Сарџо Караџа Брадина (1778 - 1889), еден од тројцата најмоќни и најбогати селски сточари и големопоседници во Мијачијата кои живееле кон крајот на XVIII и во XIX век. Покрај него, кој бил од Тресонче, носители на целокупниот развој на Бистра биле и галичанецот Томо Томоски и лазоровецот Ѓурчин Кокале (Кокалески).

Сарџо кој бил своевиден куриозитет во Мијачијата, живеел цели 111 години, а неговиот работен век престанал кога навршил 95 години и престанал да биде ангажиран со своите внуци и синови по Бистра планина и по Егејска Македонија во грижата за многуилјадните стада, во времето кога тие нараснале на преку 20.000 овци и 300 коњи. Тогаш исклучително му се посветил на попречувањето на фанариотското и патријаршиското духовно влијание во Мијачијата во тесна соработка со неговите побратими Ѓурчин и Тодор. Останал запаметен и по покрстувањето на исламизираните Мијаци од Река и од селата на Бистра што го вршел пред целиот народ. Поради таа активност Сарџо десет години од својот живот ги поминал во затвор во градот Призрен на Косово.

Куќата на Брадиновци ја викале „Кулата“ и се наоѓала во месноста „Речишче“. Тоа всушност била пространа изба со бројни пондила за дваесетина коњи и друга крупна стока во долниот дел, а на горниот кат се одвивал семејниот живот. Во долниот дел на куќата постоел а и тајна чешма за која малкумина во селото знаеле, а била наменета за времиња кога Сарџо и неговиот род биле со денови сардисувани од качачки банди. Во горниот дел од Кулата над пондилата се наоѓал голем чардак со многу дрвени прозорци без стакло, кои ноќно време се затворале со дрвени кепенци. Целата куќа била оградена со висока ѕидана ограда и чувана од кучиња шарпланинци кои на долги синџири постојано ја варделе Кулата на стопанот.

Сарџо повеќепати се пресметувал со разбојници, а двапати бил и ранет. За неговата храброст и подвизи се пренесувале и легенди во кои се раскажувало како се пресметувал со качаците, многупати бркајќи ги со стап или фрлајќи ги низ пенџере!

Познато е дека во 1860 година разбојници ги убиле неговиот дваесет и петгодишен син Трене, син му Смиле, внукот Дамјан и синот на селскиот поп Арсение Брадина и Аврам Брадина, а ранети биле неколку жени. Во тој напад во главата бил ранет и Сарџо, од што долги години подоцна страдал од силни главоболки.

'Градител на цркви и училишта' Особено е важен податокот кој говори дека тој во 1852 година со лично залагање и со свои средства го отворил првото основно училиште во Мијачијата, петнаесет години пред постројувањето на едно такво училиште во Галичник. На тресончани им велел оти во книгата се крие најважната ука на светот и оти без писменост не можат да се надеваат на посреќен живот. Ги учел да бидат чисти, стокмени и да не пијат. Секому во селото кој сакал да формира свое семејство парично му помагал, а даденото честопати не го барал назад. Со годините станал еден од најбогатите и највлијателните ќеаи во т.н. „Деборска держава“ и станал апсолутен господар на Тресонче.

Како сведок на неговиот живот до ден денеска останал главниот селски црковен храм „Свети Петар и Павле“. Имено, Сарџо Брадина целосно материјално ја помогнал изградбата на тој храм и станал негов доживотен ктитор. Црквата била изградена на местото каде од порано постоело мало дрвено храмче со истото име.

Кој сака и денеска над влезната црковна порта на Ленишча може да прочита: „Свјати Апостол Павле во славоју божја и Свјати Апостол Петар црква суградисја како свјати храм во лета од Христа 1844 месеца јулија 14 ден втом уже времја обрјатише сја кира Сарџа ктитора Брадиноски с попи Митре Јодроски и Сиљан Петроски свјати православни Тресончани - христијански зограф Дичо Крстевич написа живопис лета од Христа месеца маја 27 ден 1849“.

Текст со слична содржина има и над влезната врата во самиот храм.

Во првата половина од XIX век доста силно било настојувањето на грчките фанариоти да го прошират црковното грчко влијание во Мала Река. Таа улога ревносно ја вршел грчкиот владика во Дебарската епархија Мелетије, кој поради тоа дошол во судир со тројцата селски главатари од Тресонче, Лазарополе и Галичник, Сарџо, Ѓурчин и Тодор.

Тројцата го претставувале неподеленото мислење на селаните од ови три села кои решиле да не дозволат богослужби на грчки јазик во селските храмови, а само богослужби на старословенски измешан со македонски мијачки говор.

Особено е значен податокот оти Сарџо Брадина е најзаслужниот што Тресонче од турскиот султан Махмуд II добило статус на дервенџиско село. Дервенџиско село е село кое има право да поседува оружје и да внимава на важните планински патишта кои ги поврзуваат градските центри. Тресонче го чувало мошне важниот планински пат Кичево-Дебар по кој транзитирал турскиот аскер, но и доста значајни сточарски, земјоделски, текстилни и други производи. Статусот на дервенџиско село значело и поголема сигурност на тресончани од нападите од качачките банди од Албанија. Сепак, мора да се спомене дека некои селани таквата привилегија и ја злоупотребиле, вршејќи грабежи низ другите села.

Во однос на црковното значење на Сарџо, освен што бил ктитор на тресонечкиот централен храм, тој се јавил и како обновител на разурнатиот манастир „Света Богородица Пречиста“ во околината на Кичево, кого според записите на Кузман Смилески - Брадина во неговата книга „Антологија на мијачките великани“, го запалиле грчките фанариоти. Сарџо вложил големи материјални и парични средства за негово повторно градење, а од селото Росоки, кое се наоѓа близу до Тресонче, со своите коњи носел товари камен - бигор, а како надомест, на росочани им биле давани на бесплатно користење пасиштата од атарите на Тресонче и Лазарополе. Запишано е дека тој на манасторот му дарувал и голем број книги. Во тоа Брадина добил голема помош и од Ѓурчин Кокале и од некој хаџи Василко од Галичник.

Поради ова, кога подоцна Сарџо починал, камбаните на манастирот биеле три дена.

Ваквиот однос на долгогодишниот тресонечки главатар се должел на фактот што тој уште од дете се стекнал со чисти верски православни чувства, особено заради тоа што уште од дете го испратиле да учи во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Тој во текот на животот имал добро односи и со исламизираните Мијаци, кои денеска ги викаат Торбеши, а живеат по течението на Радика.

Црковната активност Православната воцрковеност на Сарџо Брадина била главна причина поради која тоа за целиот негов 111-годишен живот редовно го посетувал прилепскиот манастир Трескавец. Но, тој имал обичај на манастирската обител да и носи злато, демек за откуп на гревовите. Ваквата почит и приврзаност на Сарџо со Трескавец се толкува и со фактот што според некои записи, атарот на Тресонче всушност бил под патронат на Трескавец и оти името на селото се поврзува со името на тој прилепски манастир. Ова тврдење сепак, сè уште останува недоистражено.

Црковната активност на Сарџо Брадина се споменува и во случајот кога во втората половина на XIX век во Галичник се доселиле голем број муслимани од Долна Река - Дебарско и побарале да работат на имотите на богатите галичани. Галичкиот главатар Тодор Томоски се согласил на тоа, но под услов да се вратат во православната хрис това вера, со што тие се согласиле. Ѓурчин и Сарџо тоа го правеле на поинаков начин, односно тие своите ќерки ги мажеле за Мијаци муслимани, под услов младоженците да се вратат во старата вера. За таа цел во маалото Врлевци во Тресонче, Брадина поставил голем крст од бигор кој и ден денеска постои и на тоа место јавно пред сите селани, муслиманите му се враќале на православието. Познато е дека тој на ваков начин ги омажил ќерките Злата и Невена, едната од нив во семејството Рамчовци од маалото Јодровци, а другата во родот Кадиевци.

Ваквата постапка на Сарџо ја следеле и другите села, па затоа на повеќе места низ Мала Река и ден денеска достојуваат големи крстови поставени на истакнати места.

Поради ваквата активност, но и поради отворената борба за зачувување на старословенскиот јазик во црковните литургии, тресонечкиот главатар доживувал и многу непријатности. Забележани се два случаја кога завршил во дебарскиот затвор, од каде бил пуштан по интервенциите на неговите работни пријатели дебрани, меѓу кои имало и Албанци католици. Најтешкото затворање му се случило во Призрен, каде останал цели десет години. Ова заточение било катастрофално за него, за неговото семејство и за целото Тресонче. Но, за тоа подолу во овој текст.

Доста интересна информација од неговата фамилија е дека еден од неговите правнуци, етнологот д-р Томо Смиљаниќ - Брадина, кој напишал многу книги за Мијаците, во 1921 бил примен во масонската ложа „Вардар“, а зад себе го влечел и епитетот „антикомунист“.

Стекнување на богатството Во времето на Сарџо Брадина Тресонче имало над 80.000 овци (од кои околу 20.000 биле негови, имал и над 300 коњи), а селото броело околу 1.500 жители, од кои најголемиот број се занимавале со сточарство. Како успеал Сарџо да стане еден од најголемите луѓе во западна Македонија?

По описменувањето во "Свети Јован Бигорски", Сарџо Брадина од својот татко Ѓорѓија Караџа добил дел од неговото богатство, стекнато како сточар. Златото кое го оставил таткото, тој го поделил со н еговите браќа, Шчерјо, Исо, Косто (овие заминале да живеат во Србија), и со Марко (овој заминал во Бугарија). Последниот брат, Арсо се замонашил. Единствено Сарџо останал во Тресонче и продолжил да се занимава со сточарство, за подоцна да создаде еден од најголемите сточарски региони каде произведувал и извезувал млеко, сирење, урда, кашкавал, волна, кожа, маст, месо и жива стока. Волната ја извезувал во Прилеп, кожата во Охрид на семејството Робевци, а кашкавалот и сирењето преку Елбасан и Солун ги извезувал во Каиро, Египет, каде бил поврзан со некои галичани.

Уште откако во првите години продолжил да ја презема целата работа од татка си, најтешко било катагодишното пренесување на стадата овци од Бистра во Егејска Македонија во областа на денешна Лариса. Пренесувањата треле околу еден месец, почнувајќи најчесто во септември. Патот бил долг околу 250 километри, а водел прекукичевско, прилепско, низ Пелагонија и Кожуф планина, а понекогаш и низ гевгелиско и солунско. За таа цел биле потребни голем број коњи, а познато е дека Сарџо достигнал имот до 300 коња. На патот кон Егејска Македонија Брадина стадата ги групирал од групи по 500 овци, кои ги варделе двајца овчари, неколку коњи и кучиња шарпланинци. Патувањата ги изведувал етапно со добро организирани движења под контрола на сејмени (чувари), кои била скапо платени да обезбедат сигурен премин на стадата до крајната цел. Но, честопати се случувале судири со разбојнички качачки банди кои успевале да грабнат дел од стадата и да ги однесат во Албанија каде им ги продавале на турските чифлик-сајбии. Затоа Сарџо најчесто пред стадата да поминат низ некоја опасна област, испраќал „чистачи на патот“ кои честопати се судирале со разбојници, а при таквите судири имало и жртви. Тој долго време го користел тој начин на заштита, односно сè додека на се стекнал со авторитет кај непријателите, кои неговите овци ги распознавале во втиснатата буква „Џ“ на десната страна од грбот на секоја од нив. Запишано е дека сарџо за секое префрлање на стадата кон Егеј најмувал по околу 30 сејмени, најчесто припадници на некои други разбојнички банди.

Кога ќе се стигнело до одредиштето во Долна Земја (така Мијаците ја викале Егејска Македонија) се јавувале нови проблеми. Тогаш требало да се најдат средства овците да имаат со што да се прехранат за време на зимата, која во тие области била поблага. Прехранувањето на овците за време на јагнењето (декември, јануари) се сметало за критичен период и тогаш никој од вработените не спиел. Тоа бил периодот кога Сарџо се радувал поради зголемувањето на стадото или тажел поради загубите. Се случувало за една вечер да се родат и до 500 јагниња. Поради големата посветеност на работата на неговите работници Сарџо Брадина обезбедувал да има малку загуби што придонело неговото богатство да почне да се зголемува.