Слободна Држава Орање (; ) ― независна суверена бурска република во Јужна Африка која постоела од 1854 година до крајот на Втората Бурска војна во 1902 година. Државата е една од трите историски претходници на денешната покраина Фри Стејт.

Слободната Држава Орање се протегала меѓу реките Орање и Вал, а нејзините граници ги одредило Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска во 1848 година откако претходно регионот бил прогласен за Суверенитет на Реката Орање, на чело со британски резидентен министер со седиште во Блумфонтејн. Блумфонтејн и јужните делови од Суверенитетот претходно биле населени од народот Гриква и од Трекбури преселени од колонијата Кејп.

По доделувањето на суверенитет на Трансвалската Република, Британците сакале да се повлечат од администрирањето на територијата меѓу реките Оранње и Вал. Затоа Британците ја признале независноста на Суверенитетот на Реката Орање и на 23 февруари 1854 година со потпишувањето на Конвенцијата за Реката Орање земјата официјално стекнала независност под името Слободна Држава Орање.

Во 1900 година, Британците ја анектирале Слободна Држава Орање и била припоена кон британските доминиони под името Колонија на Реката Орање. Државата официјално престанала да постои како независна бурска република на 31 мај 1902 година по потпишувањето на Веренигиншкиот договор со кој се ставил крај на Втората бурска војна. Во 1907 година територијата станала самоуправна колонија и во 1910 година заедно со Провинцијата Кејп, Натал и Трансвал се приклучила на Јужноафриканската Унија под името Провинција Слободна Држава Орање. Во 1961 година, Јужноафриканската Унија станала Јужноафриканска Република.

Името на републиката делумно потекнува од реката Орање, која била именувана во чест на холандското владејачко семејство, династијата Орање, чие име пак потекнува од неговото делумно потекло во Кнежевството Оранж во Француска Бургундија. Официјален јазик во Слободната Држава Орање бил холандскиот.

Историја

Први населби Европејците првпат стигнале до земјата северно од реката Орање кон крајот на 18 век. Еден од најзабележителните посетители бил холандскиот истражувач Роберт Џејкоб Гордон, кој го мапирал регионот и ѝ го дал името на реката Орање. Во тоа време, областа била ретко населена. Мнозинство од жителите биле од народот Сото, но по долината на реката Орање и Ваал живееле Хојхои, а на западната граница живееле многу Бушмани. На почетокот од 19 век, Грикви се населиле северно од Орање.

Бурско населување Во 1824 година, од Колонијата Кејп во земјата се доселиле земјоделци и сточари од холандско, француско-хугенотско и германско потекло, познати како Трекбури (подоцна Англичаните ги именувале како Бури). Тие ја напуштиле колонијата Кејп од различни причини, но заедничка им била желбата за независност од британската власт. Водачот на првата голема група, Хендрик Потгитер, склучил договор поглаварот на племето Батаунг, и на земјоделците им била отстапена земјата меѓу реките Вет и Вал. Кога бурските семејства стигнале во областа, увиделе дека земјата е опустошена и ненаселена поради меѓуплеменските борби. Бурите набрзо од племето Мзиликази, кои ги нападнале бурските ловците кои ја преминале реката Вал. Во ноември 1837 година Бурите ги поразиле Мзиликазите, кој потоа повлекле на север и се населиле на местото на идниот град Булавајо во Зимбабве.

Во меѓувреме, уште една група доселеници од Кејп Холанд се населиле во Таба Нчу. Во декември 1836 година, доселениците над Реката Орање на генерално собрание воспоставиле елементарна републиканска форма на владеење. По победата над Мзиликазите, бил основан градот Винбург (Бурите така го нарекле во спомен на нивната победа), бил избран Фолксрад (парламент), а Питер Ретиф бил избран за „гувернер и генерал-командант“. Доселениците веќе броеле околу 500 мажи, нивните жени и деца и многу слуги. Набрзо се појавиле несогласувања меѓу доселениците, чиј број постојано се зголемувале, а Ретиф, Потгитер и други водачи ја преминале планината Дракенсберг и навлегле во Натал. Тие што останале биле поделени на неколку групи.

Британско владеење Во меѓувреме, долж горниот тек на Орање и по долината на Каледон се појавила нова сила. Мошошу, малолетен поглавар на племето Басото, откако претходно здружил неколку кланови кои барале засолниште во тој планински регион додека бегале од Мзиликазите, ја формирал државата Басото, а тој бил признат за крал. Во 1833 година, кога бурски доселеници почнале да се населуваат околу неговото кралство, тој решил да побара поддршка од Британците во Кејп. Во 1843 година Британците склучиле договор со Мошошу, и го ставиле под британска заштита. Сличен договор бил склучен со поглаварот на Гриква Адам Кок III. Со овие договори, кои го признавале домородниот суверенитет, Британците се обиделе да ги држат под контрола Бурите и да ги заштитат домородците и колонијата Кејп. Како резултат на тоа избиле судири меѓу сите три засегнати страни.

Договорите во голема мера ги навредиле Бурите, кои одбиле да го признаат суверенитетот на домородните поглавари. Бурските фармери испратиле претставници до британскиот комесар во Натал и барале еднаков третман со Гриква. Набргу потоа избувнале непријателствата меѓу земјоделците и Гриква. Британската војска го поддржала племето Гриква, а по престрелката кај Зварткопје (2 мај 1845) бил склучен нов договор со кој администрацијата на територијата се става во раце на Британски резитентен министер. Местото што го купил капетанот (потоа мајор) Ворден како седиште на администрацијата било познато како Блумфонтејн, а потоа станало главен град на целата земја.

Бурско владеење Волксрадот во Винбург побарал јурисдикција над Бурите што живееле меѓу Орање и Вал. Тој бил во федерација со Волксрадот во Почефструм, кој поднел слично барање за Големите Бури кои живееле северно од Вал. Во 1846 година, мајорот Ворден го накратко го окупирал Винбург, а односите меѓу Бурите и Британците постојано биле тензични. Многу фармери го напуштиле Винбург и заминале за Трансвал. Новиот гувернер на Кејп, Сер Хари Смит, кон крајот на 1847 година ја увидел неможноста да владее според договорите со Гриква и Басото, и на 3 февруари 1848 година објавил проглас со кој прогласил британски суверенитет на територијата помеѓу реките Орање и Вал до Дракенсберг на исток.

Суверенитет на Реката Орање Мајорот Ворден останал британски резидентен министер до јули 1852 година. Бил основан законодавен совет, висок суд и биле преземени други чекори за уредување на власта во земјата, која официјално била наречена Суверенитет на Реката Орање. Во октомври 1849 година, на Мошошу му бил понуден нов договор со кој значително се намалувале границите на резерватот Басото. Подоцна прецизно биле дефинирани и резерватите на другите поглавари.

Британскиот резидентен министер, сепак, немал доволно моќ да го наметне својот авторитет, а Мошошу и другите соседни племиња започнале со борби меѓу себе и со Европејците. Во 1851 година Мошошу се приклучил на републиканската партија во Суверенитетот во покана до Преториус. Интервенцијата на Преториус била окончана со Конвенцијата од реката Сенд од 1852 година, со која се признава независноста на Трансвал, но не го задирала статусот на Суверенитетот. Британската влада која неволно се согласила на анексија на земјата, решила да се откаже и од Суверенитетот.

На состанокот на претставниците на сите европски жители на Суверенитетот одржан во Блумфонтејн во јуни 1852 година било изгласано задржување на британската власт. Со Мошошу била склучена спогодба со која се зајакнува неговата позиција.Во 1853 таму бил испратен Џорџ Расел Клерк како специјален комесар „за решавање и порамнување на работите“ на Суверенитетот.

На 23 февруари во Блумфонтејн, Сер Џорџ Клерк и Републиканскиот комитет ја потпишале Конвенцијата на Реката Орање со која се признава независност на земјата. Во март истата година Бурската владата ја презела функцијата и било подигнато републичкото знаме.

По повлекување на Британците биле избрани народни претставници. Пратениците го усвоиле новиот устав на 18 април 1954 година според кој државата се прогласува за република и се именува како Слободна Држава Орање. За прв претседател бил избран Јосијас Филип Хофман, но бил обвинет дека е премногу наклонет кон Мошошу и поднел оставка. Во 1855 година него го наследил Јакобус Николаас Бошоф.

Конфликт со Јужноафриканска Република мини|283x283пкс| Мартинус Преториус Новоформираната држава била соочена со застрашувачката моќ на Басото на нејзината јужна и источна граница и со заканата од Трансвалските бури од Јужноафриканската Република. Мартинус Преториус, генерал-командант на Јужноафриканската Република, сакал да создаде конфедерација меѓу двете бурски држави. Напорите на Преториус за мирно обединување биле одбиени. Затоа, Преториус, потпомогнат од Пол Кругер, ја нападнал територијата на Слободната Држава Орање. Откако дознал за инвазијата, претседателот Јакобус Николас Бошоф прогласил воена состојба низ целата земја. На 25 мај, двете спротивставени сили се судриле кај реката Реностер. Претседателот Бошоф покрај своите 800 војници од Слободната Држава Орање, добил понуди за поддршка од командантот Стефанус Шоман, водач на Трансвал во областа Зутпансберг и од командантот Жубер од Лиденбург. Преториус и Кругер, кои располагале со 300 војници, се повлекле на север. Кругер со знаме на примирје отишол во логорот на Бошоф и на 2 јуни бил потпишан мировен договор, според кој државите меѓусебно си ја признаваат апсолутната независност.

Дел од жителите на Слободната Држава Орање кое му се приклучило на Преториус биле обвинети за велепредавство, биле уапсени и казнети. Но, во Слободната Држава Орање се јавиле внатрешни меѓупартиски судири. Како последица на несогласувањата меѓу бургерите (општините), претседателот Бошоф во февруари 1858 година поднел оставка, но извесно време бил принуден да остане на функцијата. Државата се соочувала со тешкотии до таа мера што собранието во декември 1858 година донело резолуција за конфедерација со Колонијата Кејп. Предлогот бил поддржан од Сер Џорџ Греј, тогашен гувернер на Колонијата Кејп, но не и од Британската влада и не бил усвоен.

Истата година, започнала отворена војна меѓу Бурите и Басото. Предност во војната стекнал Басото; а Слободната Држава Орање апелирала до Сер Џорџ Греј, кој го навел Мошошу да склучи мировен договор. Договорот бил потпишан на 15 октомври 1858 година, и со него била зацртана новата граница. Бошоф повторно ја поднел својата оставка во февруари 1859 година и се повлекол во Натал. За нов претседател бил избран командант-генералот на Јужноафриканската Република Мартинус Весел Преториус. Иако не можел да постигне траен мир со Басото, ниту да ја реализира својата амбиција за создавање на единствена обединета бурска република, Преториус за време на владеењето со Слободната Држава Орање од неа направил просперитетна и воено моќна држава. Биле стекнати плодната област Бетулие, како и територијата на Адам Кок. Меѓутоа, бургерите немале доверба во избраните владетели и нејќеле да наплаќаат даноци. Разочаран од состојбите во Слободната Држава Орање, Преториус поднел оставка од претседателската функција во 1863 година и се преселил во Трансвал.