Луис Марк Капалди (англ. Lewis Marc Capaldi; роден на 7 октомври 1996) ― шкотски кантавтор и музичар. Негова најпозната песна е „Someone You Loved“ (објавена во 2018), која во 2019 година се искачила на врвот на топ-листите во многу земји. Во мај 2020 година, било објавено дека песната „Someone You Loved“ станала сингл од британски изведувач кој најдолго се задржал во топ-10 во целокупното постоење на топ-листата.

На 17 мај 2019 година, тој го издал неговиот прв албум, Divinely Uninspired to a Hellish Extent, кој подоцна станал најпродаван албум за 2019 и 2020 година во Обединетото Кралство. Неговиот втор албум Broken by Desire to Be Heavenly Sent бил објавен во 2023 година.

Живот и кариера Капалди е роден во Глазгов, Шкотска, и таму живеел до неговата четврта година, по што неговото семејство се преселило во Ист Витберн во Западен Лотијан. Тој има шкотско, ирско и италијанско потекло и бил најмал од четирите деца на неговите родители. Се заинтересирал за настапи во живо откако на 4-годишна возраст пеел на бина додека со семејството бил во Франција. Научил да свири гитара на девет години. Веднаш потоа почнал да пишува песни и да свири во пабови.

2014–2016: Почетоци Кога имал 18 години, бил забележан од неговиот подоцнежен менаџер Рајан Волтер преку видео кое го снимил на неговиот iPhone во спална соба и кое го поставил на SoundCloud. Откако стапил во контакт со Капалди, Волтер следниот ден од Америка стигнал во Британија за да го слушне Капалди како свири во живо. Во 2016 година, Капалди дипломирал музика на Њу колеџ во Ланаркшир.

2017–2020: Први изданија и стекнување популарност десно|мини|270x270пкс| Капалди настапува на фестивалот Илосарирок 2018 во Јоенсу, Финска Тој независно го издал неговиот прв сингл „Bruises“ на 31 март 2017 година. Песната набрзина била пуштена 28 милиони пати на Spotify, а Капалди станал изведувач кој без издавачка куќа најбрзо стигнал до 25 милиони пуштања на платформата. По објавувањето на песната, тој потпишал со германскиот огранок на Universal Music Group. Неговиот прв сингл, како и песните „Lost on You“ и „Fade“ биле вметнати во неговото прво ЕР, Bloom.

Тој го поддржал Reg'n'Bone Man на неговата европска турнеја во ноември 2017 година и германската рок-група Milky Chance на нивната северноамериканска турнеја на Blossom (2018). Во 2018 година бил на турнеја како поддршка за неколку други музичари, а потоа имал и своја турнеја низ Обединетото Кралство и Европа. Vevo DSCVR го прогласил Капалди за еден од „Музичарите на кои треба да се внимава во 2018“ и тој ја освоил наградата „Најдобар акустичен изведувач“ на „Шкотските награди за алтернативна музика“. Покрај турнеите, Капалди настапил на многу фестивали во текот на летото 2018 година: Lollapalooza, Bonnaroo, Firefly, Mountain Jam, Osheaga, Reading & Leeds Festival, Rize и TRNSMT. На 8 ноември, било објавено второто ЕР на Капалди, Breach.

Песната од Breach „Someone You Loved“ станала песна со која Капалди се пробил на светската музичка сцена. Песната се нашла на топ-листите во 29 земји. За време на неговата турнеја со групата Bastille во 2019 година, песната се искачила на прво место на топ-листата за синглови во ОК каде што се задржала 7 недели. Таа, исто така, стигнала до прво место на Billboard Hot 100, со што станал прв шкотски соло-изведувач на врвот на американската топ-листа по Шина Истон во 1981 година. Песната била номинирана за Греми за „Песна на годината“. Уште една песна од Breach „Grace“ се пласирала во топ-10 во ОК таа година. И двете песни биле вклучени во неговиот прв албум Divinely Uninspired to a Hellish Extent. Албумот станал најпродаван албум во ОК во претходните пет години.

Капалди бил номиниран за „Награда по избор на британските критичари“ на Британските музички награди во 2019 година. Подоцна бил на турнеја како поддршка на ирската група Picture This.

Во текот на летото 2019 година, Капалди настапил на многу фестивали. Од 16 до 26 август, тој го поддржал Ед Ширан на крајот од неговата светска турнеја Divide. Кон крајот на годината, било издадено продолжено издание од неговиот прв албум заедно со синглот „Before You Go“, кој на 31 јануари 2020 година станал негов втор сингл врвот на топ-листата за синглови во Велика Британија.

На Британските музички награди во 2020 година, Капалди бил номиниран во три категории и освоил две награди. Таа година биле објавени и две песни кои ги напишал Капалди: „How to Be Lonely“ од Рита Ора и „Lasting Lover“ од Сигала.

2021–сега: десно|мини| Капалди настапува на фестивалот Гластонбери во 2023 година Водечкиот сингл „Forget Me“ од неговиот втор албум, Broken by Desire to Be Heavenly Sent, бил објавен во септември 2022 година и станала негова прва песна која дебитирала на прво место на топ-листата за синглови во ОК. Песните „Pointless“ (јануари 2023 година) и „Wish You the Best“ исто така се искачиле на прво место во Обединетото Кралство. Капалди требало да настапи на фестивалот во Рединг и Лидс во јуни 2023 година, но концертот бил откажан поради неговото нарушено ментално здравје.

Во јуни 2023 година, Капалди објавил дека ќе направи подолга и неодредена пауза од турнеи, наведувајќи ја потребата да се насочи на неговото ментално и физичко здравје. Претходно истиот месец, сетот на Капалди на фестивалот Гластонбери во 2023 година бил видливо отежнат од напад на неодамна дијагностицираниот Туретов синдром на Капалди.

Личен живот Откако стекнал слава, Капалди почнал да чувствува анксиозност и притисок од настапите. Почнал да покажува нервозни тикови. Во септември 2022 година, тој обелоденил дека му бил дијагностициран Туретов синдром. Во април 2023 година, неговиот документарец „Како се чувствувам сега“ бил објавен на Нетфликс.

Капалди, од јуни 2023 година е во врска со шкотската глумица Ели Мекдауел.

Дискографија

Divinely Uninspired to a Hellish Extent (2019) Broken by Desire to Be Heavenly Sent (2023)

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Добитници на Британски музички награди Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1996 година Категорија:Луѓе со Туретов синдром Категорија:Шкотски пејачи Категорија:Шкотски кантавтори