Ежен Емануел Виоле-ле-Дик (), (, - , ) — француски архитект и автор, познат по обновата на најзначајните средновековни знаменитости во Франција. Неговите главни реставраторски проекти ги вклучувале Богородичната црква во Париз, базиликата Сен Дени, Мон Сен Мишел, Сент Шапел, средновековните ѕидини на градот Каркасон и замокот Роктајад во регионот Бордо.
Неговите дела за декорацијата и за односот помеѓу обликот и функцијата во архитектурата имаа темелно влијание врз цело ново поколение архитекти, вклучувајќи ги сите главни уметници од арт нуво: Антони Гауди, Виктор Орта, Ектор Гимар, Анри ван де Велде, Анри Соваж и Школата од Нанси, Пол Анкар, Ото Вагнер, Ежен Грасе, Емил Гале и Хендрик Петрус Берлаге. Тој, исто така, имал влијание врз првите современи архитекти, Френк Лојд Рајт, Мис ван дер Рое, Огист Пере, Луј Саливан и Ле Корбизје, кои го сметале Виоле-ле-Дик за татко на модерната архитектура. Англискиот архитект Вилијам Бургес тврдел дека „Сите ние сме од Виоле-ле-Дик, иако веројатно ниту еден од десет купувачи не го чита текстот“.
Неговите дела, исто така, влијаеле врз Џон Раскин, Вилијам Морис и движењето „Уметност и занаети“. На Меѓународната изложба од 1862 година во Лондон, естетските дела на Едвард Берн-Џонс, Кристина Росети, Филип Веб, Вилијам Морис, Симеон Соломон и Едвард Појнтер биле непосредно под влијание на цртежите во „Речникот“ на Виоле-ле-Дик.
Младост и образование Виоле-ле-Дик бил роден во Париз во 1814 година. Неговиот дедо бил архитект, а неговиот татко бил висок државен службеник, кој во 1816 година станал надзорник на кралските резиденции на Луј XVIII. Неговиот чичко Етјен-Жан Делеклиз бил сликар, поранешен ученик на Жак-Луј Давид, уметнички критичар и домаќин на книжевен салон, на кој присуствувале Стендал и Сент-Бев. Неговата мајка го организирала својот салон, на кој можеле да присуствуваат и жените, како и мажите. Таму, во 1822 или 1823 година, Ежен го запознал Проспер Мериме, писател кој ќе одигра одлучувачка улога во неговата кариера.
Во 1825 година го започнал своето образование во Пансион Моран, во Фонтене-о-Роз. Се вратил во Париз во 1829 година како ученик на колеџот де Бурбон (сега Лицеј Кондорсе). Го положил матурскиот испит во 1830 година. Неговиот чичко го натерал да се запише во Училиштето за ликовни уметности (École des Beaux-Arts), кое било создадено во 1806 година, но училиштето имало исклучително строг систем, целосно заснован на копирање класични модели, а Ежен не бил заинтересиран. Наместо тоа, решил да стекне практично искуство во архитектонските бироа на Жак-Мари Иве и Ашил Леклер, додека голем дел од своето време го посветувал на цртање средновековни цркви и споменици низ Париз.
На шеснаесет години учествувал во Јулската револуција од 1830 година, која го соборила Шарл X, градејќи барикада. По револуцијата, која го довела Луј Филип I на власт, неговиот татко станал началник на бирото за кралски резиденции. Новата влада, за првпат, ја создала позицијата генерален инспектор за историски споменици. Чичкото на Ежен, Делеклиз, се согласил да го поведе Ежен на долга турнеја низ Франција за да види споменици. Тие патувале од јули до октомври 1831 година низ Јужна Франција, а тој се вратил со голема збирка од подробни слики и акварели од цркви и споменици. десно|мини|200x200пкс|Женски банкет во дворецот Туилери насликан од Виоле-ле-Дик (1835) По враќањето во Париз, се преселил со семејството во палатата Тилери, каде што неговиот татко сега бил управник на кралските резиденции. Неговото семејство повторно го наговорало да учи во Училиштетот за ликовни уметности, но тој сè уште одбивал. Во својот дневник во декември 1831 година напишал: „École е само калап за архитекти. Сите излегуваат практично истоветни“. Тој бил надарен и педантен уметник; патувал низ Франција за да посетува споменици, катедрали и друга средновековна архитектура, правел подробни цртежи и акварели. Во 1834 година, на дваесетгодишна возраст, се оженил со Елизабет Тамплие, а истата година бил именуван за вонреден професор по украсна декорација на Кралското училиште за декоративни уметности, што му дало поредовен приход. Меѓу неговите први ученици таму бил и Леон Гошерел.
Со парите од продажбата на неговите цртежи и слики, Виоле-ле-Дик тргнал на долга турнеја на спомениците на Италија, посетувајќи ги Рим, Венеција, Фиренца и други места, цртајќи и сликајќи. Во 1838 година, тој претставил неколку свои цртежи на Парискиот салон и почнал да ја работи патната книга, „Сликовити и романтични слики од стара Франција“, за која, помеѓу 1838 и 1844 година, направил речиси триста гравури.
Први архитектонски реставрации
мини|Опатијата Везеле, првиот проект за реставрација на Виоле-ле-Дик Во октомври 1838 година, по препорака на Ашил Леклер, архитектот кај кого се школувал, бил именуван за заменик-инспектор за проширување на хотелот „Субиз“, новиот дом на Француските национални архиви. Неговиот чичко, Делеклиз, потоа го препорачал на новата Комисија за историски споменици на Франција, предводена од Проспер Мериме, кој штотуку објавил книга за средновековните француски споменици. Иако имал само дваесет и четири години и немал диплома по архитектура, било побарано од него да оди во Нарбон за да предложи план за завршување на тамошната катедрала. Проектот бил отфрлен од месните власти како премногу амбициозен и премногу скап.
Неговиот прв вистински проект била реставрацијата на опатијата Везеле, што многумина го сметале за невозможно. Црквата била ограбена од хугенотите во 1569 година, а за време на Француската револуција фасадата и статуите на фасадата биле уништени. Сводовите на покривот биле ослабени, а многу од камењата биле однесени за други намени. Кога Мериме ја посетил за да ја провери градбата, слушнал како паѓаат камења околу него. Во февруари 1840 година, тој му ја дал на Виоле-ле-Дик задачата да ја реставрира и реконструира црквата за да не се сруши, притоа „точно ги почитува сите изворни диспозиции на црквата во својот проект за реставрација“.
Задачата беше уште потешка бидејќи дотогаш не биле направени научни проучувања за средновековните градежни техники, а немало ни школи за реставрација. Тој ги немал изворните планови по која би ја работел обновата. Виоле-ле-Дик морал да ги открие недостатоците во конструкцијата што предизвикале зградата да почне да се урива на прво место и да изгради поцврста и постабилна структура. Тој го олеснил покривот и изградил нови лакови за да ја стабилизира структурата и малку го променил обликот на сводовите и лаковите. Бил критикуван за овие промени во 1960-тите, иако, како што истакнале неговите бранители, без нив покривот ќе се срушел под сопствената тежина. Заменикот на Мериме, Ленорман, извршил преглед на изградбата и го известил Мериме: „Младиот Ледик изгледа целосно достоен за вашата доверба. Му требаше величествена дрскост за да преземе таков очаен потфат; сигурно е дека пристигна токму навреме, и ако чекавме само десет години, црквата ќе беше куп камења.“ Оваа реставраторска работа траела 19 години.
Сент Шапел и Амбоаз
Успехот на Виоле-ле-Дик во Везеле довел до голема низа проекти. Во 1840 година, во соработка со својот пријател архитектот Жан-Батист Ласи, ја започнал реставрацијата на Сент-Шапел во Париз, која по Револуцијата била претворена во складиште. Во февруари 1843 година, кралот Луј Филип го испратил во замокот Амбоаз, за да ги реставрира витражите во капелата во која се наоѓа гробот на Леонардо да Винчи. Прозорците за жал биле уништени во 1940 година за време на Втората светска војна.
Во 1843 година, Мериме го повел Виоле-ле-Дик со себе во Бургундија и Јужна Франција, на едно од неговите долги патувања за инспекција на споменици. Виоле-ле-Дик направил цртежи од зградите и напишал подробни извештаи за секое место, илустрирани со негов цртеж, кои биле објавени во архитектонски списанија. Со своето искуство, тој станал најистакнатиот академски научник за француската средновековна архитектура, а неговиот средновековен речник, со над 4000 цртежи, ја содржи најголемата иконографија на оваа тема до ден-денес.
Богородична црква во Париз
Во 1844 година, со поддршка на Мериме, Виоле-ле-Дик, на возраст од само триесет години, и Ласи, тогаш триесет и седум години, победиле на натпреварот за реставрација на Богородичната црква, која траела дваесет и пет години. Нивниот проект првенствено ја вклучувал фасадата, каде што многу од статуите над порталите биле обезглавени или смачкани за време на Револуцијата. Тие предложиле две големи промени во ентериерот: обнова на два од корабите до нивната првична средновековна висина од четири ката и отстранување на мермерните неокласични структури и декорации кои биле додадени на хорот за време на владеењето на Луј XIV. Мериме ги предупредил да бидат внимателни: „Во таков проект, не може да се дејствува со премногу разумност или дискреција... Реставрацијата може да биде покатастрофална за споменикот отколку пустошот од вековите.“ Комисијата за историски споменици ги одобрил повеќето од плановите на Виоле-ле-Дик, но го отфрлил неговиот предлог за отстранување на хорот изграден за време на Луј XIV. Самиот Виоле-ле-Дик го одбил предлогот за додавање на две нови шилци на врвот на кулите, тврдејќи дека таков споменик „би бил извонреден, но не би бил Богородичната црква во Париз“. Наместо тоа, тој предложил да се обнови иворниот средновековен шилец и камбанаријата над трансептот, кои биле отстранети во 1786 година бидејќи биле нестабилни на ветер.A. Trintignac and M.J. Coloni, Découvrir Notre-Dame de Paris Les Éditions du Cerf, 1984, , p. 260.
Откако проектот бил одобрен, Виоле-ле-Дик направил цртежи и фотографии од постојните декоративни елементи; потоа тие биле отстранети и многу скулптори почнале да изработуваат нови статуи на светци, гаргојли, химери и други архитектонски елементи во работилница што ја основал, работејќи врз основа на неговите цртежи и фотографии од слични дела во други катедрали од истиот период.A. Trintignac and M.J. Coloni, Découvrir Notre-Dame de Paris Les Éditions du Cerf, 1984, , p. 260. Тој, исто така, дизајнирал нова ризница во готски стил за да служи како музеј на катедралата, заменувајќи ја резиденцијата на надбискупот, која била уништена во немири во 1831 година.
Ѕвоната во двете кули биле извадени во 1791 година и стопени за да се направат топови. Виоле-ле-Дик излил нови ѕвона за северната кула и изградил нова структура внатре за да ги потпре. Виоле-ле-Дик и Ласи, исто така, ја обновиле сакристијата, на јужната страна од црквата, која била изградена во 1756 година, но била запалена од бунтовниците за време на Јулската револуција од 1830 година. Новата кула била завршена, повисока и поцврсто изградена за да ги издржи временските услови. Била украсена со статуи на апостолите, а лицето на Свети Тома, светец-заштитник на архитектите, имало забележителна сличност со Виоле-ле-Дик.A. Trintignac and M.J. Coloni, Découvrir Notre-Dame de Paris Les Éditions du Cerf, 1984, , p. 260. Кулата била уништена на 15 април 2019 година, како резултат на пожарот во Богородичната црква во Париз. Сен Дени и Амјен Кога не бил ангажиран во Париз, Виоле-ле-Дик ги продолжувал своите долги патувања низ француските покраини, врешејќи увид и проверувајќи го напредокот на повеќе од дваесет различни реставраторски проекти што биле под негова контрола, од кои седум само во Бургундија. Новите проекти ги вклучувале базиликата Сен-Сернен во Тулуз и базиликата Сен-Дени, веднаш до Париз. Реставрацијата на Сен-Дени ја почнал друг архитект, Франсоа Дебре, кој ја обновил едната од двете кули. Сепак, во 1846 година, новата кула, преоптоварена од ѕидаријата, почнала да пука, па бил повикан Виоле-ле-Дик. Тој не нашол начин зградата да се спаси и морал да го надгледува рушењето на кулата, зачувувајќи ги камењата. Тој се сосредоточил на реставрација на внатрешноста на црквата и успеал да ја реставрира изворната погребна комора на кралевите на Франција.