„На грбот на неповратот“ — поетска збирка од македонскиот писател и поет Владо Јаневски. Издадена е во 2024 година во Скопје, од Агенцијата за иселеништво. Книгата е наградена со наградата „Стојан Христов“ и беше полуфиналист за наградата „Ацо Шопов“. Ликовните прилози во книгата и илустрацијата на корицата се дело на Јаневски.
Содржина Поетската збирка „На грбот не неповратот“ содржи пет циклуси: Јајцето го кршам одвнатре: Во овој циклус се поставува сцената на која се одвива приказната: мало место и неговите преостанати жители, на кои разнесувач на знаци иднина, јавнат на коњ без име, пред црквата им донесува полна торба чудесии. Коњаникот се крие од погледот на неверниците, тие слушаат само тупот на коњските копита и се обидуваат да ја проникнат судбината. Додека се гледам во скршено огледало: Тука поетот навлегува во зачмаеноста на малото место, коешто никако не може да излезе од маѓепсаниот круг на несреќи и да го истера врагот од својата средина. Изгубен во пејзаж наречен загрижено лице: Во овој циклус се гледа на смртта како на долг процес на размислување за минливоста, но треба да се живее, зашто нема многу време за жалење. Меѓу два стиха се наоѓа процеп низ кој може да се премине од другата страна на јавето. Остатокот од денот: Тука се третираат облиците на самотијата. Се поведува разговор разгледајќи фотографија – за спомен и за долго сеќавање – создадена од самата самотија. Далечината ме прелажа: Ова е последниот циклус, деновите се чинат како стадо од кое секој ден се губи по една овца и останува само желбата да се помине барем уште една пролет во малото место пред да се замине во далечината. Предговорот е на Габриела Стојаноска-Станоеска. Поговорот е на Виолета Танчева-Златева и Жељко Буклијаш (хрватски поет, антологичар и водител на манифестацијата „Утро на поезијата“ во Загреб).
Осврт кон делото
Во освртот на Жељко Буклијаш, меѓу другото се вели: книгата поезија „На грбот на неповратот“ на Владо Јаневски е поделена на пет циклуси со вкупно дваесет и две песни, напишани во слободен стих. Циклусите, секој за себе, живеат свој живот, но со разни алки и ликови се поврзани еден со друг и така полека ни ја раскажуваат приказната и ја прават книгата една заокружена целина. Стихот е кус, најчесто се состои од два или три збора. Не е тоа заради краткиот здив, туку заради начинот како да се изговорат нешта што, по долго промислување, му се кажуваат на сопатникот, на мачорот или, во крајна линија, на својата сенка, а тој начин е во склад со ритамот на тапанот, зурлите и гајдите на едно мало место. Таквиот, свој начин на говорење низ стихови, Јаневски морал сам да го измисли, освен ако не прифатиме дека тој стих веќе го имал во крвта „пробивајќи го јајцето одвнатре“, т.е. од самото раѓање. Ритамот е основната сила на стихот и речиси е невозможно да се објасни, но поетот треба да го чувствува и да го развива тоа свое чувство.
Во освртот на Габриела Стојаноска-Станоеска, се нагласува дека се работи за силно возбудливо, длабоко луцидно, лирско и филозофски проткаено четиво кое поставува и поттикнува многу суштински значајни животни прашања. Уште на почетокот, интригантниот наслов расчепкува стари национални и индивидуални рани: „Кој е неповратот?“ Дали е метафора за егзодусот на обичните луѓе кои од памтивек до денес се принудени да го напуштаат своето огниште, метафора што ги претвора нивните вековни места на живеење во градови-сеништа и села-духови? Или пак, тоа е последната врата на крајот на сечија животна патека од која нема назад, колку и да сакаш да се повратиш, барем на чекор, два..? Ако е тоа лицето на неповратот, кој е неговиот грб? И, на крајот на краиштата, што лежи на грбот на неповратот? Одговорот секој си го наоѓа индивидуално. Според неа, одговорот се открива самиот кога ќе престанеме да го бараме истиот и кога ќе се препуштиме на доживувањето. Тогаш на грбот на неповратот може да се најде капутот на незаборавот.
Технички одлики Книгата „На грбот на неповратот“, со обем од 104 страници и со димензии од 21 сантиметар, каталогизирана е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-47222-7-4. Издадена е во 2024 година во Скопје, од Агенцијата за иселеништво. Издавањето на книгата е финансиски помогнато од Министерството за култура. Ликовните прилози во книгата и илустрацијата на корицата се дело на Владо Јаневски.
Наводи
Поврзано Владо Јаневски Награда „Стојан Христов“ Награда „Ацо Шопов“ Македонска книжевност
Надворешни врски Владо Јаневски добитник на наградата "Стојан Христов" Поетска книга што изобилува со симболи Читање поеми од поетската збирка “На грбот на неповратот”
Категорија:Македонска поезија Категорија:Дела на Владо Јаневски Категорија:Македонска книжевност Категорија:Книги од 2024 година Категорија:Македонски дела од 2024 година Категорија:Појавено во 2024 година во Македонија Категорија:Изданија на Агенција за иселеништво