Чудото на Светиот Оган (1892–1899) — слика (масло на платно) од англискиот уметник Вилијам Холман Хант, која го прикажува грчкиот православен обред на Светиот Оган во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим. Хант верувал дека огнот е побожна измама што го доведува христијанството на лош глас. Тој имал намера сликата да биде сатира во стилот на Вилијам Хогарт. Хант go објавил идентитетот на различните ликови прикажани на сликата.

Сликата се наоѓа во Музејот на уметност Фог во Кембриџ, Масачусетс, САД.

Предмет Чудото на Светиот Оган е годишен настан во кој патријархот на Грчката православна црква во Ерусалим влегува во светилиштето на Светиот Гроб со незапалена светилка и излегува со запалена. Церемонијата започнува напладне кога православниот патријарх на Ерусалим рецитира посебна молитва. Потоа верниците пеат „Господи, помилуј“ сè додека Светиот Оган не „слезе“ на светилка со маслиново масло која ја држи патријархот сам во гробницата. Потоа патријархот излегува од гробницата, рецитира неколку молитви и пали 33 или 12 свеќи кои ги дели на верниците.

Хант го прикажува моментот кога огнот се пренесува од свеќа на свеќа. Запалени свеќи може да се видат како излегуваат од светилиштето во позадина десно. Сликата не се концентрира на самиот настан, туку на социјалниот и етнографскиот контекст на случување.

Хант ги прикажал различните конкурентски религиозни групи, заедно со различните раси и етникуми во регионот. На крајната десна страна, жена која ги претставува протестантските англиски ставови брза да ги отстрани своите деца од сцената а толпата станува сè повозбудена. Нивната грчка православна дадилка реагира ентузијастички, подавајќи ја својата свеќа кон толпата. Голем број поединци усвојуваат пози кои ја имитираат смртта и воскресението на Исус. Во позадина, на крајната лева страна, фигура која го имитира мртвиот Исус е носена од други кои усвојуваат претерани гестови на жалост. Во центарот, маж се поставува наспроти светилиштето, во гест како воскресението на Исус.

Додека толпата станува немирна, војниците одОтоманската империја се обидуваат да ги контролираат побунетите елементи. Во центарот на церемонијата е исламскиот владетел на градот. Бим-паша, неговиот заменик по команда, се потпира на својот меч и претставува ред во неред.

Категорија:Уметнички слики од 1899 година Категорија:Слики од Вилијам Холман Хант