Данокот за свињи е данок кој постоел во Османлиската империја. За овој данок во пописните дефтери, како и во разните кануннамиња се среќаваат следниве називи: Resm-i hinzir, Resm-i hanazir, Resm-i huk, Bidat-i hanazir. Доколку свињите ќе се гоеле за Божиќ, во тој случај наплатуваниот данок од тие свињи се викал Resm-i Božik.

Како и кај некои и другите даноци, така и кај овој се јавува едно разнобразие во однос на висината на данокот. Така, на пример, во кануннамето на Мехмед II стои дека на две свињи се земало по едно акче на име Resm-i hinzir. Но, ако свињите се ранеле дома, во кочина, за гоење и колење, во тој случај за секоја свиња се земало по едно акче. Истата законска одредба е предвидена и во Законот за Софија од 1525 год., во смисла дека на две свињи се земало по едно акче, а доколку биле за гоење, на секоја свиња по едно акче.

Според еден закон за санџакот Силистра од 1569 год. од свињите што ги колеле христијаните за Божиќ се земало за секоја свиња по две акчиња како „данок за Божиќ“ (Resm-i Božik).

Во кануннамето за Охридскиот Санџак од 1583 год. по однос на овој данок стои следново: „Ако свињата на раетинот се движи во синорот на друг спахија, половината од данокот нека го земе сопственикот на рајата, а (втората) половина да ја земе оној на чиешто земјиште се движела (пасела)“. Данокот за свињи во Охридскиот Санџак се земал во летото, т.е. на 19 јули.

Во Сремското кануннаме од 1588/9 година е регистрирано дека за една свиња се земало по 2 акчиња. Понатаму стои: „Бидејќи е стар обичај кај нив, христијанската раја кога ќе заколе (свиња) на име Resm-i Božik да дава по 2 акчиња, тоа е заведено според поранешниот начин“.

Литература

Категорија:Економија на Отоманското Царство