„Лужиновата одбрана“ (руски: Защита Лужина; англиски: The Defense) — третиот роман на руско-американскиот писател Владимир Набоков, објавен на руски јазик во 1930 година, а на англиски јазик во 1964 година. Романот е посветен на Вера, сопругата на Набоков.Vladimir Nabokov, Lužinova odbrana. NNK Internacional, Beograd, 2009, стр. 11.
Содржина Романот се состои од 14 глави: 1-4 глава: Семејството на писателот Лужин заминува на железничката станица за да го испрати синот на училиште во Санкт Петербург. Детето бега од станицата и се враќа дома, криејќи се на таванот, но семејството го пронаоѓа и го враќа на станицата. Во училиштето, младиот Александар Иванович Лужин не се снаоѓа добро: професорите го опишуваат како апатичен и без амбиции, а не е прифатен ниту од другарите. Еднаш, во татковиот кабинет, младиот Лужин случајно здогледува шах и во него се раѓа љубов кон таа игра. По неколку дена, тој гледа двајца другари како играат шах во училницата и тогаш конено добива желба да научи да игра. Набргу, тој почнува да бега од училиштето и да ја посетува неговата подалечна тетка (која е љубовница на татко му), каде еден старец го подучува во играта. Подоцна, за време на летниот распуст во селото, Лужин проучува познати шаховски партии и шаховски проблеми и уште повеќе се усовршува. Еден ден, татко му заминува во градот за тајно да се сретне со љубовницата, а кога се враќа во селото, му предлага на синот да играат шах и тогаш ја сфаќа неговата страст кон играта. Таткото го кани селскиот лекар (кој е добар шахист) да игра со младиот Лужин, кој постојано го победува. Подоцна, истата година, се случуваат неколку настани важни за иднината на Лужин: го победува професорот по географија (аматерски шахист), потоа игра против поранешен познат шахист, во еден весник се појавува неговата фотографија, го напушта училиштето, наскоро тешко се разболува, па заминува на одмор во една германска бања, каде на возраст од 14 години ја освојува третата награда на еден многу силен шаховски турнир, со што станува познат како чудо од дете. За време на престојот во бањата, во Русија умира мајка му.Vladimir Nabokov, Lužinova odbrana. NNK Internacional, Beograd, 2009, стр. 13-76. 5-7 глава: По враќањето од бањата во татковината, Лужин постариот му ангажира менаџер на синот, Валентинов, кој на детето му организира турнири низ Русија, кои му ја зголемуваат славата. Кога започнува Првата светска војна, Лужинови и Валентинов заминуваат во странство, а потоа таткото се враќа во Русија, додека Лужин помладиот патува низ Европа, учествувајќи на бројни турнири. По Октомвриската револуција, младиот Лужин накратко се враќа во татковината, но пак заминува во странство, а татко му најпрвин е уапсен, а потоа протеран во странство. Тој се населува во Берлин, а во 1928 година, горд на успесите на синот, во 1928 година, добива идеја за новелата „Гамбит“ за шаховското чудо од дете. Сепак, тој не ја завршува новелата и набргу умира при што синот не присуствува на неговиот погреб. Три години по дефинитивното заминување од Русија, Лужин и Валентинов настапуваат ширум Европа, но кога Лужин прераснува во зрел шахист, Валентинов го напушта, а потоа, Лужин патува низ Европа, учествувајќи на шаховските турнири. Дваесет години по првата посета, како прославен шахист, Лужин пристига во истата германска бања, каде запознава една богата Русинка од Берлин. Таа е восхитена од неговата необична појава, а и тој се заљубува во неа и ја бара за жена. Девојката ја повикува мајка си за да го процени Лужин, а таа стекнува многу неповолно мислење за него. Сепак, девојката е непоколеблива и Лужин бара дозвола за брак од мајка ѝ.Vladimir Nabokov, Lužinova odbrana. NNK Internacional, Beograd, 2009, стр. 77-122. 8-11 глава: Лужин и неговата свршеница се враќаат во Берлин, каде тој учествува на многу силен турнир. Тој редовно ја посетува девојката во нејзината куќа, но за време на турнирот е расеан и целосно посветен на шахот, така што дури ја губи врската со светот околу себе. Конечно, доаѓа денот кога Лужин треба да игра против главниот противник, италијанскиот шахист Турати. Двајцата играат многу внимателно, така што партијата е прекината, а Лужин, пак, трпи голема болка. По играта, додека чекори низ градот, тој паѓа на улицата, а дури ноќта го наоѓаат двајца пијани мажи кои го носат во куќата на свршеницата. Оттаму го пренесуваат на болница и тој не може да ја продолжи започнатата партија со Турати. Лужин полека закрепнува од душевната криза, а за тоа време се присетува на детството. Лекарот и свршеницатаго убедуваат да го заборави шахот, а нејзините родители го прифаќаат нивниот брак, иако и понатаму не го одобруваат. По некое време, Лужин и девојката прават свадба и се вселуваат во нивниот стан.Vladimir Nabokov, Lužinova odbrana. NNK Internacional, Beograd, 2009, стр. 123-193. 12-14 глава: По неколку месеци, на еден бал, Лужин среќава поранешен школски другар и таа средба го вознемирува, така што веднаш го напушта балот. Сепак, таа неочекувана средба го поттикнува да го преиспита својот живот. Имено, тој сфаќа дека е заробен во рутината на секојдневниот живот и дека треба да се ослободи од таа состојба. Во една прилика, сосема случајно, во своето старо палто пронаоѓа еден заборавен минијатурен комплет за шах. Сопругата на Лужин се труди да го разоноди читајќи му весници и канејќи гости, но без никаков успех, зашто тој во себе решава шаховски проблеми. Поради тоа, неговата сопруга планира да заминат на одмор на Француската ривиера, но Лужин не покажува никаков интерес за патувањето, кроејќи го својот план да го разреши својот животен проблем. Еден ден, Валентинов го зема Лужин со себе во филмското студио, каде му ја образложува идејата да сними филм во кој би настапиле и вистински шахисти, вклучувајќи го и Лужин. Меѓутоа, Лужин бега од студиото и се враќа дома, каде бесмислено чекори низ станот, без да проговори со сопругата. Во мигот кога пристигаат гостите кои ги поканила неговата сопруга, Лужин се заклучува во бањата, каде се провлекува низ прозорецот и скока од зградата. Кога гостите насилно влегуваат во бањата, него го нема таму.Vladimir Nabokov, Lužinova odbrana. NNK Internacional, Beograd, 2009, стр. 194-268.
За делото Во предговорот кон изданието на англиски јазик, напишан во Монтре на 15 декември 1963 година, Набоков објаснува дека романот започнал да го пишува во малата бања Булу во Источните Пиринеи, во 1929 година, а го завршил истата година во Берлин. Најпрвин, под псевдонимот В. Сирин, романот бил објавен во продолженија во руското емигрантско списание „Современи записки“ кое излегувало во Париз, а малку подоцна, во 1930 година, бил објавен како посебна книга од емигрантската издавачка куќа „Слово“ од Берлин, како црно, броширано издание со димензии 21 х 14 сантиметри и со обем од 234 страници. Кон крајот на 1930-тите, еден американски издавач бил заинтересиран да го објави романот, но Набоков го одбил неговито предлог, наместо шахист, Лужин да биде опишан како полуден виолинист. Според сопственото признание, Набоков уживал во употребата на шаховските ефекти во сликањето на одделни сцени и во конструирањето на темелната структура на романот. На пример, низата потези од четвртата до шестата глава потсетува на ордеден тип шаховски проблеми чија смисла е таканаречената „ретроградна анализа“. Понатаму, Набоков наведува дека од сите негови книги напишани на руски јазик „Лужиновата одбрана“ содржи најголема топлина, зашто Лужин го сметаат за симпатичен дури и оние кои воопшто не се разбираат во шахот или ги мразат останатите книги на Набоков. Иако Лужин е недоделкан, неискапен и неубав, сепак во него има нешто што ја надминува стерилноста на неговата скриена генијалност. Најпосле, како одговор на евентуалните толкувања на Фројдовите следбеници, Набоков објаснува дека во романот има и неколку автобиографски елементи, како: француската гувернанта и џепниот часовник на Лужин, неговиот благ карактер и коската од праска набрана од сопствената градина.„Predgovor“, во: Vladimir Nabokov, Lužinova odbrana. NNK Internacional, Beograd, 2009, стр. 5-9.
Наводи
Категорија:Дела на Владимир Набоков Категорија:Руски романи Категорија:Американски романи Категорија:Романи на руски јазик Категорија:Романи на англиски јазик Категорија:Романи на кои се одвиваат во Русија Категорија:Романи кои се одвиваат во Германија Категорија:Книги од 1930 година