Convolvulus elegantissimus — растение од видот повибки, опишано од Филип Милер. Convolvulus elegantissimus е во родот Convolvulus и семејството Повивки. Во „Каталогот на животот“ не се наведени подвидови.
Опис Повеќегодишно тревесто растение. Стеблото тенко, полегнато или увивно, најчесто препокриено со густи, куси, прилегнати, поретко полустрчести, свилести влакненца. Листовите со различен облик, препокриени со густи прилегнати свилести влакненца, со покуси или подолги дршки; најдолните листови јајцевидно-срцевидни, елиптично-срцевидни или издолжено-срцевидни, по рабовите назабени до плитко всечени, во горниот дел обично затапени или малку заострени, 15–35 мм долги, 10–35 мм широки; стеблените листови длабоко дланковидно всечени, најчесто со линејни или копјести, целокрајни или назабени сегменти, 17–50 мм долги, 10–40 мм широки, со покуси дршки. Дршките на соцветијата значително подолги од пазувниот лист, најчесто со по еден цвет . Чашкините ливчиња 7–8 мм долги; надворешните чашкини ливчиња јајцевидни или елиптични, препокриени со прилегнати куси влакненца, со набрчкани ципести рабови; внатрешните чашкини ливчиња со пошироки ципести рабови. Венчето 20–30 (40) мм долго, розово, инковидно, од надворешната страна со 5 надолжни влакнести пруги. Прашниците со нееднаква должина, два или повеќе пати покуси од венчето. Плодникот јајцевиден или конусовиден, гол, во врвниот дел со ретки влакненца, со едно столпче и два жига. Плодот гола елиптична или топчеста кутијка, околу 7 мм долга, со 4 темнокафеави, до црни семки со брадавичести израстоци и мрежовидно набрана површина.
Во Македонија Расте по суви тревести места, покрај патишта, на варовнички камењари, до 1800 м. Познат за Гевгелиско, Богданци, Црничани, Валандово, Охридско – Велгошти, кај хотел „Метропол“, на Галичица, Преслап, Преспа, Отешево, островот „Голем Град“. Се посочува за пошироката околина на Охрид, како и Дојран, Сува Гора, Луковица.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 75, издавач: МАНУ, Скопје, 2010
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа