Buglossoides purpureocaerulea — тревесто повеќегодишно ризоматозно цветно растение, кое припаѓа на семејството Boraginaceae и кое е денес сместено како Aegonychon purpurocaeruleum
Опис Ова е Повеќегодишно тревесто растение со подземен ризом од кој се издигнуваат вертикални цветни изданоци и ползечки стерилни изданоци. Цветното стебленце е високо 20–40 цм, вертикално, неразгрането или само во најгорниот дел разгрането, со прилегнати и стрчести прости влакна. Листовите се долги 25–60 мм, а широки се 5–15 мм, од двете страни препокриени со прости прилегнати четинести влакна, копјести, линејно копјести до тесно елиптични, со една јасно изразена средна жила, кај врвот се долго заострени. Од долната страна се посветлозелени, а од горната страна потемнозелени. Цветовите се во мал број во пазувите на прицветните листови собрани во врвни, поединечни или по 2–3 цимозни срповидни соцветија кои по прецветувањето силно се издолжуваат.
Цветните дршки се 1–2 мм долги, цилиндрични, со прилегнати прости влакна. Чашката е 7–8,5 мм во должина, речиси до основата разделена на 5 линејни сегменти, со прилегнати или полустрчести прости четинести влакна, при образување на плодот силно се издол`ува. Венчето е 14–20 мм долго, во почетокот розеникавоцрвено, подоцна светлосино, широко инковидно од надворешната страна препокриено со прилегнати куси влакна. Венечната трубичка е цилиндрична, синкаво-светлокафеава; над отворот присутни се 5 надолжни пруги со куси влакненца. Прашниците се прикрепени под отворот на венечната трубичка така што антерите достигнуваат до почетокот на отворот. Оревчињата се долги 3,5–5 мм, топчесто-јајцевидни, од горната страна заоблени, а од долната страна со изразен раб, бели, мазни и сјајни.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 86, издавач: МАНУ, Скопје, 2010
Живеалиште и распространетост По рабови и во проретчени дабови шуми, меѓу грмушки, покрај патишта, во клисури, и расте на надморска височина до 1400 метри. Расте на Медитеранот од Шпанија кон исток до Турција, во Средна Европа, Британски Острови и јужна Русија.
Во Македонија Познат е за Скопско, Скопска Црна Гора, Љубин, Жеденска Клисура, Сува Гора, Таорска Клисура, Велес, Иванковци, Куманово, Пробиштип, Гевгелија, Богданци, Струмица, Кичево, Бистра, Отешево, Прилеп, Маркови Кули, Мариово, Кавадарци. Се посочува и за Зелениково, Алшар, Беласица, и на други места.
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа