Андрула Василиу (; родена на 30 ноември 1943 година) — кипарска политичарка. Помеѓу март 2008 и февруари 2010 година, таа била Еврокомесар за здравство, а потоа, до ноември 2014 година, Еврокомесар за образование, култура, повеќејазичност и млади. Василиу била многу активна во општествените и културните области, особено во рамките на ОН и ЕУ. Во Кипар таа имала многу важни функции и била член на одборите на многу јавни и приватни компании.

Правна кариера Василиу била родена во Пафос. Помеѓу 1961 и 1964 година, студирала право на Мидл Темпл (Ин оф Корт) во Лондон, Обединето Кралство, а потоа помеѓу 1964 и 1966 година студирала меѓународни односи на Лондонскиот институт за светски односи (Обединето Кралство). Потоа се вратила на Кипар во 1968 година за да се занимава со адвокатура, додека работела како правен советник во Стандард Чартерд Банк, а потоа и во Банката на Кипар, а исто така била и член на одборот на разни корпорации. Во 1988 година, ја завршила својата адвокатска пракса кога нејзиниот сопруг, Џорџ Василиу, станал претседател на Кипар.

Политичка кариера

Василиу била прва дама на Кипар од 1988 до 1993 година.

Василиу била избрана во Претставничкиот дом на Кипар во 1996 година, за Движењето на обединети демократи, и повторно била избрана во 2001 година до 2006 година. Во тој период таа била член на Комитетот за европски прашања и на Заедничкиот парламентарен комитет на Кипар и ЕУ. Таа била и алтернативна претставничка на Кипар во Европската конвенција која го составила Европскиот устав.

Помеѓу 2001 и 2006 година, таа била потпретседател на Европската либерална демократска и реформска партија и претседател на Европската мрежа на либерални жени.

Во февруари 2008 година, Василиу била номинирана да го наследи Маркос Кипријану за европски комесар за здравство. На 3 март 2008 година, таа ја презела функцијата од него во Европската комисија и се соочила со сослушување пред Европскиот парламент на почетокот на април 2008 година; таа била одобрена на 9 април 2008 година со 446 гласа „за“, 7 „против“ и 29 „воздржани“. Во рамките на Втората комисија на Баросо, од февруари 2010 година, ѝ била доделено портфолиото за образование, култура, повеќејазичност и млади.

Други активности и личен живот

Во 2002 година, таа станала претседател на одборот на доверители на Кипарскиот онколошки центар, а исто така била и претседател на Кипарската федерација на бизнис жени и професионалци од 1996 година.

Таа била вклучена во Асоцијацијата на Обединетите нации на Кипар, каде што била избрана за претседател во четири последователни мандати, учествувала на бројни конференции за човекови права. Во 1991 година била избрана за претседател на Светската федерација на асоцијации на Обединетите нации и била реизбрана за два мандата пред да биде прогласена за почесен претседател.

Таа била во брак со покојниот Џорџ Василиу до неговата смрт во јануари 2026 година, тој бил поранешен претседател на Кипар од 1988 до 1993 година, и со него имала три деца.

Нејзините хобија се музика, одење, пливање и читање. Зборува грчки, англиски и француски јазик.

Андрула Василиу предизвикала негодување во врска со случај на силување, кога нејзиниот твит на интернет бил сфатен како обвинување на жртвата. Во трет твит, Василиу се извинила, велејќи дека била погрешно разбрана.

Наводи

Надворешни врски Androulla Vassiliou Official Media Gallery Archived on 3 November 2014.

Категорија:Родени во 1943 година Категорија:Живи луѓе