Мочурлива линцура (науч. Gentiana pneumonanthe) е вид од родот Gentiana. Ова било првото диво цвеќе прогласено за цвет на годината во Германија во 1980 година. Видот може да се најде во мочуришта, и е растение домаќин на пеперугата Phengaris alcon.

Опис Повеќегодишно тревесто растение, 20–45 цм високо, со задебелен ризом и со стерилни изданоци. Стеблата вертикални или подигнати, неразгранети или поретко од основата разгранети, со густо распоредени листови, без базална розета од листови, со слабо изразени надолжни ребренца препокриени со куси четкести израстоци. Стеблените листови се линејни, линејно-копјести или издолжено јајцевидно-копјести, во врвниот дел речиси заострени или затапени, спротивно поставени, 3–7 цм долги, 0,6–0,9 мм широки, приседнати, во основата стеснети и меѓу себе сраснати во една ракавичеста форма, со една добро изразена средна жила, понекогаш уште со 2 странични послабо изразени жили. Цветовите се приседнати или со куси дршки, поединечни или собрани по 2–6 во пазувите на горните стеблени листови. Чашката е долга 15–20 мм, ѕвончевидна со речиси еднаква должина со венечната трубичка, малку подолга или ретко покуса од неа, 5 линејни или линејно-копјести запци, со куси четинести влакна по рабовите на запците. Венчето 35–45 мм долго, издолжено-ѕвончевидно, темносино, со 5 надолжни зелени пруги, со 5 јајцевидни во врвниот дел заострени венечни сегменти, неколкупати покуси од венечната трубичка и со 5 куси, запчести, триаголни израстоци меѓу венечните сегменти. Антерите од прашниците сраснати меѓу себе, филаментите слободни во долниот дел проширени, сраснати со венечната трубичка. Плодникот со кусо столпче и 2 спирално свиткани жига. Плодот издолжена кутијка, во основата стеснета, во покуса или подолга дршка. Семките вретеновидни, без криловидни израстоци, со мрежеста површина.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 35-36 издавач: МАНУ, Скопје, 2010

Во Македонија Во Македонија расте по влажни ливади, на мочурливи места, во појас на букови шуми, меѓу 1200–1300 метри надморска височина.

Познат за потопеното Мавровско Поле, во околината на Маврови Анови, помеѓу Леуново и Бунец. Кирил Мицевски забележал дека се работи за вид кој исчезнува во Македонија, бидејќи живеалиштето во Македонија му е во потопеното Мавровското Поле, кое истовремено претставува и едно од најјужните наоѓалишта на овој вид на Балканскиот Полуостров. Сепак, во 2005 година Владо Матевски и Костадиновски го регистрираале овој вид на еден локалитет помеѓу с. Леуново и Бунец, на влажни места каде што водата од езерото во текот на таа година била доста повлечена.

Наводи

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Германија Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија