Thymus parnassicus — вид матерка од семејството Lamiaceae (устоцветни растенија). Се среќава во Турција, Грција, Албанија, Македонија и останатите земји од поранешна Југославија. Опис и распространетост Повеќегодишно тревесто растение со височина до 10 cm. Има ползечко и неразгрането стебло, а на врвот завршува со неплодни изданоци. Цветните гранчиња се 2-8, издигнати, наредени по должината на полегнатото стебло, со кратки влакненца насочени наназад или исправени, распоредени околу четириаголните гранчиња. Листовите се тесни и линејни, долги 6-12 мм и широки 0,6-1 мм, со свиткани рабови што носат цилии до половина или речиси до врвот. Од двете страни имаат густи или поретки, груби и кратки влакненца, со подолги влакна и ретки лушпести жлезди. Цветовите се групирани во врвни, главичести соцветија. Листовите околу соцветието се во основата јајцевидно проширени, а кон врвот издолжени и стеснети, широки 2,5-4 мм, покриени со кратки и долги влакна. Чашката е долга 3,5-4 мм, со прилепени влакненца; нејзината трубичка има ретки влакненца и понекогаш ретки лушпести жлезди што може да недостигаат. Горните запци се издолжено-триаголни, долги околу 1,5 мм, со кратки цилии по рабовите, а долните запци се околу 2,5 мм долги, со долги цилии по рабовите. Венчето е розово и долго 6-7 мм. Прашниците едвај надминуваат надвор од венчето. Оревчиња се околу 1 мм, заоблени, без влакна и кафеави по боја.

Расте на варовнички камењари и карпести места, на височина од 500 до 1600 м. Се среќава во Велес - Клепа; Прилепско - Плетвар, Козјак, с. Тројаци, с. Дебреште; Кавадарци - Тиквешко Езеро, с. Драдња, с. Бегниште, с. Галиште, клисурата на Раец Река, Дебришка Скрка; Мариово - Мелница, с. Витолиште, с. Градешница; Плакенска планина - Голи Врв. Галерија

Наводи

Категорија:Растенија опишани во 1894 година Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Грција Категорија:Флора на Албанија Категорија:Матерка Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа