Rubus idaeus (малина, европска црвена малина) е црвеноплоден вид Rubus, домороден во Евроазија и најчесто се одгледува во други умерени региони.
Опис Грмушесто растение високо 100-150 цм. Младите изданоци избиваат од вегетативните пупки на коренот. Стеблото вертикално, кругло, со брашнест налеп, често со бројни, мали, црвеникави трнчиња. Листовите обично перести, со 5-7 ливчиња, или тројни, од горнта страна голи, зелени, од долната страна бели со густи влакна. Терминалното ливче јајцевидно или издолжено-јајцевидно, на врвот заострено, по работ двојно назабено, во основата понекогаш срцевидно. Страничните ливчиња скоро приседнати.
Прилисниците кончесто-линејни. Цветовите мали, хермафродитни, собрани во метличесто соцветие на врвот од изданокот или во пазувите на листовите. Чашкините ливчиња копјести, долгнавесто-заострени, влакнести, по прецветувањето расперени или свиткани наназад. Венечните ливчиња тесни, обратно-јајцевидни, голи, бели. Прашниците вертикални, бели. Плодовите црвени.
Хемија Витаминот Ц и фенолите се присутни во плодот на малините. Најзначајни се антоцијанините цијанидин-3-софорозид, цијанидин-3-(2(G)-глукозилрутинозид) и цијанидин-3-глукозид, двата елагитанини сангвиин H-6 и ламбертијанин C се присутни заедно со траги од флавоноли, елагинска киселина и хидроксицинамат.
Полифенолните соединенија од семки од малина имаат антиоксидантни ефекти ин витро, но немаат докажано антиоксидативно дејство кај луѓето. Кетоните од малина се добиваат од разни овошја и растенија, а не од малини, и се продаваат како лековити за слабеење. Нема клинички докази за овој ефект кај луѓето.
Слични видови Блиско сродно растение во Северна Америка, понекогаш сметано за сортата Rubus idaeus var. strigosus, а почесто се третира како посебен вид е Rubus strigosus. Култивирани малини, дури и во Северна Америка, генерално се Rubus idaeus или хортикултурни деривати на хибриди од R. idaeus и R. strigosus.
Етимологија Името на видот, idaeus, се однесува на неговото појавување на планината Ида во близина на Троја во денешна северозападна Турција.
Распространетост и живеалиште Видот е домороден во Европа и северна Азија и најчесто се одгледува во други умерени региони.
Како диво растение, R. idaeus обично расте во шуми, формирајќи отворени насади под крошните на дрвјата и погусти насади на чистините. На југот од својот опсег (јужна Европа и централна Азија), се јавува само на високи надморски височини во планините.
Распространетост во Македонија Расте покрај патишта и шумски лединки, во појасот на буковите шуми и по планински пасишта. Широко распространето растение по планините на Македонија од 1,000 до 2,000 м надморска височина.
Употреба R. idaeus се одгледува првенствено поради своите плодови, но повремено и поради своите лисја, корења или други делови.
Овошје Плодот на R. idaeus е важна прехранбена култура, иако повеќето современи комерцијални сорти малини потекнуваат од хибриди помеѓу R. idaeus и R. strigosus. Плодовите на дивите растенија имаат сладок вкус и се многу ароматични.
Листови и други делови Млади корени на R. idaeus спречиле формирање на бубрежни камења кај глувчешки модел на хипероксалурија. Тилирозидот од малина е моќен инхибитор на тирозиназа и може да се користи како средство за избелување на кожата и лек за пигментација.
Галерија
Наводи
Библиографија
Надворешни врски
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобинки Категорија:Капина (род) Категорија:Флора на Македонија