Androsace hedraeantha — вид цветно растение кое припаѓа на родот Androsace, од семејството Јаглики (Primulaceae). Овој вид за првпат е научно опишан од страна на германскиот ботаничар Август Хајнрих Рудолф Гризебах.

Опис и распространетост Androsace hedraeantha е повеќегодишно тревесто растение со висина од 1 до 15 см. Дршката на соцветието и дршките на цветовите се обвиени со густи, чаталесто разгранети влакна со повеќе краци. Листовите формираат розета, покрај која се наоѓаат уште неколку помали, стерилни розети. Тие се ланцетни, приседнати и заострени на врвот, со најголема ширина во горниот дел. По површината се голи, додека по самиот раб имаат ситни влакненца, а може да бидат целокрајни или со 1 до 2 пара запци во горната половина. На самиот врв од дршката се наоѓа штитесто соцветие со речиси топчест облик, кое брои обично 2–5 цветови. Неговата дршка постепено расте за време на цветањето и зреењето на плодот. Приседнатите брактеи се голи, со широко-ланцетна форма, заострени на врвот и со широка основа, долга 3–5 мм. Самите цветни дршки во фазата на цветање изнесуваат 1–2 мм, но подоцна се издолжуваат до 7 мм. Чашката е со должина од 2,5 до 5 мм, има широко-ѕвонест облик и нема влакна. Таа е длабоко засечена (околу 3/4 од нејзината должина) на 5 триаглесто-јајцевидни делови, чии врвови се заострени и имаат црвена боја. Венчето е обоено во бледорозова, розова до светловиолетова нијанса. Венечната трубичка има речиси топчест облик, со должина од 1,5 до 2,5 мм и ширина од околу 2 мм, додека расперените делови образуваат пречник од 7 до 8 мм и се многу плитко всечени на врвот. На самиот отвор од венечната трубичка, при основата на расперениот дел, се забележуваат 5 испакнати структури. Прашниците се прикачени во средниот дел на венечната трубичка. Плодникот е сферичен, со кратко столпче и топчест жиг. Кутијката ја надвишува должината на чашката, а нејзиното распукнување се одвива надолжно, разделувајќи ја на 5 дела. Семките се темнокафеави, издолжени и достигнуваат до 3 мм должина.

Во Македонија расте на високопланински пасишта во алпскиот појас до 2700 метри надморска височина. Се среќава на Шар Планина и Кораб.

Наводи World Plants: Synonymic Checklists of the Vascular Plants of the World

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа