Ливада — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Спортско игралиште во средишниот дел на селото
Селото се наоѓа во источниот дел на Струшкото Поле и во крајниот источен дел на Општина Струга, чиј атар на тесен дел се допира со подрачјето на Општина Дебрца. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 700 метри. Од градот Струга, селото е оддалечено 9 километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2243 кај селото Биџево.
Куќите на селото се наоѓаат на пространа низина. Местоположбата на селото е погодна од стопански и сообраќаен аспект. Околни села се Волино, Делогожди, Биџево, Ново Село и други. Водата за пиење се добива од бунари во кои се поставени пумпи.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Сува Река, Дренка, Кајстор, Гроб, Бела Губа, Слива, Дупка и Санџак.
Селото има средно збиен тип, поделено на три дела — Горен, Среден и Долен. Во нив има маала наречени по родовите, како што се Зиба, Лога, Дика, Сеља и други. Околу куќите има помали делови кои се обработуваат.
Историја
Нема точни историски извори кога е основано селото. Меѓутоа, податоците на терен говорат дека Ливада е старо струшко село. До 1890 година, селото било чисто македонско село населено со христијанско население. Меѓутоа, тогаш започнале да доаѓаат првите албански муслимански жители од соседните села — Делогожди и Поум. Доселениците и староседелците не се сложувале поради што македонските жители го напуштиле селото. Група на иселеници живеат во соседното село Волино, како што се Трпковци (8 к.), Јанкуловци (7 к.), Трповци (4 к.), Доневци (3 к.) и други. Други иселеници има во селото Драслајца (Љајковци, 7 к.), Ложани (Јаулевци, 12 к.) и Биџево (Танковци, 6 к.).
За време на век, Ливада станала чифлиг на еден дебарски бег наречен Сефедин или Рамадан Пустина. За време на чифлигот, во Ливада била изградена црквата „Св. Никола“. Таа била сместена во јужниот дел на селото и околу нејзе биле христијанските гробишта. По иселувањето на македонското население, црквата уште постоела и таа била посетувана од иселениците од Волино и Драслајца. Меѓутоа, во Втората светска војна, црквата била срушена и денес на нејзино место се наоѓа училиштето со пространиот двор.
Земјата на дебарскиот бег ја купиле селските Албанци и по некој Македонец од другите села. Во селото постои џамија и три муслимански гробишта, по едно за сите делови од селото.
Стопанство
Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,5 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 332 хектари, поради што селото има полјоделска функција. Во селото работат услужни објекти.
Во минатото, селаните главно продавале земјоделски и сточарски производи, додека сега повеќето се вработени или заминати на привремена работа во странство.
Население
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година, селото имало 20 домаќинства со 68 Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 102-103.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ливада живееле 90 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 252.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Ливада се води како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 10 куќи.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ливада имало 90 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 253.
Ливада е големо село, чие население бројно повеќе од двојно се зголемило, бидејќи во 1961 година селото имало 640 жители од кои 637 биле Албанци, а тројца жители Македонци, а во 1994 година 1.332 жители, албанско население.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Ливада, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.
Според пописот од 2002 година, селото броело 1.485 жители, од кои 1 Македонец, 1.388 Албанци и 96 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.132 жители, од кои 1.111 Албанци, 1 Ром, 1 Влав и 19 лица без податоци.
Родови
Денес, во селото живее албанско муслиманско население, кое потекнува од доселеници. Една група (89 к.) дошле пред крајот на турската власт, а друга (47 к.) во периодот по 1918 и 1945 година.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1977 година, родови во селото: Родови населени пред крајот на турската власт: Зиба или Раимовци (30 к.), името го добиле по предокот Зибер, имаат истоимени роднини во селото Делогожди, во овој род се знае следното родословие: Беадин (жив, 50 години во 1980 г.)-Раим-Мустафа-Бизат-Јонуз-Зибер. Нивното место на потекло е од областа Матија, од каде се иселиле најпрво во Поум, од Поум отишле во Делогожди, а на крај се доселиле во денешното село, тоа било околу 1890 година. Денешниот род потекнува од четири доселени домаќинства; Останати родови: Лога (15 к.), Дика (15 к.) Села (10 к.), Положан (10 к.), Оџа (6 к.) и Наџику (3 к.), доселени се пред крајот на турското владеење. Доселени се од Северна Албанија, преку селата Делогожди (Села и Положан), Поум и Мислодежда; Родови населени помеѓу војните и по Втората светска војна: Делогождани (17 к.), Поумци (11 к.), Корошиштанци (6 к.), Татешани (5 к.), Мислодеждани (6 к.), Велештани (1 к.) и Бижевци (1 к.), се населиле од разни села во струшко помеѓу двете светски војни и после Втората светска војна.
Иселеништво
Покрај наведените македонски родови иселени во соседните села Волино, Драслајца, Биџево и Ложани, забележани се и повоени иселувања на албанското население, најчесто во градовите Струга (8 к.) и Охрид (6 к.).
Општествени установи
Подрачно основно училиште „Аки Дика“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Нури Мазари“ - Делогожди Здравствена амбуланта со аптека
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Ливада било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Делогожди.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Драслајца, во која покрај селото Ливада, се наоѓале и селата Биџево, Делогожди, Драслајца, Ложани, Мороишта и Ново Село. Општината Драслајца постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 1899 и 1899/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Калдрма — некропола од римското време.
Цркви Во минатото во селото постоела црква „Св. Никола“ во јужниот дел на селото, кај денешното училиште.
Џамии Џамија — главна селска џамија.
Споменици Споменик на Скендербег.
Други објекти Кула на дебарскиот бег Пустиња, која била седиште на некогашниот чифлиг.
Личности
Родени во или по потекло од Ливада Азиз Положани — политичар, пратеник во Собранието на РМ, поранешен министер за образование; Мазлуша Алими — учесник во НОВ на Македонија Севџијан Дика — учесник во НОВ на Македонија Артим Шаќири — фудбалер; Зијадин Села — доктор и поранешен градоначалник на Општина Струга; Лиман Положани (р. 1935) - просветен деец и политичар; и Алириза Лога - политичар.
Поврзано Општина Струга Струшко Поле
Наводи
Забелешки
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга