мини|десно|250п|Зградата на Државниот архив во Скопје

Државeн архив на Македонија (службено наречен: Државен архив на Република Северна Македонија; поранешна кратенка: ДАРМ) — државен архив на Македонија создаден во 1951 година. Од 1926 до 1941 година архивот е во склоп на Државната архива на Србија во Белград.

Историја Со пројавувањето на потребата за прибирање и заштита на архивскиот материјал уште во текот на Втората светска војна на 3 мај 1945 година Министерството за народна просвета ја обелоденува намерата за формирање на Архив на Нароослободителното движење на Македонија во состав на Народната библиотека во Скопје. Оваа иницијатива не се реализирала од низа причини, но по кус период, со решението бр. 2543 од 31 мај 1946 година Министерството за народна просвета на НР Македонија оформува комисија задолжена за прибирање на архивскиот материјал. Комисијата започнала со активности, претежно со вклучување на просветни работници чија задача била прибирањето на архивскиот материјал. Но ваквиот начин на работа не давал резултати. Во 1946 и 1947 година во прибирањето на архивскиот материјал се вклучуваат и новооснованиот Филозофски факултет и Институтот за национална историја.

Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија во 1949 година го создава Историскиот архив чија задача била да се собира и обработува архивскиот и мемоарскиот материјал поврзана со работничкото движење, Народноослободителната војна и Комунистичката партија на Македонија. Собраните материјали кој биле чувани од овој архив денес се во депоата на Архивот на Македонија.

Со донесувањето на општиот закон за државните архиви во Југославија во 1950 година на 6 јануари 1951 година Народното собрание на НР Македонија го усвојува Законот за државните архиви со кој е поставен темелот за создавањето на Архивот на Македонија (тогашен Државен архив на НР Македонија).

мини|лево|250п|Канцелариски простории во Државниот архив на Република Македонија во Скопје

Со овој прв нормативен акт од областа на архивското законодавство во Република Македонија, не само што се постави основата за создавањето на Архивот на Македонија и неговите задачи, туку во истиот се одредува и создавањето на повеќе регионални архиви чија цел била поинтезивно да се собира, чува, заштитува и обработува архивскиот материјал која се создавала во институциите на новата држава, но и со цел потемелно да се зафатат со собирање и заштита на архивскиот материјал што ќе послужи за проучување на историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1953 до 1960 година основани се и отпочнуваат со работа и девет регионални историски архиви кои во 1990 година со новиот Закон на архивски материјал влегуваат во составот на Архивот на Македонија како подрачни единици, и тоа во градовите: Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица, Тетово, Велес и Штип.

Веднаш по создавањето, Државниот архив на Република Македонија пристапува кон создавање на мрежа на архивски установи низ територијата на Република Македонија. Првично станува збор за архивски средишта при Народните музеи, за подоцна истите да прераснат во самостојни институции. Од 1990 година се врши интеграција на архивската служба во Македонија со што самостојните архивски установи низ Републиката стануваат подрачни одделенија.

Новата наменски изградена зграда е ставена во употреба од 1969 година.

Билатералната соработка, истражувањето и публикувањето се организирани само во централниот дел на Архивот. Во својот состав Државниот архив на Република Македонија има Лабораторија за конзервација и реставрација и Лабораторија за микрофилмување.

Централниот дел на Државниот архив на Република Македонија има надлежност над создавачите и имателите на архивскиот материјал од републички ранг.

Развој на архивското законодавство во Македонија Паралелно со развојот на Република Македонија, надградувани се и архивската служба и архивското законодавство. Во периодот 1945-1971 г. преовладува сојузното архивско право над републичкото. Првиот позначаен пропис е Законот за државните архиви од 1950 г., врз чија основа се создаваат Државниот архив на НР Македонија и 9 околиски архиви. Во 1965 г. е донесен Законот за архивскиот материјал и архивите, според кој Државниот архив се преименува во Архив на Македонија, а околиските архиви во историски (меѓуопштински) архиви. Со овој пропис добро се регулирани прашањата: обврски на имателите; надлежности на архивите; предавање, откуп и користење на архивскиот материјал и сл. Во 1968 и во 1975 г. се донесени две упатства, со кои значително е унапредена практиката на одбирањето и евидентирањето на архивскиот материјал кај имателите.

мини|десно|250п|Внатрешноста на Државниот архив на Република Македонија во Скопје

Во 1973 г. е донесен и Законот за архивска дејност. Со него се доразвива архивското законодавство, кое добива европски лик. Врз основата на Законот, во 1977 г. се донесени Уредба и Упатство за канцелариско и архивско работење на имателите. Како одраз на уставните реформи во Југославија и во Македонија, архивското законодавство на СР Македонија целосно се осамостојува и засилено се развива.

Паралелно со осамостојувањето на Република Македонија се изградува и современо архивско законодавство. Во 1990 г. е донесен Законот за архивски материјал (изменет и дополнет во 1995 г.). Во согласност со Законот, извршени се следниве промени: подобрен е статусот на архивскиот материјал; Државниот архив на Република Македонија се трансформира во интегрирана управна организација со 9 подрачни одделенија, кои го губат својството на правно лице, воспоставени се единствено управување, финансирање и кадровска политика, создадена е архивска инспекција. Имателите се должни да вршат редовно одбирање и евидентирање на архивскиот материјал и во таква состојба да му го предаваат на Архивот. Општите рокови за предавање на материјалот и за неговата достапност се 20 г. по создавањето. Со тоа Р Македонија се вбројува меѓу полибералните земји.

Врз основа на Законот, во периодот 1996-2005 г. се донесени неколку уредби и упатства, со кои се регулираат следниве прашања: канцелариското и архивското работење на имателите, заштитата на материјалот во воена и вонредна состојба, продолжените рокови за достапност и користење на материјалот, методологијата на стручната работа во организационите единици на Архивот итн.

Основна одлика на македонското архивско право е што претставува разработен и заокружен нормативен систем. Архивското законодавство значително влијае врз унапредувањето на архивската практика, како кај имателите така и во Државниот архив. Тоа денес ги следи светските насоки, особено во поглед на меѓународните архивистички стандарди и електронските документи.

На 26 јули 2012 година во Службен весник на Република Македонија објавен е новиот Закон за архивски материјал.

Надлежности и задачи на државниот архив на Република Македонија

Заштита на архивскиот материјал кај имателите Една од позначајните обврски на Државниот архив на Република Македонија е редовното следење на состојбата со архивскиот материјал кај имателите односно создавачите. Овие задачи Архивот ги реализира преку Секторот за инспекциски надзор и заштита на архивскиот материјал кај имателите и средување и обработка на архивскиот материјал во чиј состав работат: одделението за заштита на архивскиот материјал кај имателите и средување и обработка на архивскиот материјал и одделението за инспекциски надзор со овластени инспектори.

Одделението за заштита на архивскиот материјал кај имателите врши евиденција и континуирано следење на создавачите и имателите на архивскиот материјал. Имателите се класифицираат во две категории - приоритетни и неприоритетни и се формира досие за секој имател одделно.

мини|лево|250п|Информативни паноа во внатрешноста на Државниот архив на Република Македонија во Скопје

Посетите кај имателите и стручно-методолошката помош се состојат од: стручна помош во изработка на планови и листи, на архивски знаци на канцелариското работење, одбирање, евидентирање и прием на материјал и сл. За секоја посета се изработуваат записници од посетите, со констатирање на состојбите и мерки и рокови за отстранување на констатирани неправилности.

Класификацијата и валоризацијата кај имателот се врши преку донесувањето и примената на плановите на архивските знаци и листите на документарен материјал со рокови на чување како и листите на архивскиот материјал. За примена на плановите и листите Архивот издава согласност за нивна примена. Во Република Македонија, почнувајќи од 1968 година, е пропишан Општ дел, на планот и листи кој за сите иматели е ист и Посебен дел на планот и листите кој се изготвува според специфичната поставеност на имателот, која произлегува од нејзината функционална структура.

Евидентирањето на архивскиот материјал се надоврзува на одбирањето. Одбраниот архивскиот материјал од трајна вредност, согласно со листите, се евидентира аналитички, по пат на изработка на опис и попис.

За издвоениот документарен материјал, на кој му изминале роковите за чување, имателот изработува посебен лист и го информира Архивот, кој дава согласност за негово уништување. Согласно со утврдениот законски рок, имателот е должен да го предаде архивскиот материјал во Архивот во изворна, одбрана, средена и евидентирана состојба. Одделението за инспекциски надзор кај иматели за извршениот увид во состојбата со документарниот и архивскиот материјал, составува записник. Во записникот се даваат предлог-мерки што имателот е должен да ги преземе заради отстранување на утврдените недостатоци и пропусти со рокови за нивно спроведување. Ако при вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторот утврди дека имателот сторил прекршок или кривично дело, поднесува барање до директорот на ДАРМ за поведување прекршочна или кривична постапка против одговорното лице.

Заштита на архивскиот материјал во архивот

Одделението за заштита на архивскиот материјал - депо, работи на прием на архивскиот материјал кој се врши по пат на: преземање од имателите, откуп, подарок, депозит и од архивски истражувања во архивите во странство.

Евидентирањето на архивскиот материјал во депоата на архивите во Република Македонија е според Упатството за единствено и задолжително евидентирање на архивскиот материјал и фондови во архивите во Република Македонија. Архивските фондови и збирки се класираат во 3 категории, во зависност од времето на настанувањето и значењето на архивскиот материјал.

Архивскиот материјал од депото се издава за: обработка и изработка на информативни помагала, техничко-технолошка заштита (микрофилмување, конзервација и реставрација и книговрзнички работи), користење, изложби и сл.

Заштитата на архивскиот материјал започнува со прием во Државниот архив, каде по преземањето се вршат заштитни мерки: обеспрашување, дезинфекција, микрофилмување, конзервација и реставрација.

мини|десно|250п|Изложбен материјал во внатрешноста на самиот Државен архив на Република Македонија во Скопје