Николај Василевич Гогољ (, ; Сорочинци, — , ) — руски писател, хуморист и сатиричар од украинско потекло.

Животопис мини|300px|десно|Куќата на Гогољ (денес музеј) Николај Василевич Гогољ се родил на 31 март (12 април по нов стил) 1809 година, во блародоничко семејство, во малото место Василевка крај Сорочино, Миргородски округ, Полтавска губернија. Татко му бил надарен човек со уметничка природа, а особено имал смисла за литературата, пишувајќи песни и шеговити драмски дела на руски и на малоруски (украински јазик). Денес, многу малку е сочувано од книжевните дела на Василиј Гогољ, кој не им придавал големо значење, ниту пак се обидел да ги отпечати. Во близината на селото Василевка, кое било семеен имот на семејството Гогољ, живеел познатиот украински магнат Д. П. Трошчински, далечен роднина на мајката на Николај Гогољ. Таму, татко му на Николај Гогољ работел како деловен застапник и често го поминувал времето на имотот на Трошчински, а во неговиот домашен театар глумел и младиот Николај, заедно со татко му и со мајка му. Токму таму биле прикажувани и драмските дела на Василиј Гогољ. Николај Гогољ го стекнал своето основно образование во кругот на семејството, стекнувајќи се со љубов и наклонетост кон книжевноста.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. X-XI.Раде Силјан, Странски автори и дела, Матица Македонска, Скопје, 2001, стр. 97.Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 5.

Во 1818 година, Гогољ отишол да учи во Полтава, а потоа, уште една година се подготвувал кај приватен учител. Во 1821 година, во Нежин се отворила „гимназија на вишите науки“, па Василиј Афанасјевич, инаку мошне културен човек, го запишал синот таму. Во Нежинскиот лицеј, Николај Гогољ не бил меѓу најдобрите ученици и не се истакнувал во учењето, но неговата дарба се манифестирала на разни начини: ги забавувал другарите со шеги и со сатирични стихови, бил иницијатор и уредник на школското списание и со голем успех играл машки и женски улоги во претставите што ги приредувале учениците. Така, толку се истакнал со улогата на Простакова од драмата „Малолетник“ на Фонвизинов, што по тврдењето на еден негов современик, ниту една московска или петроградска глумица не можела да се мери со неговата изведба. исто така, во лицејот кај Гогољ се појавила и страста за цртање со кое се занимавал и подоцна во Петроград, каде некое време посетувал настава во Академијата на уметностите. Во тоа време се случил крупен настан во животот на Николај Гогољ - смртта на татко му, која придонела за неговото брзо созревање, зашто тој морал да се грижи за мајка му и сестра му. Уште за време на престојот во лицејот, Гогољ мислел дека во животот го чека голема задача и имал намера да ѝ служи на својата земја. Во едно писмо од 1827 година, тој напишал: „Уште многу порано, од раното детство, јас горев со незгаслив стремеж својот живот да го направам корисен за државата. Вознемирувачката мисла дека не ќе можам да го направам тоа... ме фрли во длабока тага. Во мислите ги претресив сите занимања... и се задржав на една — на правосудството. Видов дека тука ќе има најмногу работа... дека тука ќе бидам вистински корисен за човештвото. Неправдата, најголемата несреќа на светот, најмногу ми го кинеше срцето. Се заколнав дека нема да изгубам ниту еден миг од својот краток живот а да не направам добро“.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XI-XIII.

По завршувањето на гимназијата, во 1828 година, Гогољ отишол во Петербург, но и покрај сите препораки не можел да најде соодветна служба. Првата зима во Петроград, тој ја поминал во летен капут, зашто немал пари за да си купи зимски капут. Бидејќи не можел да најде работа, сакал да се вработи како лгумец во еден театар, но бил одбиен на пробното читање. Всушност, тој читал одлично, но неговиот стил не им се допаднал на тогашните театарски луѓе, зашто Гогољ читал едноставно и природно, а тие биле навикнати на афектација и на лажна патетика. Сепак, Гогољ успеал да се вработи како државен службеник во Департманот на царските добра, но набргу ја напуштил работата и, со помош на своите пријатели, во средината на 1834 година се вработил како професор по историја на Патриотскиот институт. Меѓутоа, неговата професорска кариера претставувала целосен неуспех, а подоцна, во едно свое писмо, и тој на опишал како „неславна“. Иако во Нежинскиот лицеј стекнал доволно знаење од областа на историјата, тој не бил дораснат за таа работа. Навистина, благодарение на неговиот книжевен талент, првите негови предавања им оставиле впечаток на студентите, но подоцна тие престанале да одат на неговите предавања. За тоа сведочи и неговиот тогашен студент, Иван Тургенев, кој во своите спомени пишува дека предавањата на Гогољ биле толку лоши, што никој не верувал дека професорот Гогољ-Јановски (официјалното презиме на Гогољ) и писателот Гогољ се истата личност. Всушност, во тоа време Гогољ бил предаден на писателската работа и немал време да им се посвети на универзитетските предавања, па кон крајот на декември 1835 година добил отказ од универзитетот. Откако влегол во книжевните кругови во Петроград и почнал да се занимава со пишување, Гогољ го променил мислењето за државната служба и во едно писмо до својата мајка тој напишал: „Наместо онаа глупава, бесмислена работа која секогаш ја мразев поради нејзината ништожност, мојата сегашна работа ѝ причинува на мојата душа неискажливо задоволство...Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XIII-XIX.

По неуспехот на својата универзитетска кариера, огорчен од нападите по премиерата на „Ревизор“, во јуни 1836 година, Гогољ заминал во странство, каде што, со помали и поголеми прекини, престојувал околу десет години, најмногу во Рим. Напуштајќи ја Русија, тој му напишал на еден свој пријател од Женева: „... во Русија постои толку голема колекција на одвратни муцки, што повеќе не можев да ги поднесам. Дури и сега ми се плука, кога ќе се сетам на нив.“Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLIII. Гогољ поминал низ Германија и се доселил во местото Веве, на Женевското Езеро, но есента се преселил во Париз, а по ненадејната смрт на Пушкин (29 јануари 1837) заминал во Рим. Таму, Гогољ се чувствувал многу пријатно и имал многу пријатели меѓу Русите кои живееле таму, а особено се дружел со сликарот Александар Иванов. Меѓутоа, животот во Рим имал и негативни последици за Гогољ кој западнал во религиозно расположение, во прв ред предизвикано од дружењето со кнегината Зинаида Волконска, која околу себе собирала свештеници и луѓе наклонети кон мистицизам.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLV.

Во 1842 година, Гогољ западнал во тешка душевна криза од која никогаш повеќе не закрепнал. Тогаш, тој целосно го променил мислењето за своето творештво и за својата улога како уметник и започнал да проповеда патријархално-реакционерни политички идеи кои најсилно дошле до израз во познатата книга „Одбрани места од преписката со пријателите“ од 1847 година. Во научната литература многу е истражувано прашањето за причините на пресвртот и трагедијата во животот на Гогољ, но до ден-денес не е најдено задоволувачко објаснување. Се знае дека под влијание на мајчиното воспитување, тој стекнал силно религиозно чувство, а подоцна неговите патријархални погледи се засилиле под влијание на ставовите на руското конзервативно словенофилство (М. Погодин, С. Шевирјов, С. Аксаков, Н. Јазиков, итн.), како и под влијание на поетот В. А. Жуковки. Екстремните ракционерни ставови на Гогољ предизвикале големи протести во руската јавност, а особено е познато писмото на големиот критичар В. Г. Белински од 15 јуни 1847 година. Меѓутоа, Гогољ немал сила да ги послуша советите на Белински и сè повеќе тонел во религиозен занос, така што во 1848 година заминал на поклонение во Палестина, а последните години од животот ги поминал во бројни настапи на неговата душевна болест.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LIII-LVIII. Гогољ умрел на 21 февруари 1852 година, а неговиот закоп бил величествен, во присуство на голем број жители на Москва.

Творештво

Петроградскиот период (1829 — 1836) Книжевната кариера на Гогољ започнала по преселбата во Петроград, каде во 1829 година ја објавил поемата „Ханс Кихелгартен“, потпишувајќи ја со псеводинмот В. Алов. Поемата била многу лошо оценета од книжевната критика, а Гогољ бил толку разочаран, што со својот слуга ги собрал од книжарниците сите испечатени примероци и ги запалил, така што првото издание на ова негово дело денес претставува извонредна реткост. Сепак, Гогољ успеал релативно брзо да влезе во кругот на петроградските писатели, кои веднаш го препознале неговиот телент и му помагале во неговиот развој како писател. Еден од неговите помагатели бил пријателот на Пушкин, П. А. Плетнов (подоцнежен професор и ректор на Петроградскиот универзитет), кој го запознал со Жуковски, Делвиг, Пушкин и со другите поети од Пушкиновиот круг. Набргу, Гогољ почнал да објавува во петроградските весници и списанија и во 1830 година, во февруарскиот и во мартовскиот број на списанието „Татковински записи“ (Отечественные записки) го објавил својот прв расказ „Басаврјук“ или „Вечерта спроти Иванден“ кој следната година влегол во неговата прва збирка раскази. Исто така, тој објавувал и во алманахот „Северно цвеќе“ (Северные цветы), како и во списанието „Книжевни новини“ (Литературна ягазета) кои ги уредувал Пушкиновиот пријател А. А. Делвиг. Познанството со Пушкин било еден од најважните настани во животот на Гогољ. Всушност, уште пред да дојде во Петроград, тој сонувал да се запознае со Пушкин, а кога се преселил во Петроград, еден ден отишол во куќата на Пушкин, но таму му одговориле дека поетот спие. Гогољ се запознал со Пушкин во мај 1831 година кај П. А. Плетнов, а Пушкин веднаш ја насетил огромната дарба на Гогољ и му станал искрен пријател, учител и советник. За својот однос кон Пушкин, Гогољ пишувал во своите писма и во „Исповедта на писателот“ (1847). Смртта на Пушкин претставувала голем удар за Гогољ. Така, во писмото до М. П. Погодин од март 1837, Гогољ напишал дека кога создавал, пред себе го гледал само Пушкин, дека ништо не пишувал без неговиот совет и дека целото негово дело е дело на Пушкин. Во своето дело „Семејни хроники“,С. Т. Аксаков тврди дека на веста за смртта на Пушкин, Гогољ „се разболел во душата и во телото“ и дека Пушкиновата смрт била единствената причина на сите душевни заболувања на Гогољ.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XIV-XVI.