Радован Перчинковски (25 септември 1922, Башино Село - , Скопје) — македонски интернист-кардиолог, редовен професор и основоположник на Клиниката за кардиологија во Скопје.д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. 63-68
Животопис Радован Перчинковски бил роден во Башино Село, Велешко. Основно и средно образование завршил во Скопје, со одличен успех во 1941 година. Студиите по медицина ги започнал во Софија, каде за време на Втората светска војна, тој се вклучил во низа нелегални дејствија против окупаторот. Во 1944 година, укажувал медицинска помош на Хируршкото одделение во скопската болница, и помагал при лекување на ранетите партизани кои нелегално биле сместени во Домот на стари и во Дезинфекциониот завод во Чаир. Како санитетски референт, тој бил дел од Четиринаесетта македонска ударна бригада и Петнаесетти македонски корпус. Неговиот партизански пат завршил во тоа што е денес Словенија. По демобилизацијата, ги продолжил студиите по медицина во Белград, каде дипломирал во 1948 година.
Кариера Радован Перчинковски бил избран за шеф на Кардиолошкото одделение на Интерната клиника при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1953 година. Во 1956 година, тој бил избран за универзитетски предавач по предметот „Интерна медицина“, а во 1970 година бил избран за редовен професор по Интерна медицина. Бил ддекан на Медицинскиот факултет во Скопје во периодот од 1974 до 1976 година, ја организиарл Клиниката за кардиологија и бил избран за нејзин прв директор во 1975 година, а придонел и за организацијата на Центарот за рехабилитација на кардиоваскуларни болести во Охрид. Извршувал бројни функции, бил член на повеќе организации, меѓу кои Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, претседател на Комисијата за борба против алкохолизмот, претседател на Здружението на кардиолози на Југославија, и друго.
Објавил бројни научни и стручни трудови, а за своите залагања добил награди и признанија, меѓу кои: Орден на трудот со златен венец, почесна повелба и почесна плакета во злато на Баварскиот црвен крст, повелбата „Д-р Трифун Пановски“ и други.
Наводи
Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски кардиолози Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски кардиолози Категорија:Југословенски Македонци Категорија:Учесници во НОБ Категорија:Апсолвенти на Белградскиот универзитет Категорија:Професори на Медицинскиот факултет - Скопје