Куќа на Тома Ничота — куќа во скопската населба Дебар Маало. Таа е прогласена за Споменик на културата под називот Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 88.

Историја Куќата била проектирана во 1934 година, а била изградена како станбена градба за изнајмување во 1935 година, од страна на архитектот Фердо Краус, за потребите на вложувачот Трпе Јовановиќ. Тома Ничота ја купил куќата во 1938 година. Зградата е поставен во линиjа на уличниот фронт и до неговата западна страна, во 1940 година, директно е прилепена зградата на Ташковиќ.

Во неодреден период била затворена терасата на првиот кат. Во април 2005 година, била сторена покривната реконструкција на трите шупи во дворот. Во септември 2005 година, била извршена реконструкција на фасадата. Во недатирано време, бил заменет на подот на приземјето заради дотраеност, и бил поставен соодветен материјал. Исто така, прозорците биле заменети со нови дрвени, правени по мерка идентични со првобитните.

Зградата била прогласена за значајно културно наследство врз основа на Уп. бр. 18-432 од 17 септември 2015 година.

Архитектура и особености Во приземјето и катовите има станбени содржини. Со проектот во куќата, било предвидено да има сутерен, приземје и еден кат, сите со намена за домување. На секој кат има по еден стан кој се состои од: претсобје, две соби, кујна, остава, бања и тоалет. Секој кат има свој засебен влез. Куќата била изградена во масивен систем. Според техничкиот опис, употребени биле следни материјали: темели и сутерен од бетон или од кршен камен во варов малтер, ѕидови на приземје и кат, надоѕидоци, калкани и оџаци од тула во варов малтер. Меѓукатна конструкција од армиран бетон, покривна конструкција од режана чамова граѓа. Скалите се од вештачки камен. Првичниот водовод се состоел од бунар со хидрофор. Патосот е од чамови даски. Градбата е со повеќеводен покрив покриен со ќерамиди, скриен позади надоѕидок со слепи балустради. Фасадата е малтерисана со варов малтер во жолта боја со изведен плиткорелјефен украс. Сутеренот е обработен со штокован вештачки камен во сива боја. Надворешната столарија била изработена во дрвени дупли дрвени прозорци, врати со футери и двострани первази. Прозорците имаат хоризонтална поделба на стаклените површини со дрвени лајсни. Влезната порта во дворот изведена во ковано железо со идентичен украс како заштита на сутеренските прозорци. Освен главната зграда, позади во дворот, изведени се сушара и шупа ѕидани во тула во масивен систем. Внатрешната обработка е малтерисана со варов малтер, скали и подести во терацо, скалишна ограда од ковано железо со дрвен ракофат. Внатрешната обработка е малтерисана со варов малтер, патос од чамови даски. Внатрешни врати се дрвени, обоени бели, со профилирани двострани первази.

Градбата има статус на значајно културно наследство со режим на заштита од втор степен. Контактната зона на градбата е со режим на заштита од трет степен.

Поврзано Зграда на бул. „Илинден“ бр. 41 Зграда на Детски културен центар „Карпош“ (бул. „Илинден“ бр. 53) Зграда на бул. „Илинден“ бр. 63 Зграда на бул. „Илинден“ бр. 68 Рубенова палата (Зграда на бул. „Илинден“ бр. 80) Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 83а Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 108 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 109 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 115 Зграда на Министерството за култура (ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61) Зграда на ул. „Аминта Трети“ бр. 17 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 82 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88 Зграда на ул. „Раде Кончар“ („Живко Чинго“/„Боемска“) бр. 4а Зграда на Ташковиќ Зграда на Кубеш

Наводи

Надворешни врски

Службено мрежно место на Управата за заштита на културното наследство

ул. „Орце Николов“ бр. 88 Категорија:Дебар Маало Категорија:Појавено во 1935 година во Македонија