Trifolium trichopterum — едногодишен вид на детелина опишан од Панчиќ. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.

Опис Растението е едногодишно и влакнесто, високо 10–30 см, силно разгрането уште од основата. Стебленцата се исправени или приподигнати и по површината се покриени со прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки малку подолги од листната плочка, кај горните листови дршките се покуси од листната плочка, а најгорните листови се речиси приседнати. Листовите се обратнојајцевидно-клиновидни, од двете страни влакнести, со ситно назабен раб и шилести запци, а врвот е заоблен или плитко всечен. Прилисниците се белузлави, со зелени или црвенкави испакнати жили, по површината покриени со прилегнати влакна, а по работ со полураширени влакна. Тие се јајцевидно-копјести и постепено се стеснуваат во долг, тесен триаглест шилест врв.

Соцветијата се долги 15–20 мм, јајцевидни или јајцевидно-цилиндрични, приседнати во пазувите на листовите и делумно обвиени од нив. Цветовите се густи и без прицветници.

Чашката е долга 6–6,5 мм и покриена со долги бели или светлокафеави, густо полураширени влакна. Нејзиниот ѕвонест трубест дел е долг околу 2,5 мм. Запците се шиловидни и со различна должина, при што долниот е два до три пати подолг од двата горни, а страничните се малку подолги од горните. Венчето е розово, поретко бело. Барјачето е копјесто, долго 7–9 мм, крилцата се околу 2 мм покуси од него, а лаѓичката е околу 0,5 мм покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка, долга приближно колку трубестиот дел на чашката и обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Trifolium trichopterum расте по брдски пасишта, камењари, карпи и други станишта на надморска височина до 1600 метри. Растението е широко распространето на територијата на Македонија, се среќава во: Козјак во Куманово, селото Страцин во Кратово, Св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка, селата Лесново и Добрево во Пробиштип, Берово, планината Огражден (Суви Лаки), Гуштерица во Пехчево, Голак и селото Киселица во Делчево, селото Блатец во Кочани, планината Плачковица, селото Церово во Демир Хисар, планината Ниџе, планината Кожуф, и помеѓу селата Серменин и Конско во Гевгелија.

Наводи Heywood,V.H. & Ball,P.W., 1968 Leguminosae.In:Flora Europaea Vol.2.ed.Tutin,T.G.et al. Pancic,J., 1856 Verh.Zool.-Bot.Ges.Wien Vol.6

Надворешни врски

Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија