Гаврил Охридски () бил византиски црковен великодостојник и епископ на Охрид во втората половина на IX век. Познат е како еден од најраните средновековни епископи на Охридското епископско седиште и како учесник на Цариградскиот собор од 879–880 година, свикан за време на патријархот Фотиј I Цариградски.
Живот и дејност За животот на Гаврил Охридски не се зачувани биографски податоци. Не се познати годината и местото на неговото раѓање, времето кога бил ракоположен за епископ, ниту пак периодот на неговото управување со Охридската епископија. Единствениот сигурен податок за него потекнува од соборските акти на Цариградскиот собор од 879–880 година. Во актите на соборот неговото име е запишано како: „Γαβριὴλ ἐπίσκοπος Ἀχρίδος“ (Гаврил, епископ на Ахрида).Mansi, XVII, col. 376A.GIBI, vol. IV, p.117 Овој запис претставува едно од најраните писмени сведоштва за постоењето на епископско седиште поврзано со Охрид во средновековниот период.
И покрај тоа што Охрид во втората половина на IX век влегол во составот на бугарската држава, локалната епископија останала потчинета на Цариградската патријаршија, за што сведочи и учеството на нејзиниот епископ Гаврил на соборот во 879–880 година. Во контекст на бугарското освојување на Охрид, како значајно историско прашање се поставува судбината на постојната византиска црковна институција и нејзиното можно продолжување по промената на политичката власт. Одговорот на ова прашање не е целосно разјаснет поради ограниченоста на изворите. Не е позната точната година кога Охрид потпаднал под бугарска власт, а не е целосно сигурно ниту дали Охридската епископија веќе постоела во моментот на освојувањето. Доколку се прифати претпоставката дека градот бил освоен во 850-те или почетокот на 860-те години, во време кога епископијата веќе постоела, можни се неколку сценарија:
Според едното гледиште, бугарскиот владетел Борис ја толерирал постојната византиска епископија и дозволил нејзино непречено функционирање и по промената на политичката власт, најмалку до Цариградскиот собор од 879–880 година. Според друго толкување, можно е епископијата привремено да била укината или прекинато да функционира во одреден период, но подоцна нејзиното обновување било одобрено пред 879 година.
Од двете можности, некои истражувачи ја сметаат за поверојатна првата, односно дека Охридската епископија продолжила да постои и покрај промената на политичката власт.
Учеството на Фотиевиот собор Гаврил учествувал на Цариградскиот собор од 879–880 година, кој бил свикан по враќањето на Фотиј на цариградскиот патријаршиски престол. На соборот присуствувале епископи од различни области на Византиското Царство и претставници на источните патријаршии, како и папски легати од Рим. Соборот ги разгледувал прашањата поврзани со обновувањето на црковното единство по т.н. Фотиева шизма, статусот на патријархот Фотиј и прашањето за изменувањето на Никео-цариградскиот Символ на верата. Името на Гаврил се наоѓа меѓу потписниците на соборските одлуки, што сведочи дека Охридската епископија во тоа време била вклучена во црковната организација на Цариградската патријаршија.
Понатамошна судбина на епископијата Само по поминати седум години од споменувањето на актуелниот охридски епископ (879), Климент во 886 г. пристигнал во Охрид. Непознато е дали таму го затекнал Гаврил, некој негов наследник или пак дали воопшто во градот cè уште престојувал византиски епископ? Грозданов на едно место со право се изјаснил дека е извесно при доаѓањето во Охрид Климент таму да го затекнал охридскиот епископ. Но во продолжение сепак останал воздржан и не се впуштил во натамошни претпоставки. Единствено резимирал дека останува непознато што се случило понатаму со Епископот и со функционирањето на Епископијата.
Во тој контекст навистина не постои никаква основа да се тврди дека Охридската епископија исчезнала по 879 г. Ce чини оправдано мислењето дека кога Климент градел цркви и престојувал во Охрид, тој неминовно остварувал контакти со охридскиот епископ.
Наводи
Категорија:Византиски епископи Категорија:Македонија во 9 век