Даниел Олмо Карвахал (роден на 7 мај 1998 г.) — шпански фудбалер кој игра во средниот ред за Барселона и репрезентацијата на Шпанија.
По периодот поминат во младинските категории на Барселона, Олмо го направил своето професионално деби за Динамо Загреб во Хрватска во 2015 година. Тој забележал вкупно 124 настапи за клубот, постигнувајќи 34 гола и освојувајќи ја титулата во првата хрватска лига пет пати и титулата во Купот на Хрватска три пати. Во 2020 година се приклучил на РБ Лајпциг, со кој освоил две титули во Купот на Германија, како и титула во Суперкупот на Германија во 2023 година, каде што постигнал хет-трик, пред во 2024 година да се врати во својот матичен клуб Барселона.
Олмо го освоил Европското првенство под 21 година 2019 со репрезентацијата на Шпанија, како и сребрен медал на Летните олимписки игри 2020. За сениорската репрезентација, тој дебитирал во 2019 година и бил дел од тимот кој стигнал до полуфиналето на Европското првенство 2020, како и од тимот кој ја освоил УЕФА Лигата на нации 2023. Тој бил клучен член на репрезентацијата на Шпанија која го освоила Европското првенство 2024 (поделувајќи го признанието најдобар стрелец на турнирот со уште пет играчи) и Светското првенство 2026.
Клупска кариера Почетоци Роден во Тераса, Барселона, Олмо се приклучил на младинската академија на Барселона на деветгодишна возраст, од соседниот клуб Еспањол.
Динамо Загреб Во изненадувачки потег, Олмо му се приклучил на Динамо Загреб на 31 јули 2014 година, на возраст од 16 години. Тој го направил своето деби за првиот тим против Локомотива Загреб на 7 февруари 2015 година, како замена во 76. минута за Паулу Машаду, во домашната победа од 2–1.MODRA BUDUĆNOST: SJAJNI MLADIĆI KOJI NEZAUSTAVLJIVO DOLAZE at gnkdinamo.hr (на хрватски), 12 февруари 2015 На 22 септември, тој го постигнал својот прв гол во победата од 7–1 на гостувањето кај Оштерц Златар во првото коло од купот на Хрватска.
На 22 август 2016 година, Олмо потпишал нов четиригодишен договор.OLMO DAO POVJERENJE DINAMU NA IDUĆE ČETIRI GODINE at gnkdinamo.hr (на хрватски), 22 август 2016 Тој постигнал три гола на четири натпревари во хрватскиот куп во сезоната 2016–17, во која Динамо Загреб завршил како вицешампион, вклучително и еден во поразот од 3–1 од Риека во финалето на 31 мај; четири дена претходно, тој го постигнал својот прв првенствен гол во победата од 5–2 над Риека – која веќе била првак – во последното коло.
Олмо му асистирал на Изет Хајровиќ за третиот гол и го постигнал четвртиот во победата од 4–1 над Фенербахче во Лигата на Европа на 20 септември 2018 година. На 17 декември, Олмо бил прогласен за најдобар играч на првата хрватска лига за 2018 година. Во истиот месец, тој бил рангиран на 11. место за наградата Златно момче на Tuttosport, пред играчи како Килијан Мбапе и Јосип Брекало.
На 14 февруари 2019 година, тој го постигнал единствениот гол во натпреварот од шеснаесеттинафиналето на Лигата на Европа против Викторија Плзењ, кој завршил со пораз од 2–1 за Динамо Загреб. На 3 јуни, тој бил прогласен за најдобар играч и најдобар млад играч на сезоната.
На 18 септември 2019 година, тој го направил своето деби во Лигата на шампионите во домашната победа од 4–0 над Аталанта. Својот прв гол во натпреварувањето, тој го постигнал на 22 октомври во ремито 2–2 на гостувањето кај Шахтјор Доњецк. Тој го постигнал единствениот гол на Динамо во домашниот пораз од 1–4 од Манчестер Сити на 11 декември, со што Динамо завршил на последното место во групата.
РБ Лајпциг
На 25 јануари 2020 година, Олмо потпишал четиригодишен договор со бундеслигашот РБ Лајпциг. Тој дебитирал една недела подоцна, во ремито 2–2 со Борусија Менхенгладбах, влегувајќи во игра на местото на Тајлер Адамс во 69. минута. На 4 февруари, тој го постигнал единствениот гол во поразот со 3–1 од Ајнтрахт Франкфурт во германскиот куп, откако влегол во игра на местото на Амаду Ајдара на полувремето.
Олмо за првпат бил стартер за Лајпциг на 9 февруари 2020 година, во натпреварот против Баерн Минхен кој завршил без голови. На 12 јуни, Олмо ги постигнал двата гола во победата од 2–0 над Хофенхајм 1899. На 13 август, тој го постигнал првиот гол во победата со 2–1 над Атлетико Мадрид на стадионот Жозе Алваладе, со што Лајпциг се пласирал во полуфиналето од Лигата на шампионите за првпат во историјата на клубот.
Олмо одиграл четири натпревари во победата на РБ Лајпциг во германскиот куп во сезоната 2021–22, постигнувајќи гол за конечни 2–0 на домашен терен против Ханза Росток во осминафиналето на 19 јануари 2022 година. Во финалето против Фрајбург, Олмо влегол во игра во 69. минута на местото на Кевин Кампл, а потоа постигнал гол во изведувањето на пенали откако натпреварот завршил со резултат 1–1. На 30 јули, повторно влегувајќи во игра од клупата за резервни играчи, тој постигнал почесен гол во поразот од 5–3 од Баерн Минхен во Суперкупот на Германија 2022.
На 12 август 2023 година, Олмо постигнал хет-трик во Суперкупот на Германија 2023 против Баерн Минхен, во победата од 3–0 на Лајпциг.
Враќање во Барселона Сезона 2024–25 На 9 август 2024 година, Олмо се вратил во клубот од неговата младинска кариера, Барселона, потпишувајќи шестгодишен договор, во трансфер вреден околу 60 милиони евра.
На 27 август 2024 година, откако ги пропуштил натпреварите против Валенсија и Атлетик Билбао од административни причини, Олмо го одиграл својот прв натпревар за Барселона, влегувајќи од клупата на местото на Феран Торес против Рајо Ваљекано, и го постигнал победничкиот гол во 82. минута, со што на својот клуб му донел победа од 1–2 на гостински терен. На 3 ноември, по враќањето од повреда, Олмо ги постигнал својот четврти и петти гол во пет натпревари за Барселона во победата од 3–1 против Еспањол. На 26 ноември, тој го постигнал својот прв гол во Лигата на шампиони за Барселона во победата со 3–0 над Брест. Поради тоа што Барселона не успеала навреме да го регистрира него и неговиот соиграч Пау Виктор за 2025 година, Олмо имал можност да стане слободен играч и да преговара со кој било клуб. Подоцна, Врховниот совет за спорт ја одобрил регистрацијата на Олмо и Пау Виктор на 8 јануари 2025 година, што значело дека двајцата можат да играат за клубот во Ла Лига, УЕФА Лигата на шампионите, Купот на Кралот и во подоцнежното финале на Суперкупот на Шпанија против Реал Мадрид.
Сезона 2025–26 Олмо го постигнал својот прв гол во сезоната на 21 септември 2025 година, во победата од 3–0 над Хетафе во Ла Лига, при што исто така асистирал за првиот гол на Феран Торес.
На 2 декември 2025 година, веднаш по постигнувањето на гол во натпреварот од Ла Лига против Атлетико Мадрид, Олмо незгодно паднал на теренот и потоа бил заменет. Подоцна од клубот било потврдено дека тој се здобил со дислокација на левото рамо и дека ќе биде надвор од терените приближно еден месец.
Репрезентативна кариера Младински репрезентации Олмо бил дел од шпанската репрезентација на Европското првенство под 17 години 2015; тој постигнал гол во пенал-серијата во четвртфиналето во кое Шпанија била поразена од Германија.
Кон крајот на 2017 година, директорот на Динамо Загреб, Томислав Светина, изјавил дека клубот прави сè што може за тинејџерот да добие хрватско државјанство, бидејќи самиот Олмо покажал желба да ја претставува Хрватска на меѓународно ниво. Сепак, во октомври 2018 година, тој дебитирал за репрезентацијата на Шпанија под 21 година.
Олмо бил дел од шпанскиот состав кој го освоил Европското првенство за играчи под 21 година 2019. Тој одиграл четири натпревари на кои забележал една асистенција и постигнал три гола, вклучувајќи еден во финалето, поради што бил прогласен за играч на натпреварот.
Сениорска репрезентација
Олмо го добил првиот повик за Шпанија во ноември 2019 година, за квалификациските натпревари за Европското првенство 2020 против Малта и Романија, откако Шпанија веќе била квалификувана на првенството. Првиот сениорски натпревар во шпанскиот дрес, Олмо го одиграл на 15 ноември 2019 година, влегувајќи во игра на местото на Алваро Мората во 66. минута и постигнувајќи гол три минути подоцна во победата од 7–0 против Малта.
На 24 мај 2021 година, Олмо бил именуван во составот од 24 играчи на Луис Енрике за Европското првенство 2020. На 28 јуни, во продолженијата од натпреварот од осминафиналето против Хрватска, тој бил асистент на головите на Мората и Микел Ојарсабал во победата на Шпанија од 5–3. На 2 јули, откако четвртфиналниот натпревар против Швајцарија завршил со резултат 1–1 по продолженијата и се пристапило кон пенал серија, Олмо успешно го реализирал својот пенал во победата на Шпанија од 3–1. На 6 јули, во полуфиналето против Италија, тој асистирал на Мората за израмнувачкиот гол; сепак, по новото реми од 1–1, натпреварот повторно завршил со пенал серија, во која Олмо го промашил својот пенал, а Италија победила со 4–2.
Олмо бил именуван во составот од 22 играчи на Луис де ла Фуенте за Летните олимписки игри 2020. Тој забележал асистенција во ремито од 1–1 против Аргентина во групната фаза, како и гол и асистенција во победата од 5–2 над Брегот на Слоновата Коска во четвртфиналето. Тој бил дел од почетниот состав во финалето, во кое Шпанија загубила со 2–1 од Бразил по продолженија.
На 11 ноември 2022 година, Олмо бил именуван во составот од 26 играчи на Луис Енрике за Светското првенство 2022. На првиот натпревар од групната фаза против Костарика, Олмо бил стрелец на првиот гол и асистирал за седмиот во победата од 7–0, што била најголемата победа на Шпанија на Светско првенство. Тој играл и во ремито од 1–1 против Германија, како и во поразот од 2–1 од Јапонија. Тој исто така бил дел од почетниот состав во осминафиналето против Мароко, кое Шпанија го загубила со 3–0 по изведувањето на пенали.
На 7 јуни 2024 година, Олмо бил именуван во составот од 26 играчи за Европското првенство 2024. Тој го постигнал својот прв гол на европските првенства во победата од 4–1 над Грузија во осминафиналето. Во четвртфиналето, против домаќинот Германија, тој бил прогласен за играч на натпреварот, постигнувајќи гол и забележувајќи асистенција во победата од 2–1 по продолженија, откако го заменил повредениот Педри во раната фаза од првото полувреме. Олмо го постигнал својот трет гол на турнирот во победата од 2–1 над Франција во полуфиналето. Во финалето против Англија, тој одиграл клучна улога во победата од 2–1 со интервенција на гол-линијата во 90. минута од натпреварот. Со три гола на турнирот, тој ја поделил Златната копачка за најдобар стрелец, заедно со уште пет фудбалери.
Олмо бил именуван во составот од 26 играчи за Светското првенство 2026. Тој забележал асистенција во победата од 2–0 над Франција во полуфиналето; тоа било негова осма асистенција на големите турнири, со што го израмнил рекордот на Сеск Фабрегас. Олмо бил дел од почетниот состав во финалето, во кое Шпанија ја совладала Аргентина со 1–0 по продолженија.
Личен живот Таткото на Олмо, Микел, е поранешен фудбалер. Тој професионално играл за клубови од пониските лиги. Постариот брат на Дани, Карлос, исто така е фудбалер и игра како одбранбен играч; тој поминал неколку години во Хрватска, настапувајќи за резервниот тим на Динамо и за Локомотива Загреб. Олмо течно зборува шпански, каталонски, англиски, германски и хрватски јазик.
Наводи
Категорија:Живи луѓе Категорија:Шпански фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Динамо Загреб Категорија:Фудбалери на РБ Лајпциг Категорија:Фудбалери на ФК Барселона Категорија:Фудбалери во Серија А Категорија:Родени во 1998 година Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026