алт=Лого на Том и Џери 2014 година|мини|Лого на Том и Џери 2014 година

Том и Џери () — серија, кратки анимирани кино филмови создадени од Вилијам Хана и Џозеф Барбера за продуцентската куќа Метро-Голдвин-Маер (МГМ) (анг. Metro-Goldwyn-Mayer). Серијата е заснована на вечното соперништво меѓу еден домашен мачор (Том) и еден глушец (Џери), чии брканици и тепачки честопати подразбираат насилство прикажано на смешен начин. Хана и Барбера напишаа и изрежираа 114 цртани филмови „Том и Џери“ во студиото на МГМ во Холивуд, Калифорнија во периодот меѓу 1940-1958 година, пред одделот за анимација да биде затворен. Оригиналната серија остана запаметена по тоа што беше добитник на 7 Оскари за најдобар краток анимиран филм и го дели првото место по бројот на добиени статуетки во оваа категорија заедно со серијата цртани филмови „Смешна симфонија“ на Волт Дизни. Покрај тоа, запаметена е и по најпознатото и најдолготрајното соперништво во историјата на американската кинематографија. „Том и Џери“ има публика низ целиот свет, серијата ја сакаат и млади и стари. Во 2000 година магазинот „Тајм“ (анг. ‘’’Time’’’) ја вброи оваа серија меѓу најдобрите телевизиски програми на сите времиња. Серијата се прикажува од 10 февруари 1940 година до ден денес. Почнувајќи од 1960 година, како дополнување на првата серија беа издадени нови епизоди, направени во Источна Европа, во продукција на „Рембренд Филмс“ (анг. Rembrandt Films), под режисерската палка на Џин Дич. Во 1963 година продукцијата на „Том и Џери“ се врати во Холивуд, овој пат под водство на Чак Џоунс и продуцентската куќа „Сиб-Тауер Твелв Продакшнс“ (анг. Sib-Tower 12 Productions). Оваа серија траеше сè до 1967 година и се состои од 161 епизода. Познатиот мачор и глувчето повторно се појавија во ТВ- цртани во текот на 1970-тите, 1980-тите и 1990-тите години, во продукција на тандемот Хана-Барбера и продуцентската куќа „Филмејшн Студиос“ (анг. Filmation Studios) , а потоа и во филмот „Том и Џери": Филмот“ во 1992 година. Најновиот цртан филм со овие ликови, „Карате чувар“, направен по сценарио и режија на ко-творецот Џо Барбера, се појави во кината во Лос Анџелес на 27 септември 2005 година. Денес, авторските права врз „Том и Џери“ ѝ припаѓаат на продуцентската куќа „Тајм Ворнер“ (анг. Time Warner).

Приказна

Серијата „Том и Џери“ е мошне популарна поради смешните тепачки меѓу двајцата вечни непријатели, еден обичен куќен мачор и глувче. Обично приказната на секоја епизода се врти околу бројните обиди на Том да го фати Џери и на општиот хаос што настанува притоа. Со оглед на тоа што Том ретко се обидува да го изеде Џери, и тоа што во некои епизоди тие двајца дури и добро се сложуваат, не е јасно зошто Том толку многу го брка Џери. Некои од причините се можеби вообичаеното непријателство меѓу мачка и глушец, обврската што мачорот ја има кон својот сопственик, тоа што Џери се обидува да ја расипе секоја работа што Том ќе ја започне, тоа што Џери краде од храната на сопственикот или го уништува секој обид на Том да заведе некоја мачка, потоа, одмазда, натпревар со друг мачор, или поради обидите на Џери да спаси некоја жртва на Том (на пример патка, канаринец или златна рипка). Том ретко успева да го фати Џери, затоа што Џери е паметен, снаодлив и има среќа. Интересно е тоа дека на повеќето најавни шпици, Том и Џери се прикажани како се смеат еден кон друг, што укажува дека тие во исто време и се сакаат и се мразат, иако во секоја епизода се мошне бесни еден на друг. Постојат неколку сцени во кои е прикажано искреното пријателство помеѓу нив („Пролет за Томас“) и загриженоста за доброто на другиот, како на пример во епизодата „Џери и Лавот“, каде што Џери се преправа дека Том го погодил со куршум, па Том веднаш трча по приборот за прва помош.

Оваа серија е позната по некои од најнасилните сцени во историјата на филмската анимација: Џери го сече Том на половина, му ја фаќа главата со вратата или со прозорецот, му ја става опашката под пеглата, во цедалката за алишта или во штекерот, го шутнува во фрижидерот, го удира со боздоган, чекан или со палка, сече дрво или бандера која паѓа врз Том и го закопува во земја, става запалени чкорчиња меѓу прстите на Том и сл. Од друга страна, пак, Том користи сè и сешто во своите обиди да го убие Џери: секири, пиштоли, екплозиви, стапици, отров... И покрај својата популарност, „Том и Џери“ честопати биле критикувани поради тоа што се премногу насилни. Но, иако има многу насилство, во ниту една сцена од првата серија нема крв. На почетокот на „Том и Џери: Филмот“ кога Том е исечен на парчиња, јасно се гледа крв, но тоа е една од мошне ретките сцени од ваков тип. Понатаму, честопати ја гледаме сцената кога Џери го удира Том, а тој чувствува болка дури по некое време (откако ќе види дека е повреден), и обратно, или кога Џери застанува на сред брканица како да бара тајмаут, пред да направи нешто, обично да го повреди Том. Цртаниот филм е забележителен и по тоа што користи одредени стереотипи, како на пример поцрнети лица после експлозија или користењето на големи и страшни сенки, како на пример во „Д-р Џекил и г-дин Глушец“. Музиката е мошне битен дел од секој цртан филм, бидејќи го нагласува дејството и внесува емоции во сцените. Музичкиот директор Скот Бредли создаде сложени мелодии, кои се комбинација од џез, класична и поп-музика. Тој има користено и модерни поп песни, како и песни од филмовите во производство на МГМ, како што се „Волшебникот од Оз“ и „Се гледаме во Сент Луис“. Вообичаено нема дијалози, бидејќи Том и Џери ретко зборуваат, но затоа пак споредните ликови не се ограничени во тој поглед. Така на пример, Бабата има реплики во сите епизоди во која се појавува, освен во „Малото сираче“. Повеќето од звуците кои ги испуштаат Том и Џери се всушност гласна смеа или врескање, кои можат да се добијат со помош на труба или други музички инструменти.

Ликови

Главни ликови

Мачорот Том и глувчето Џери Том е сино-сив Британски долговлакнест мачор кој живее удобен живот. Тој е главниот протагонист, а во исто време и главниот антагонист во приказната. Џери, пак, е мало кафеаво куќно глувче кое е секогаш некаде во близина на Том. Тој е вториот протагонист во приказната. Том е типично американско име за мачор, а покрај тоа ликот на Силвестер од цртаните филмови на Ворнер Брос (анг. Warner Bros.) во почетокот се викал Томас. Во првата епизода, „Мачорот добива отказ“, Том се викал Џаспер, а Џери бил Џинкс. Том е многу избувлив и лесно се лути, додека симпатичното глувче Џери е независно и ја користи секоја шанса што ќе му се укаже. Џери исто така е неверојатно силен за неговата големина, па може да подигне чекан со голема леснотија, а и да ги поднесе силните удари од иститот. Иако се очекува мачорот да го изеде глувчето, сепак, Том ретко се обидува да го изеде Џери. Иако е мошне енергичен и решителен, Том не може против паметниот и досетлив Џери. Вообичаено, на крајот на секоја епизода Џери излегува како победник,а Том е прикажан како губитник. Но, постојат и епизоди кога Том победува, обично кога Џери е тој што напаѓа или претерува во своето однесување. Најдобар пример за ова е епизодата „Мачорот милионер“, каде Џери, откако дознава дека Том ќе го изгуби богатството ако нападне некое животно, почнува да го нервира сè додека на Том не му пукне филмот и не го нападне. Понекогаш, пак, и двајцата губат, обично кога Џери ќе се фати во сопствената стапица, откако претходно се фатил и Том. Понекогаш на крајот тие стануваат пријатели, но секогаш нешто се случува и Том пак почнува да го брка Џери. И двата лика уживаат да го мачат другиот, но кога некој од нив се наоѓа во смртна опасност, било да е тоа во некоја опасна ситуација или поради некој трет лик, другиот секогаш го спасува. Во повеќе епизоди е прикажано дека тие можат многу лесно да се сложуваат еден со друг и да соработуваат кога е тоа потребно, обично против трет лик кој ги мачи и понижува и двајцата. Иако пет епизоди завршуваат со наводната смрт на Том, овој лик никогаш сосема не исчезнува. Во епизодата „Дневникот на Џери“ тој дури чита за сопствената смрт. Во епизодите „Глувчешка неволја“ и „Воинствениот глушец“, Том умира во екплозија, по што е прикажан во рајот, додека во епизодата „Двајцата мускетари“ му ја сечат главата на гилотина, но тоа не е прикажано на екранот. Иако многу од споредните ликови зборуваат, тоа не важи за Том и за Џери. Како што е познато, Том пее додека ѝ се додворува на некоја мачка. Така на пример, во епизодата „Љубовна серенада“ од 1946 година, Том ја пее песната „Is You Is Or Is You Ain't My Baby“ од Луис Џордан. Во неколку епизоди, при додворувањето Том пее со француски акцент, а гласот му е сличен на оној на глумецот Шарл Бојер. На крајот на епизодата „Мачорот милионер“, откако повторно почнува да го брка Џери, Том вели дека губи милион долари, но дека е среќен. Повеќето звучни ефекти за Том и Џери се дело на режисерот Вилијам Хана. Негово дело се и најпознатите звучни ефекти од оваа серија – врескањето на Том (кое е добиено така што е снимено врескањето на Хана, а потоа се избришани почетокот и крајот, па останува само најгласниот дел) и подголтнувањето на Џери. Епизодата „Блузот на тажниот мачор“ од 1956 година е прераскажана од Џери (гласот му го позајмува Пол Фрис). Исто така, Том и Џери зборуваат во повеќе наврати во епизодата „Осамениот глушец“ од 1943 година. Прво и досега единствено издание во кое мачорот и глувчето постојано зборуваат е „Том и Џери: Филмот“.

Споредни ликови Спајк и Тајк Честопати додека го брка Џери, Том мора да се справува со Спајк (познат и како Килер- „убиец“), лош и бесен, но и мошне глупав булдог, кој го напаѓа Том бидејќи му додева на неговиот син Тајк (или Јуниор). Во почетокот Спајк немал име и не зборувал ништо, туку само лаел и ’ржел и не бирал кого ќе нападне- дали Том или Џери, иако обично го напаѓа Том. Во подоцнежните епизоди Спајк често зборува и притоа ги користи изразите и тонот на комичарот Џими Дуранте, а гласот му го позајмува најпрво Били Блечер, а подоцна и Доус Батлер. Низ годините, бојата на крзното на Спајк се менувала од сива до кремаста. Ликот на Тајк, воведен кон крајот на 1940-тите години ја прикажа и добрата страна на Спајк, а воедно донесе освежување на серијата. Повеќето епизоди со Спајк имаат типична приказна: обично Спајк се обидува да направи нешто (на пример да си направи куќичка или да заспие), а Том и Џери го спречуваат во тоа, па Спајк (најверојатно како очекувана реакција) го смета Том за виновник и му се заканува дека ако се повтори тоа, ќе му направи „нешто многу страшно“. Џери го наслушува тоа и потоа прави сè и сешто за да го прекине Спајк во неговата работа, додека Том едвај успева да го спречи Џери, па притоа добива секакви повреди. На крајот секогаш Џери успева да избега и да го намести Том, па тој мора да се бори со Спајк и, нормално, да изгуби. Не е прикажано директно на екранот како го тепаат Том, но на крајот на епизодата тој е прикажан целиот во завои, додека Џери успева да се извлече без влакно да му фали. Но, сепак, во една епизода („Кутрето ика“) Том му помага на Спајк, па тој му ветува дека никогаш веќе нема да го брка, а Џери преплашен ја напушта куќата и бега некаде далеку.

Буч и Тудлз Галор Буч е куќен црн мачор кој исто така сака да го фати и да го изеде Џери. Тој е најголемиот непријател на Том. Сепак, во повеќето епизоди во кои се појавува, Буч се натпреварува со Том за Тудлз Галор. Во некои епизоди, пак, Буч е пријател на Том и го предводи неговото друштво, во кое сè уште и Билдерот и Палавко. Том е заљубен во неколку мачки. Неговата прва љубов е Шики која во епизодата „Костумираниот мачор“ зборува арогантно, а во епизодата „Глувчето доаѓа на вечера“ му се обраќа со „Томи“. Втората, а и најголемата љубов на Том е Тудлз Галор, која не зборува во ниту една епизода од серијата.

Бабата