Кален — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.
Географија и местоположба
мини|лево|300п|Поглед на селото од селските гробишта, сместени околу црквата „Вознесение Христово“
Ова мало село се наоѓа во северозападниот дел на прилепскиот дел од областа Мариово, во средишниот дел на територијата на Општина Прилеп, недалеку од патот Прилеп-Витолиште. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 640 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 26 километри.
До селото локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1107 од неговата лева страна.
Селото Кален се наоѓа во пределот наречен Мало Мариово (или Прилепско) на подрачјето на некогашната Општина Витолиште, а денес се наоѓа во јужниот дел на постојната Општина Прилеп. Сместено е на десната страна во долот на Кокречка Река близу нејзиниот состав со Дуњска Река во подножјето на источната падина на Селечка Планина и нејзиниот преслап кон Дрен Планина.
Историја
Најстариот запис во кој се споменува селото Кален потекнува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 година кога во селото живееле 6 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани 19 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 63 домови во 1519 година, а потоа опаѓање на 36 домаќинства во 1528/29 и благо намалување на 34 семејства во 1544/45 година.
Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Кален запишал дека имало 45 куќи и црква Свети Спас.
Во 1904 година за време на празникот Спасовден во селото потпомогната од локални гркомани, упаднала андартска чета, која го запалила селото и масакрирала 16 селани. По масакрот во Кален, андартите се упатиле во Кокре, каде што селаните претходно се подготвиле за нападот и ја разбиле грчката чета.
Стопанство
мини|300п|десно|Поглед на селото
Атарот на селото е релативно голем и зафаќа простор од 22,6 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 1.433 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 533 хектари, а на шумите само 52 хектари.
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.
Самото село и околината се лишени од дрвна растителност од која се застапени само тополи во долот на потокот, круши, ореви и нискостеблести грмушести растенија.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кален имало 360 жители.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 246.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година, во селото имало 376 жители.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 150-151.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Кален се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 57 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.
Од Кален се иселил значителен дел од неговото население, па затоа тоа бројно се намалило од 336 жители во 1961 година, на 38 жители во 1994 година, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото Кален броело 19 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, сите Македонци.
Родови
Кален е македонско православно село.
Во селото Кален, како и останатите мариовски села, отсекогаш исклучиво живееле Македонци со православна христијанска вероисповед.
Староседелски родови се: Бошнаковци, Ѓорѓиовци и Митревци.
Иселеништво
Од Кален се има иселено поголемиот дел од жителите.
Општествени установи
Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
Во век, Кален било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Витолиште.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Дуње, во која покрај селото Кален, се наоѓале и селата Вепрчани, Дуње, Ѓуѓаково, Кокре, Крушевица, Пештани и Чаниште. Општината Дуње постоела и во периодот 1950-1952 година, додека во периодот 1945-1950 селото било седиште на истоимената општина во која влегувале селата Кокре и Пештани.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1521 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватна куќа.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 12 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.
Културни и природни знаменитости
мини|десно|300п|Главната селска црква „Вознесение Христово“ во селото Кален
Археолошки наоѓалишта Грамаѓе — населба и некропола од римското време; Катун — средновековна населба; Маркови Кули — тврдина од доцноантичкото време и средниот век; Темник–Отспроти — некропола од хеленистичкото време; Трпчева Црква — средновековна населба и црква; Црква Св. Спас — осамени наоди од римското време; Црквиште — старохристијанска црква; Казан — населба од бронзеното време; и Момирица — праисториска населба.
Цркви Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква, сместена на рид на влезот во селото; и Црква „Св. Илија“ — манастирска црква на Писокалскиот манастир (денес во атарот на Кален).
Манастири Писокалски манастир — манастир кај некогашното село Писокал (денес во атарот на Кален).
Реки Кокречка Река (позната и како Каленска Река) — река низ селото.
Редовни настани
Слави Вознесение Христово — црковна и селска слава
Галерија
Поврзано Општина Прилеп Мариово
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Прилепски села Категорија:Села во Општина Прилеп Категорија:Села со слава Спасовден во Македонија