Крушевица (познато и како Крушејца или Крушеица) — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Поглед на селото
На нивите и ливадите во непосредната близина на селото Крушевица во голема мера се застапени крушовите дрвја. Според кажувања на жителите, крушовите насади кои во најголем дел се од зимните жолти круши (кантарки) имаат толкава родност што селаните береле по пет и повеќе товари круши, кои стасувале за јадење и употреба од Голема Богородица на крајот на летото до Благовец во средината на пролетта.Според кажување на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. Забележал Марио Шаревски на 24.08.2014
Голема е веројатноста поради изобилството и големиот број на круши селото да го добило името Крушевица.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Глетка од стари куќи во селото
Селото се наоѓа во западниот дел на прилепскиот дел од областа Мариово и во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 759 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 26 километри.
Низ селото поминува асфалтираниот регионален пат 1311, кој се двои од регионалниот пат 1107 од неговата десна страна кај месноста наречена Липов Дол и продолжува кон селото Чаниште.
Селото Крушевица се наоѓа во делот наречен Мало Мариово (познато и како Горно и Ново или „несалам“ Мариово).
Сместено е на источната падина на Селечка Планина непосредно веднаш под нејзиниот највисок врв Висока (1.471 м.)
Селото Крушевица изобилува со повеќе извори на вода, која е убава за пиење, со занимлива појава да биде студена лете, а топла зиме. Во поново време во Крушевица бил изграден водовод кој со цевки носи вода од изворите кои се наоѓаат во месноста Каве на падината веднаш под врвот Висока, а на самиот крај на селото се наоѓа и кладенецот наречен Дуње кој е соѕидан во камено корито (дупка длабока околу 1 метар) чиј водостој е непроменлив во текот на целата година.
Историја
мини|300п|десно|Остатоци од древниот град во Висока
На подрачјето на селото Крушевица, постоел организиран живот уште од древните антички времиња за што сведочат ископините од остатоците на античкиот македонски град Пелагон, кој се наоѓа на самиот врв Висока на еден километар веднаш над селото.
Во пишаните податоци во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година селото Крушевица се среќава запишано како чисто христијанско македонско село кое како тимар ѝ припаѓало во рамки на нахијата Тиквеш во состав на Ќустендилскиот Санџак. Во ова време во селото, живееле 91 македонско христијанско семејство, кои произведувале 25 товари пченица, 150 товари мешано жито, 3 товари уров, лен, градинарски култури, грозје и вино, сено, се чувале свињи и пчели во улишта и кошници, работела 1 воденица, за што се остварувало приход и давачки од 9000 акчиња.
Приредувачите на книгата „Турски документи за историјата на македонскиот народ“ овој запис погрешно го навеле дека се однесува за кавадаречкото село Крушевица во Општина Росоман во Тиквешката Котлина, затоа што во самиот турски запис е запишано дека селото Крушевица имало „ушур“ (приход) однадвор, од селото Пчаништа бидејќи во синорот (атарот) на споменатото село Крушевица, земја обработувале жители од Чаниште и ушурот му го давале на спахијата на споменатото село Крушевица. Ако се има предвид дека селата Крушевица и Чаниште и денес постојат и се наоѓаат во непосредна близина и воедно меѓу нив постои зарамнет дел со обработливо земјиште и пасишта, станува јасно дека овој средновековен запис за село Крушевица од турските дефтери за нахијата Тиквеш од XVI век - 1570 година, се однесуваат на прилепското мариовско село Крушевица, а не на истоименото тиквешко село кај Росоман.
Имајќи ја предвид поволната положба која ја има Крушевица, тоа до денес важи како „село со најмногу поле“ (обработливо земјиште) во Мариово. Во втората половина на XIX век во селото покрај имотите и земјата во сопственост на селаните постоеле неколку чифлици на бегови (Турци) кои имале и неколку две и трикатни беговски кули во селото.Според кажувања на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. и неговиот внук Никола Ѓорѓиоски роден 1990 г. во Прилеп. Забележал Марио Шаревски на 23-24.08.2014
Во овој период во 1868 година во Крушевица се родил познатиот Толе Паша (Стојан Трајков Кулески), кој уште како дете со својот татко Трајко и чичко Куле аргатувајќи на чифлиците во Крушевица и во селата во плодната Пелагонија го навлекол гневот против неправдата и безмилосното изживување врз македонските селани. Уште како млад се одметнал како ајдутин и со својата дружина ги напаѓал беговите имоти и самите бегови. На сретсело во Крушевица го убил Турчинот Акиф кој мошне често ги напаѓал сеслките девојки и невести од христијанските семејства, а потоа во месноста Скала во заседа го начекал и убил насилникот Рафит, со што станал страв и трепет за турските аги особено при собирањето на данокот од мариовските селани.
Имајќи го предвид познатиот факт дека Македонскиот (Солунски) фронт во Првата светска војна минувал низ Мариово, Крушевица како и повеќето останати мариовски села претрпело многу тешки последици.
За време на бугарската окупација во Втората светска војна во 1943 година, селото имало 12.000 овци и кози, што е воопшто најголем број за селото и околината.
Стопанство
мини|300п|десно|Сушење на тутун во Крушевица мини|300п|десно|Воздушен поглед на рудникот „Крушевица“ и малото вештачко езеро
Атарот на селото е релативно голем и зафаќа простор од 27,6 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 1.316 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 1.190 хектари, а на шумите само 28 хектари. Шумите кои се состојат најмногу од даб, јавор, багреми, леска се наоѓаат на падините и врвот Висока веднаш западно над селото, додека на пространиот атар јужно од селото се наоѓа и помало вештачко езеро со мала земјена брана.
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција. Во минатото, во селото постоела земјоделска задруга.
Во основа жителите на селото најмногу се занимаваат со сточарство, особено со одгледување на овци, крупен добиток како крави, волови, а во помала мерка и кози. Денес, во селото се чуваат околу 1.000 овци и 200 крави и телиња, а во минатото во периодот 1941-1943 за време на бугарската окупација во Втората светска војна во селото се чувале и одгледувале 12.000 овци и кози. Од овчото млеко во селото повеќето домаќинства го произведуваат познатото и прочуено „мариовско биено сирење“, како и овчо сирење, урда, матеница и други млечни производи.
Поради поволните услови во селото е застапено и полјоделството односно одгледување на житни култури најмногу пченица која како лебно жито се продава на мелничарите, ’рж кој се користи како лебно жито за домашна употреба и пченка засадена во многу мали размери во градините, потоа тутунот од индустриските култури застапен на околу 5 хектари кој се носи на откуп во Прилеп, Тополчани и Беровци и во сосема помали размери се одгледуваат градинарските култури како домат, пиперка, лук, кромид во малите градини (бавчи) близу кладенците.
На патот за селото Чаниште се наоѓа новоотворен рудник за мермер, покрај кој се наоѓа и малото вештачко езеро.
Население
мини|300п|десно|Маж и жена во носии од село Крушевица, Прилепско Мариово (1917 г.)
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крушевица живееле 436 жители, од кои 420 Македонци и 16 Роми.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Крушевица имало 464 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 148 – 149.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Крушевица е претставено како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 60 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.
Како и сите останати села во Мариово, така и Крушевица бележи значајно и постојано опаѓање на бројот на своите жители. Поради големата миграција и иселување Крушевица преминала од средна по големина во мала селска населба. Во 1961 година ,во Крушевица живееле 637 жители, додека во 1994 бројот се намалил на 117 жители.Башески, Илија. Мариово и Меглен - Природни и социо-економски одлики. во: Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен, Зборник на материјали од научниот собир одржан во Прилеп и Витолиште 24, 25.05.1990. Прилеп, 1994. стр. 55
Според пописот од 2002 година, селото Крушевица броело 87 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, од кои 28 Македонци, 1 Албанец и 12 лица без податоци.
Родови
Во селото Крушевица отсекогаш па сѐ до денес живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед.
Во селото постојат и живеат следниве македонски православни родови: Шарковци, Кртовци, Јовевци, Кришиовци (сите староседелци), Трајчевци, Велјановци, Колимагаревци (имаат родовска гранка и во Витолиште), Кулевци, Грковци, Чуруковци (доселени од Вепрчани), Гарлевски, Поповци името го добиле по основачот на родот кој бил поп и како домазет се доселил од соседното село Чаниште, а потоа од тоа семејство произлегле селските свештеници - поповите, поп Трпко, поп Илија, нивниот внук Тодор Попов кој е роден некаде 1895 година кој бил познат во селото како голем трговец и земјопоседник, кој потоа го наследуваат неговите два сина Петре роден 1913 година и Блаже роден 1920 година.
Иселеништво
Најголемиот дел од населението се иселило во Прилеп како и околните рамничарски села во Пелагонија.
Општествени установи
Поранешно основно училиште до IV одделение Дом на културата
Самоуправа и политика
Во век, Крушевица било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Дуње, во која покрај селото Крушевица, се наоѓале и селата Вепрчани, Дуње, Ѓуѓаково, Кален, Кокре, Пештани и Чаниште. Во периодот 1945-1952 година, селото било седиште на истоимената општина, во која влегувало и селото Чаниште.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1523 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватна куќа.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 51 гласач.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Руини од античкиот град Пелагон
Археолошки наоѓалишта Бабо — населба и некропола од римско време; Градиште — збег од доцноантичко време; Грамаѓе — населба од римско време; До Селото — некропола од римско време; Каве — населба и некропола од хеленистичко и римско време; Манастир Св. Недела — сакрален објект од старохристијанско време; Падарница — тумул од железно време; Страгата — тумул од железно време; Црква Св. Архангел — осамен наод од римско време; Црквиште — сакрален објект од старохристијанско време; Испраен Камен — тумул од железното време и римска стела; Ковчезите — населба од бронзеното време; Падиште — тумул од железното време; Скапците — тумул од железното време; Таламбасица — тумул од бронзеното и античкото време; Три Дабици — тумул од бронзеното време; и Широк Пат — тумул од железното време.