Сен-Џон Перс или Сен-Леже Леже, псевдоними на Алекси Леже (, - , ) – француски поет и дипломат, добитник на Нобеловата награда за литература во 1960 година за „пламениот лет и евокативната сликовитост на неговата поезија.“ Бил француски дипломат на висока позиција од 1914 до 1940 година, откога главно живеел во САД сè до 1967 година.
Животопис Младост и образование Алекси Леже е роден во Поент а Питр во Гваделупе. Неговиот прадедо, адвокат, се доселил во Гваделуп во 1815 година. Неговиот дедо и татко исто така биле адвокати, а неговиот татко бил и член на Градскиот совет. Семејството Леже имало две плантажи, една за кафе и друга за шеќер.
Во 1897 година, Ежесип Лежитимус, првиот избран претседател на Гваделупскиот генерален совет со домородно потекло, ја презел функцијата со одмаздољубива агенда кон колонистите. Семејството Леже се вратило во Франција во 1899 година и се сместило во По. Младиот Алекси не се чувствувал како дома и поминувал многу од своето време во прошетки, мечување, јавање и едрење на Атлантикот. Матурата ја положил со посебна награда и почнал да студира право на универзитетот во Бордо. Кога неговиот татко умрел во 1907 година, се намалиле финансиите на семејството што довело до времен прекин на неговите студии, кои ги завршил во 1910 година.
Во 1904 година, во Ортез го сретнал поетот Франсис Жам кој му станал драг пријател. Посетувал клубови на културата каде ги сретнал Пол Клодел, Одилон Редон, Валери Ларбо и Андре Жид. Напишал кратки поеми инспириран од романот Робинзон Крусо и почнал да го преведува Пиндар. Својата прва книга поезија, „Пофалби“, ја издал во 1911 година.
Дипломатска служба Од 1914 година Леже е во служба на француската дипломатија и првите години ги поминува во Шпанија, Германија и Обединетото Кралство. По избивањето на Првата светска војна тој ја извршува должноста на аташе за печат на владата. Од 1916 год 1921 година, тој бил секретар на Француската амбасада во Пекинг. Во 1921 година во Вашингтон, при учеството на светска конференција за разоружување, го забележал Аристид Бријан, тогашен премиер на Франција и го зел за свој помошник. Во Париз, го запознал интелектуалниот поет Пол Валери кој влијаел за издавање на поемата „Анабаза“ која Леже ја напишал за време на својот престој во Кина. На Леже му лежела класичната музика, тој ги познавал Игор Стравински, Надја Буланже и Ле сис.
мини|upright=1.1|Сен-Џон Перс учествува на преговорите на Минхенската конференција на 29 септември 1938 година. Стои зад Мусолини, десно.
За време на престојот во Кина, Леже ја напишал својата прва поема „Анабаза“ која ја објавил во 1924 година под псевдонимот „Сен-Џон Перс“, псевдоним кој ќе го користи до крајот на својот живот. После тоа тој не издал ништо две децении, дури ни повторно издание на својата дебитантска книга, бидејќи верувал дека тоа не соодветствува за дипломат да публикува фикција. После смртта на Бријан во 1932 година, Леже ја извршувал функцијата на генерален секретар на Министерството за надворешни работи (Ке д’Орсе) до 1940 година. Во министерството тој ја водел оптимистичката фракција која верувала дека Германија била нестабилна и дека ако Британија и Франција му се спротивстават на Хитлер тој ќе отстапи. Леже го придружувал францускиот премиер Едуар Даладје на Минхенската конференција во 1938 година каде била договорена цесијата на Чехословачка на Германија. Бил отпуштен од функцијата веднаш по падот на Франција во мај 1940 година бидејќи бил познат како антинацист. Од средината на јули 1940 година, Леже е во долг егзил во Вашингтон.
1940-1975 Во 1940 година, владата од Виши го исфрлила од редот на Легијата на честа и му го одзела француското државјанство (истото му било вратено по војната). Во егзил се судрил со финансиски тешкотии. Истите биле надминати кога Арчибалд МекЛиш, директор на Конгресната библиотека, и самиот поет, собрал доволно приватни донации за да ѝ овозможи на библиотеката да го вработи Перс до неговото пензионирање во 1947 година. Перс ја одбил позицијата на предавач на Универзитетот Харвард.
За време на егзилот во Америка, Перс ги напишал поемите „Егзил“, „Ветрови“, „Дождови“, „Снегови“, „Чемери“ и „Хроники“. Во Соединетите Држави останал долго по крајот на Втората светска војна, патувајќи, набљудувајќи ја природата и уживајќи во бројни пријателства. Во 1957 година, американските пријатели му дале вила во Жјен во Прованса, и оттогаш Перс своето време го дели меѓу Франција и Соединетите Држави. Во 1958 година се жени со Американката Дороти Милбурн Расел.
Во 1960 година ја добива Нобеловата награда за литература. По добивањето на Нобеловата награда ги напишал поемите „Хроника“, „Птици“, „Песна за една рамноденица“ како и пократките поеми „Ноктурно“ и „Суша“. Во 1962 година Жорж Брак работел со гравер-мајсторот Алдо Кромелинк на серија цртежи и акватинти насловени „Редот на птиците“ која била публикувана со текстот на Персиевите „Птици“.
Неколку месеци пред да почине, Леже ја донирал својата библиотека, ракописите и приватните списи на Фондацијата Сен-Џон Перс, истражувачки центар на неговиот живот и дело кој е активен до денешни дни. Починал во својата вила во Жјен и погребан во нејзината близина.
Творештво Éloges (Пофалби) 1911 Anabase (Анабаза) 1924 Exil (Егзил) 1942 Pluies (Дождови) 1943 Poème à l'étrangère (Поема за туѓинката) 1943 Neiges (Снегови) 1944 Vents (Ветрови) 1946 Amers (Чемери) 1957 Chronique (Хроника) 1960 Poésie (Поезија) 1961 Oiseaux (Птици) 1963 Pour Dante (За Данте) 1965 Chanté par celle qui fut là (Испеана од онаа која беше таму) 1969 Chant pour un équinoxe (Песна за една рамноденица) 1971 Nocturne (Ноктурно) 1973 Sécheresse (Суша) 1974
Поврзано 100 книги на векот според Ле Монд во која се вклучени „Чемери“
Наводи
Категорија:Француски писатели Категорија:Француски поети Категорија:Француски нобеловци Категорија:Добитници на Нобеловата награда за литература