Петстотини евра (500 €) — денес е банкнотата со највисок номинал меѓу банкнотите на еврото. Покрај тоа, оваа банкнота е една од највредните во светот. Во голем број земји што не се членки на ЕУ, каде што е можно депонирање на готовински евра на банкарски сметки, оваа банкнота е забранета за прием од страна на специјализираните банкомати.
Изглед Размерите на оваа банкнота се 160 на 82 мм — најголеми меѓу постоечките банкноти на еврото, а истата е изработена во виолетови тонови. Како и останатите банкноти, и онаа од 500 евра го содржи името на валутата, номиналот, знамето на Европската Унија, потписот на претседателот на Европската централна банка, 12-те ѕвезди на ЕУ, годината на издавање и посебни заштитни елементи. На двете страни се прикажани современи архитектонски елементи, кои го симболизираат правецот од XX век — модернизам: стаклено-бетонска конструкција на аверсот и шема на висечки мостови на реверсот.
Оптек Во оптек е пуштена од 2002 г. Според податоците од мај 2013 г., во оптек имало околу 582.806.500 банкноти од овој номинал (односно 291,4 милијарди евра од паричната маса), поради што банкнотата од 500 евра е втора по распространетост во Европа. Одговорна за печатењето е Европската централна банка. Банкнотата од 500 евра не се издава во сите земји од Европската Унија.
Производството на банкнотите е прекинато во 2014 г. На 4 мај 2016 г., Советот на гувернери на ЕЦБ објавил дека кон крајот на 2018 г. ќе се прекине издавањето на банкнотите од 500 евра во оптек, додека фактичката забрана за издавање стапила на сила на 27 април 2019 г. Причината за прекин на издавањето е борбата против незаконските финансиски трансакции (перење пари, даночно затајување, финансирање на тероризам), кои се олеснети поради компактноста и малата маса на големи суми пари во банкноти од 500 евра (за споредба, еквивалентна сума во доларски банкноти со најголем номинал, 100 долари, тежи 6 пати повеќе). Сите банкноти издадени до овој момент ќе продолжат да се користат во оптек и ќе претставуваат законско средство за плаќање.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Банкноти на еврото